У.бр.34/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 2 и член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015).

2. Здружението за заштита на граѓанските права „НО ПАСАРАН“ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинската енергија им се одземало правото на потрошувачите да ја изразат својата слободна волја за склучување на договор што било спротивно на член 18, член 20 став 2 и член 62 став 1 од Законот за облигационите односи како и со член 22 од Законот за енергетика.

Оспорениот член 53 став 2 од наведените правила, бил донесен од надлежен орган – регулаторна комисија за енергетика врз основа на членот 28 од Законот за енергетика. Меѓутоа според тврдењата во иницијативата од анализата на одредбите на важечкиот закон за енергетика, произлегувало дека во Законот не била утврдена обврска за плаќање надомест за топлинска енергија од страна на лицата кои живеат во колективните објекти за домување, а кои престанале да бидат корисници на топлинска енергија заради исклучување на грејниот простор од дистрибутивниот систем, од каде произлегувало дека ваквата обврска, односно должност за овие исклучени потрошувачи да плаќаат дел од надоместокот за топлинска енергија (дел за ангажираната моќност кој е фиксен дел ) претставувало обвска која наместо со закон била утврдена со подзаконски акт што било во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија како и со членот 28 од Законот за енергетика.

Понатаму со иницијативата се наведува дека член 9 став 2 од оспорените правила бил спротивен со членовите 18, член 20 став 2 и член 62 став 2 од Законот за облигационите односи, поради што се предлага оспорените членови од наведените правила да се укинат.

3. Судот на седницата утврди дека во член 9 од Правилата за снабдување со топлинска енергија се предвидува:

(1) Потрошувачите се должни да склучат Договор за снабдување со топлинска енергија со снабдувачот, и должни се да ја пријават секоја промена во снабдувањето со топлинска енергија, односно да се одјават кај снабдувачот како потрошувач на топлинска енергија.
(2) Потрошувачите што не склучиле Договор со снабдувачот од било кои причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле Договор за снабдување со топлинска енергија.
(3) Обврска за плаќање на надоместокот за топлинска енергија за потрошувачите настанува со денот на отпочнување на користење на топлинска енергија.
(4) Потрошувачите кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај снабдувачот, а се затекнати дека користат топлинска енергија во грејна сезона, ќе бидат задолжени со надоместок за топлинска енергија за период од една година, а најмалку за период од почетокот на тековната година.
(5) Потрошувачите кои не се одјавиле кај снабдувачот ќе бидат задолжувани се додека истото не го сторат.
(6) Задолжението со надоместок за топлинска енергија од став 4 и став 5 од овој член се врши по цена која важела во периодот на настанот.

Согласно член 53 од наведените правила:

(1) Во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект.
(2) Исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
(3) Доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот со Решение У.бр. 125/2012 донесено на 22.05.2013 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилата за снабдување со топлинска енергија, во целина, и посебно на повеќе одредби од правилата, меѓу кои, и за сега оспорениот член 9 став 2 и член 53 став 2. Имено,според образложението на Решението, со Правилата е предвидена можност и поединечен потрошувач во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, по свое барање, да се исклучи од дистрибутнивниот систем, меѓутоа, во тој случај, се бара претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи во тој колективен објект (член 53 став 1). Исто така, се предвидува вака исклучените потрошувачи да плаќаат одреден надоместок за користење на топлинска енергија (член 53 став 2).Имено, во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинската енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинската енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од прилкучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник

Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Со Решение У.бр. 197/2012 од 11.09.2013 година и Решение У.бр.80/2013 од 22.01.2014 година, Судот ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 9 и член 53 од Правилата, поради исполнување на условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува уставноста и законитоста на член 9 став 2 и член 53 став 2 од Правилата, vis a vis одредбите од Уставот и членовите од Законот за енергетика и членовите од Законот за облигационите односи, по кои Уставниот суд со погоренаведените решенија веќе се произнел, поради што, според Судот, од наводите во иницијативата не произлегуваат основи за поинакво одлучување, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, а во состојба на пресудена работа, односно res judicata.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.34/2018
22 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски