У.бр.109/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 236 став 1 точка 4 и став 2 точка 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека „формулациите на наведените законски одредби се недоволно прецизни и јасни и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Затоа што, со ваквото недефинирање на видот и висината на казната што би имало како последица да не може да се стекне услов за стекнување со лиценца во автошколите, со што се повредува и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, се овозможува лицето да трпи последица од недефинирано сторено дело за недефинирана казна и тоа автоматски по сила на закон, а не врз основа на правосилна судска одлука, поради што оспорените одредби не се во согласност во однос на оваа уставна одредба.“

Подносителот на иницијативата понатаму наведува дека „во оспорените одредби не се содржани јасни формулации за тоа кое, односно кои сторени кривични дела предвидени во позитивната кривична регулатива и во вршењето на кои работи можат да претставуваат пречка за исполнување на услов за стекнување со лиценца за автошкола.“

Од наведените причини, се смета дека член 236 став 1 точка 4 и став 2 точка 3 од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 ставови 1 и 2 и членови 51 и 54 од Уставот, како и со Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија, па се предлага поведување на постапка и потоа нивно поништување.

3.а) Судот на седницата утврди дека во членот 234 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016) се пропишува дека „на физичко лице за вршење на работи во автошкола му се издава лиценца и тоа: 1) лиценца за предавач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) (во натамошниот текст: „лиценца за предавач“) и 2) лиценца за возач-инструктор.“

Според член 236 став 1 точка 4 од Законот, чија одредба се оспорува, „лиценца за предавач се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови: …4) не е осудено со правосилна судска пресуда“.

Според член 236 став 2 точка 3 од Законот, чија одредба исто така се оспорува, „лиценца за возач-инструктор се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови: …3) не е осудено со правосилна судска пресуда“.

б) Но, во членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018 од 8 мај 2018 година се определува дека „во членот 236 став 1 точката 4 се брише“ (став 1) и дека „во ставот 2 точката 3 се брише“ (став 2).

Членот 20, како и другите промени на Законот извршени со измените и дополнувањата објавени на 8 мај 2018 година, влегоа во сила „осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (член 95), односно на 16 мај 2018 година.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.“

Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд се предвидува дека „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Од цитираната уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е овластен да одлучува за уставноста на законите кои се во правниот поредок, а од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека доколку постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата.

Со оглед на тоа дека член 236 став 1 точка 4 и став 2 точка 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016) престанаа да важат осмиот ден од објавувањето на членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018), односно на 16 мај 2018 година, Судот утврди дека оспорените одредби не се повеќе во правниот поредок, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, па одлучи да ја отфрли иницијативата согласно на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2017
11 јуни 2018 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски