Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 46 став 1, во делот:„надоместок за администрирање, член 46 став 2, во делот: „цената на администрирање“ и член 46 став 4 точка 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).
2. Здружението за заштита на граѓанските права „НО ПАСАРАН“ – Скопје, Здружението на граѓани на текстилната, кожарската и чевларската индустрија “ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ”-Штип и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 46 од Законот за извршување, на извршителите им било овозможено за една иста работа двојно да наплатуваат, еднаш како надоместок за администрирање, а вторпат како награда за спроведени дејствија, што било спротивно на принципот на владеењето на правото предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Подносителите на иницијативата сметаат дека администрирањето било давање услуги, а дејствието е материјалниот и реалниот елемент на администрирање.
Администрирањето било исполнување на голем број на дејствија и оттука, не можело да се наплатува еднаш за целокупноста и уште еднаш за секое поединечно спроведено дејствие.
Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените ставови на членот 46 од Законот за извршување.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 46 од Законот се предвидува :
„(1) Извршителот за извршените дејствија има право на:
– надоместок за администрирање,
– надоместок за спроведените дејствија и
-награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.“
(2) Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување.
(3) Доколку доверителот не ги плати трошоците за преземање на поединечни дејствија во рок од 30 дена од денот кога извршителот ќе го задолжи доверителот за плаќање на истите, извршителот со заклучок ќе го запре извршувањето.
(4) Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми:
1) цена на администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа;
2)цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и
3) награда на извршителот за извршените дејствија -реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа:
– кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување,
– кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Ако вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа, наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на пресметувањето.
(5) Вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот.“
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијтивата.
По повод претходно поднесена иницијатива, Судот веќе одлучувал за уставноста на целиот член 46 од Законот за извршување, односно ги ценел во целина сите ставови од овој член, поточно ставовите 1, 2, 3, 4 и 5 од член 46 од Законот за извршување.
Имено, со Решение У.бр.143/2016 од 27 септември 2017 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на целината на член 46 ставови 1 и 4 од Законот (предмет на сега поднесената иницијатива). Според ставот на Судот со оспорените законски решенија не се доведувале во прашање темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, како и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста на наведените ставови 1 и 4 од член 46 од Законот за извршување, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијатива поради пресудена работа, односно поради res judicata.
По однос на ставот 2 на членот 46 од Законот за извршување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата во овој дел од причини што истиот не е повеќе во правниот поредок, бидејќи Судот со Одлука У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година го укина член 46 став 2 од Законот за извршување, од причини што истиот не е во согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија на кои и сега се укажува во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.25/2018
22 мај 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски