Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:
а) член 55 став 2, член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) и
б) член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”;
– член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице“ и
– член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016 и 142/2016).
2. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата член 55 став 2 и член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат биле во спротивност со членот 9 и членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Во иницијативата е наведено дека диференцирањата и повластувањата се недозволени да се вршат врз основа на имотна состојба на странки според членот 9 од Уставот на Република Македонија кој член гарантира еднаквост на граѓаните и членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи на едни субјекти им се обезбедува поповолна положба во однос на другите само врз основа на вршење на дејност а со цел да им се обезбеди материјална корист на адвокатите затоа што овие услуги адвокатите не ги давале бесплатно, со што им се оневозможувала на странките правото на еднаквост и на слободен избор дали имале потреба од помошник или не.
Имено, членот 69 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат бил во колизија со член 50 став 2 од Уставот со која одредба се гарантрала судска заштита на поединечни акти на државните органи и која заштита не може да биде ограничена со било кое законско решение. Ваквото законско решение со наведување на задолжителен субјект на асистенција при заштита на правата на странки им овозможува на адвокатите материјална корист од странките бидејќи адвокатите според адвокатските такси своите услуги не ги наплаќале.
Понатаму, во иницијативата се оспоруваат и следните одредби од Законот за извршување, и тоа: членот 28 став 1 втора реченица, членот 86 став 1 втората реченица и член 87 став 1 втората реченица.
Подносителот на иницијативата наведува дека со членот 86 став 1 и членот 87 став 1 од Законот за извршување се прави диференцирање на странките соред имотна состојба која е недозволено да се врши до и над 10.000 евра и било спротивно на член 9 и член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека со ваквите законски решенија поскапувале нотарските услуги и трошоци на извршната постапка, се нарушува правото на странките на слободен избор дали имаат потреба од полномошник или не. Оттаму, за да престане неосновано збогатување на адвокатите со нотарски и извршни постапки на сметка на странките со непотребни и противуставни задолжувања, подносителот на иницијативата смета дека е оправдано да се донесе времена мерка.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и да се донесе времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 55 став 2 од Законот за нотаријат се предвидува дека правната исправа од ставот (1) на овој член задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку една од странките е Република Македонија. Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, а доколку вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис.
Во член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот се предвидува дека:
(2) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:
– за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари, – за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.
(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е над 10.000 евра.
4. Судот понатаму утврди дека според член 28 став 1 од Законот за извршување, барање за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.
Согласно член 86 став 1 од Законот, приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.
Според член 87 став 1 од истиот закон, жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.
5. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 и член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).
Во образложението од наведеното решение, Судот го утврдил следново:
„Во врска со наводите истакнати во иницијативите дека наведените финансиски правни лица во оспорениот член 55 став 2 од Законот, биле ставени во привилегирана положба, не само спрема граѓаните на Република Македонија, како физички лица и договорна страна на едно правно дело, туку и спрема другите правни лица, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што во случајов задолжителното присуство на адвокат во постапка пред нотар при составување на нотарски акти и потврдување на приватните исправи не се однесува само кога како учесници во постапката пред нотар се јавува Република Македонија, банки, осигурителни друштва или лизинг компании, односно за овие субјекти не е потребно присуство на адвокат, од причина што во случајов се работи за правна работа за која според Законот за нотаријат не е задолжително постоење на нотарски акт кој треба да се потврди кај нотар, поради што и не е нужно присуство на адвокат, а во зависност на вредноста на правната работа, која определба е во надлежност на законодавецот кој креира норми.ВВПо однос на наводите во иницијативите дека во оспорените законски одредби каде се врши определување кај кои правни лица има исклучок за обврска за ангажирање на адвокат, според Судот, не се основани и не е сторена повреда на членот 9 од Уставот на Република Македонија, односно не се доведуваат наведените правни лица во привилегирана положба, како што се наведува во поднесените иницијативи. Ова од причина што, Судот оцени дека не постои во овој случај дискриминација и доведување во нееднаква правна положба на останатите правни лица и граѓани од причина на што сите правни лица немаат ист – еднаков општествен статус од причина што не вршат иста дејност. Во случајов се работи само за правни лица кои вршат дејност од областа на финансиите, поради што имаат и различен, поинаков третман со Законот за нотаријатот, од другите правни лица. Имено, не може да стане збор за нееднаквост, бидејќи за да има еднаквост во правата, правните и други лица треба да имаат и еднакво статус, што не е случај со конкретните оспорени законски одредби.
Наведеното уредување во член 68 од Законот,со кој се предвидува наведениот акт во ставот 2 да ги составува адвокат веќе погоре е елабориран во рефератот. Меѓутоа, по однос на став 3 од член 68 од Законот, сметаме дека, не стојат наводите во иницијативата, а особено во иницијативата на ЈП „Комуналец“ од Кичево, од причина што, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарувањата кои произлегуваат од наведените комунални услуги директно да се поднесува кај нотарот, е со цел зголемување на ефикасноста на постапките со што се обезбедува поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица, како и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар.
Анализирајќи го ставот 3 на членот 68 од Законот, во контекст со наводите во иницијативите, Судот утврди дека истиот не е во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапката, што е едно од основните начела за постапката кон што тежнее и целиот правосуден систем и истовремено ќе се намали бројот на судски постапки, со што ќе се остваруваат, односно побрзо реализираат побарувањата на доверителите. Според Судот, ова е и уредено и предвидено во меѓународните акти на кои се упатува во иницијативите, односно со наведените оспорени одредби од Законот за нотаријат се врши поедноставување,забрзување на постапките со цел правилно функционирање на внатрешниот пазар, добро функционирање на постапките заради потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови, од причина што јасно е дека задоцнетото плаќање на долговите е причина за неликвидност која е опасност за опстанувањето на компаниите. Оттука, на овој начин како е уредено во оспорените одредби од Законот се овозможува решавање на проблемите со масовната наплата на неспорните побарувања, што е и основна цел на Законот.
Во иницијативата, исто така, по однос на овој член 9 од Законот се упатува на околноста дека и во овие постапки се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Според Судот, од анализата на целината на Законот за нотаријатот, неспорно произлегува дека во постапката пред нотарот се применуваат одредби од Законот за парничната постапка. Но, во членот 81 од Законот за нотаријатот децидно се наведува дека во постапката за издавање на нотарски платен налог во недостаток на одредби од овој закон, и за измена, соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека оспорениот член 68 од Законот за нотаријатот е јасен и прецизен, со точно утврдени права и обврски, Судот оцени дека не постои недостаток на одредби поради што не може да стане збор за примена на одредби кои регулираат, односно уредуваат постапка согласно Законот за парнична постапка. “
Според Судот, причините и аргументите изнесени во новоподнесената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решението У.бр.141/2016, поради што Судот оцени дека нема основи повторно да одлучува за истата работа иницирана со сега поднесената иницијатива поради што во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба.
Поаѓајќи од изнесената уставно-судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон со Уставот, од аспект на член 47 став 1 од Уставот, а со тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно не може од овој аспект уставно да се проблематизираат бидејќи не биле во согласност со Уставот, а со тоа не се повредува слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на оспорените акти и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд, со своја Одлука У.бр.135/2016 од 24 јануари 2018, ги укина член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”; член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице и член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016). Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2018 од 08.02.2018 година, од кој датум наведените одредби од Законот повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.
Со оглед на фактот дека наведените делови на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот, кои се оспоруваат со оваа иницијатива, повеќе не се во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот за извршување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.18/2018
22 мај 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски