У.бр.161/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19-а став 1 алинеја 3 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015, 53/2016, 11/2018 и 83/2018).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 19-а став 1 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата формулацијата на законската одредба не била доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, бидејќи недефинирањето на видот и висината на казната, што би имале за последица одземање на лиценца на инспектор, ги повредувале владеењето на правото и принципот на легалитет. Ова од причина што со одредбата се овозможувало лицето да трпи последица за недефинирани сторени кривични дела и за недефинирана казна, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и член 14 став 1 од Уставот.

Правосилноста на пресудата претставувала основ за одземање на лиценцата за инспекторот, но не од суд, туку од Инспекцискиот совет, па кога кривичното дело и казната не биле конкретизирани, одредбата давала можност постоењето на недостојност да може да се оцени и кога е изречена парапенална кривична санкција и ослободување од казна. Овој недостаток на одредбата дозволувал потполна дискреција при одлучувањето, при што поединецот не бил заштитен од самоволно попречување да ја врши функцијата-инспектор. Тоа значело ограничување на правата на граѓаните без уставна основа.

Оттаму, одредбата не била во согласност со: член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот.

Во инцијативата се посочува на уставно-судската практика по предметите У.бр.213/2001, У.бр.121/2002 и 108/2003 и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата, утврди дека, според член 19-а став 1 алинеја 3 од Законот, Инспекцискиот совет е должен да донесе решение со кое на инспекторот ќе му ја одземе лиценцата за инспектор, меѓу другото, во случај ако утврди дека е осуден за кривично дело во врска со службената должност кое го прави недостоен за инспектор и за вршење на работите во инспекциска служба, со денот на правосилноста на пресудата.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните врености на уставниот поредок на република Македонија.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, според член 9 став 2 од Уставот.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во член 32 ставови 1 и 2 од Уставот е определено дека, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 од членот 32 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Судот, тргнувајќи од анализата на оспорената одредба, од аспект на наводите од иницијативата, оцени дека истата не ги повредува уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Имено, во членовите 353 до 362 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017) се содржани сите кривични дела против службената должност заедно со описот на нивните законски битија и запретените казни. Оттаму, неоснован е наводот дека не се знаеле видот на кривичното дело и казната за кои би следувало одземање на лиценцата за испектор. Притоа, само осудителна пресуда, но не и ослободителна, како што погрешно наведува подносителот на иницијативата, може да биде основ за одземање на лиценцата, од причина што при донесување на ослободителна пресуда лицето не се утврдува за виновно. Инаку, во овој случај е предвидено одземање на лиценцата од страна на Инспекцискиот совет, или органот што ја издава лиценцата (член 16-а став 1 точка 12 од Законот), токму врз основа на осудителна правосилна пресуда, донесена од суд и тоа со денот на правосилноста на пресудата.

Судот, исто така, имаше предвид дека сторено кривично дело против службената должност, кое најчесто се карактеризира со: искористување на службената положба, пречекорување на границите на службеното овластување, неизвршување на службената должност, прибавување на имотна корист при вршење на службена должност и слично го прави лицето, носител на јавна функција, недостојно за вршење на таа функција, па осудата со правосилна пресуда има за последица одземање на лиценцата за инспектор.

Од направената анализа произлегува дека оспорената одредба е во согласност со: член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.161/2017
20 јуни 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски