У.бр.162/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 244 ставови 3 и 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016 и 83/2018).

2. Сојузот на здруженија на возачи и инструктори, автошколи и учесници во сообраќајот „АМС АР-ДИ“ Скопје и Стопанската комора на Северо-Западна Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба противуставно се вршела забрана – ограничување на граѓаните за вршење на работа и слободен избор на вработување и достапност секому на секое работно место во смисла на член 32 ставови 1 и 2 од Уставот. Исто така, со оспорениот член се повредувале и членот 9 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија бидејќи од наведените уставни одредби произлегувало дека правото на еднаквост се предвидува како темелна вредност за остварување на сите граѓански слободи и права и во својата суштина ги негира дискриминацијата, привилегиите и повластувањата по основ на социјално потекло и општествена положба.

Меѓутоа, лицата наведени во оспорената одредба на член 244 став 3 од Законот биле дискриминирани во однос на сите други вработени граѓани во Република Македонија, затоа што не смееле да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, само затоа што се наоѓале во роднински врски со своите најблиски. Поради оспорената законска одредба на испитниот центар не му била обезбедена уставно загарантираната слобода и еднаква правна положба на пазарот и претприемништово, како што ја уживале другите правни субјекти во Република Македоија, а во смисла на член 55 ставови 1 и 2 од Уставот.

Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека, и член 244 став 4 од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што оваа одредба била нејасна и непрецизна, затоа што лицата од ставот 3 на овој член морале да потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси со што се повредувал принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Ова, дотолку повеќе што во член 3 став 2 од Законот за спречување на судир на интереси децидно биле наведени лицата кај кои би постоел судир на интереси, што значело дека наведените лица од член 244 став 3 од Законот за безбедност на патиштата на сообраќајот, не можеле да се подведат под одредбата на член 3 став 2 од Законот за спречување на судир на интереси, како што предвидува оспорениот член 344. Во поткрепа на овие наводи, подносителот на иницијативата упатува и на член 18 став 1 од овој закон, според кој службеното лице не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавните претпријатија, агенции, фондови и сите други организациони облици со доминантен државен капитал, освен каде што е утврдено со закон. Оттука, според иницијативата, испитните центри не биле во доминантен државен капитал, туку истите биле во приватен капитал, поради што не ги обврзува одредбите од наведениот закон за спречување на судир на интереси.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да ги поништи оспорените ставови 3 и 4 на член 244 од Законот и истовремено предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член од Законот, а во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016) се предвидува дека:

(1) За вршење на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, испитниот центар задолжително треба да ги исполнува следните услови за работа:

– да има стручен кадар,
– да има организација на работа,
– да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети,
– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопсвтеност на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи,
– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и
– да има возила од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно одредбите од овој закон.

(2) Подружницата на испитниот центар задолжително треба да ги исполнуваат следните услови за работа:

– да има уредни простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети,
– да има сообраќаен автодром (полигон) кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи и
– да имаат информатичка опрема за вршење на работи.

(3) Основачот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до трет степен се основачи или вработени во автошкола.

(4) Лицата од ставот (3) на овој член потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси согласно посебен закон која претставува дел од досието во испитниот центар.

(5) Министерството за внатрешни работи го определува бројот и местото на подружниците на испитниот центар со пријавно и испитно место, според бројот на кандидати за возачи.

4. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016 ), ги уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки за безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконските прописи (член 1).

Членот 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е поместен во глава VI ,со наслов: „Кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачка дозвола“ и точка 3. “Испитен центар” и потточка 3.1. “Основање и работа на испитниот центар”.

Оспорениот член 244 од Законот предвидува:

(1) За вршење на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, испитниот центар задолжително треба да ги исполнува следните услови за работа:

– да има стручен кадар,
– да има организација на работа,
-да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети,
– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопственост на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи,
– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и
– да има возила од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно одредбите од овој закон.

(2) Подружницата на испитниот центар задолжително треба да ги исполнуваат следните услови за работа:

– да има уредни простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети,
– да има сообраќаен автодром (полигон) кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи и
– да имаат информатичка опрема за вршење на работи.

(3) Основачот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до трет степен се основачи или вработени во автошкола.

(4) Лицата од ставот (3) на овој член потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси согласно посебен закон која претставува дел од досието во испитниот центар.

(5) Министерството за внатрешни работи го определува бројот и местото на подружниците на испитниот центар со пријавно и испитно место, според бројот на кандидати за возачи.

Меѓутоа, по поднесување на иницијативата, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 2 мај 2018 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија “ бр.83/2018 од 8 мај 2018 година.

Во член 25 став 2 од овој закон, се предвидува дека ставот 3 на членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се менува и гласи:

“Основачот, сопственикот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до прв степен, се основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно подружница која врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит.”

Со член 25 став 3 од истиот закон се предвидува дека во ставот 4 на членот 244, зборовите: “согласно со посебен закон” се заменуваат со зборовите: “заверени на нотар.”

Согласно членот 95 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018), овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Од причина што наведениот закон е објавен во службеното гласило на 8 мај 2018 година, истиот во смисла на членот 95 од Законот влегува во сила на 15 мај 2018 година. Оттука, со влегување во сила на наведениот закон, оспорените ставови 3 и 4 на членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со оглед на нивните измени, не се повеќе во правниот поредок, односно со нивната изменета содржина не може да бидат предмет на уставно-судска анализа vis a vis наводите во поднесената иницијатива.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Поради променетата фактичка и правна состојба на работите по предметот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, од причина што оспорените ставови 3 и 4 од членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со измените на Законот во целост се променети и се надвор од правниот промет.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.162/2017
30 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски