У.бр.74/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката број 08-392/3 од 19.06.2017 година за распишување на референдум на локално ниво („Службен гласник на Општина Дојран“ број 6/2017) донесена од Советот на Општина Дојран,

– Одлуката број 08-464/4 од 5.07. 2017 година, за измена и дополнување на Одлуката број 08-392/3 од 19.06.2017 година, за распишување на референдум на локално ниво („Службен гласник на Општина Дојран“ бр.7/2017), донесена од Советот на Општина Дојран, и

– Одлуката бр.08-428/3 од 27.06.2017 година за измена и дополнување на Одлуката број 08-392/3 од 19.06.2017 година,за распишување на референдум на локално ниво, донесена од Советот на Општина Дојран.

2. Градоначалникот на Општина Дојран, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, поради следниве причини:

– Законот за референдум и други облици на напосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005) во членот 2 предвидел дека референдумот бил облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Во член 36 став 2 од овој закон, било предвидено дека Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.

– Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во член 28 став 1 предвидел дека граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Според ставот 3, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива.

Во иницијативата се наведува дека од изнесените законски одредби недвосмислено произлегувало дека Советот на Општината Дојран можел да распише референдум за прашања од негова надлежност за кои со закон бил овластен да одлучува, а не и за прашања за кои не бил со закон овластен да одлучува, како што е во случајов. Имено, отварањето на рудниците и рударските коплекси, вклучително и работата на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“ претпоставувал доделување на концесија за експлоатација кое било исклучиво во надлежност на Владата на Република Македонија и таа веќе имала доделено концесија во локалитетот „Казандол“ согласно член 36 став 2 од Законот за минералните суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016 и 189/2016), со кој било предвидено дека концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија.

Исто така, престанокот на концесијата за експлоатација на минерални суровини било во исклучива надлежност на Владата на Република Маккедонија, согласно членовите 50 и 51 од наведениот закон.

Со иницијaтивата се укажува и дека во надлежност на Министерството за економија било издавањето на дозвола за експлоатација на минерални суровини, а Министерството за транспорт и врски било надлежно за издавање одобрение за градба на градби од прва категорија од значење за Република Македонија, во кои се градбите на рударските комплекси.

Врз основа на изнесеното, оспорените одлуки донесени од Советот на Општина Дојран не биле во согласност со членот 2 и членот 36 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со член 28 ставови 1 и 3 и членот 51 став 2 од Законот за локална самоуправа, а со тоа и со член 51` од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените Одлуки како несогласни со Устав и закон и се предлага Судот до конечното одлучување да донесе времена мерка со запирање на извршување на оспорените одлуки односно поединечните акти или дејствија што се преземени врз нивна основа.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Дојран, на седница одржана на 19.06.2017 година ја донел Одлуката за распишување на референдум на локално ниво. Со членот 1 од оваа одлука е утврдено дека се распишува референдум за подрачјето на Општина Дојран заради изјаснување на граѓаните за отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Дојран.
Според членот 2, на референдумот на локално ниво граѓаните на општина Дојран ќе треба да се изјаснат за прашањето:

„Дали сте ЗА или ПРОТИВ, отварање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Дојран“.

Во членот 3 од Одлуката е наведено дека целта на референдумот е дали граѓаните ќе одлучат да се отворат рудници и рударски комплекси за експлоатација на металични минерални суровини на компаниите коишто на територијата на Општина Дојран вршат или ќе вршат детални геолошки истражувања.

Според членот 4, одлуката за референдум ќе се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број кои што гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список на општина Дојран. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Во членот 5 од Одлуката е определено дека доколку на референдумот граѓаните се изјаснат ПРОТИВ по референдумското прашање за отварање на рудниците, Советот на Општина Дојран ќе ги извести надлежните државни органи за поништување на веќе започнатите и идните постапки за добивање концесија за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на општина Дојран.

Во членот 6 од Одлуката е утврдено дека референдумот ќе се одржи на 23 јули 2017 година, а гласањето ќе се спроведе во период од 07 до 19 часот, а според членот 7, референдумот ќе го спроведе Општинската изборна комисија на Општина Дојран и општинските избирачки одбори.

Според членот 8, средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат со ребаланс на Буџетот на Општина Дојран за 2017 година.

Со членот 9 е утврдено дека еден примерок на оваа одлука треба да се достави до Државната изборна комисија во Скопје, за навремено доставување на Упатство за подготовка, организирање и спроведување референдумот на локално ниво во општина Дојран.

Според членот 10, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Дојран“, а ќе биде објавена во средствата за јавно информирање, на огласната табла во општина Дојран, како и на веб страната на Општина Дојран.

Одлуката е заведена со број 08-392/3 од 19.06.2017 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Дојран“ бр.6/2017 од 27.06.2017 година.

По донесувањето на цитираната Одлука од 19.06.2017 година, Советот на Општина Дојран на седница одржана на 5.07.2017 година донел Одлука број 08-464/4 за нејзина измена и дополнување.

Според членот 1, со оваа одлука се врши измена и дополнување на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво бр.08-392/3 од 19.06.2017 година. Измените се однесуваат на членовите 2, 3 и 5 од наведената одлука.

Со членот 2, се утврдува измена на членот 2 од првонаведената одлука, и таа гласи:

„На референдумот на локално ниво граѓаните на Општина Дојран ќе треба да се изјаснат за две прашања:

1. Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“, и

2. Дали сте ЗА или ПРОТИВ отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран“.

Со членот 3 се утврдува измена на членот 3 од Одлуката и таа гласи:

„Изјаснувањето по референдумското прашање од членот 2 под точка 1 од оваа одлука се спроведува со цел граѓаните од подрачјето на Општина Дојран да одлучат дали ќе продолжат со работа рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“, кој дел зафаќа и од територијата на Општина Дојран.

Изјаснувањето по референдумското прашање од членот 2 под точка 2 од оваа одлука, се спроведува со цел граѓаните од подрачјето на Општина Дојран да одлучат дали ќе дозволат да се отворат рудници и рударски комплекси од отворен тип на експлоатација на металични минерални суровини на компаниите кои што на територијата на Општина Дојран вршат или ќе вршат детални геолошки истражувања“.

Со членот 4 се утврдува измена на членот 5 од Одлуката и таа гласи:

„Доколку на референдумот граѓаните се изјаснат против првото прашање, продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“, Советот на Општина Дојран ќе ги извести сите надлежни државни органи за донесената одлука и за поништување на даденото позитивно мислење за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“, Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран, издадено од страна на градоначалникот на општината.

Доколку на референдумот граѓаните се изјаснат против по второто прашање, за отварање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран, Советот на Општина Дојран ќе ги извести надлежните државни органи за поништување на веќе започнатите и идните постапки за добивање концесија за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран“.

Според членот 5, еден примерок од оваа Одлука да се достави до Државната изборна комисија во Скопје за навремено доставување на Упатство за подготовка, организирање и спроведување референдум на локално ниво во Општина Дојран.

Според членот 6, оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Дојран“, а ќе биде објавена во средствата за јавно информирање, на огласната табла во општина Дојран, како и на веб страницата на Општина Дојран.

Одлуката е заведена со број 08-464/4 од 5.07.2017 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Дојран“ бр.7/2016 од 6.07.2017 година.

Треба да се има во предвид дека и во овој случај, градоначалникот на Општина Дојран првично го запрел објавува­њето во „Службен гласник на Општина Дојран“, на една претходно донесена Одлука број 08-428/3 од 27.06.2017 година на Советот на Општина Дојран која се однесувала за предметните измени и дополнувања на Одлуката од 19.06.2017 година.

Меѓутоа, и покрај тоа што запрената Одлука од 27.06.2017 година не била објавена, со иницијативата и таа се оспорува а е со иста содржина како и оспорената Одлука од 05.07.2017година за измените и дополнувањата која е цитирана.

Поаѓајќи од иницијативата оспорените одлуки од 19.06.2017, 05.07.2017 и од 27.06.2017 година се предмет на постапување и одлучување пред овој суд.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 56 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Согласно ставот 3 на овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според Амандман XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Надлежноста на општините е уредена со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), кој во членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 22 од Законот за локална самоуправа е утврдена листата на надлежностите на општината. Тука спаѓаат:

1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата – мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење;
3. Локалниот економски развој – планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4. Комуналните дејности – снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосфер­ските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5. Културата – институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8. Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогодн и други несрсќи и од последиците предизвикани од нив;
11.Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12. Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13. Други работи определени со закон.

Непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините е уредено со повеќе одредби од Законот за локалната самоуправа во кои се уредени облиците на учество на граѓаните.

Според член 25 од Законот, граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Според член 28 од Законот за локалната самоуправа, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Според ставот 3 на овој член, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот (став 4).

Надлежностите на Советот се утврдени во член 36 од Законот, според кој советот: 1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.

Референдумот како облик на учество на граѓаните во одлучувањето е уреден и со посебен закон – Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на РМ” бр. 81/2005).

Според член 2 од наведениот закон, референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Референдумот на локално ниво е уреден со посебни одредби од Законот (членови 36 – 44):

Според член 36 од Законот, референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Според ставот 2 на овој член, Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.

Согласно член 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.

Во членот 38 од Законот е определено дека референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Така според ставот 1 на овој член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Минералните суровини се предмет на уредување на Законот за минералните суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016).

Според член 4 од Законот, минералните суровини се добра од општ интерес, сопственост на Република Македонија, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат.

Согласно ставот 3 на овој член, од јавен интерес е:
– вршењето на детални геолошки истражувања и експлоатација на енергетските металични, техногените минерални суровини и термоминералните и термалните води и
– кога експлоатацијата на минералната суровина е од стратешко значење и е неопходна за реализација на проекти од јавен интерес утврден со друг закон. Минералните суровини од ставот 3 алинеја 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија.

Во членот 5 од Законот за минерални суровини е определено дека за остварување на целите и насоките за усогласено вршење на геолошките истражувања, експлоатацијата и одржливото искористување на минералните суровини, Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) на предлог на министерот за економија донесува стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини (во натамошниот текст: стратегијата) за период од 20 години. Со стратегијата се определува обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, одржливото искористување и потребите за експлоатацијата на минералните суровини кои се од битно значење за развојот на стопанството на Република Македонија.

Согласно членот 36 од Законот за минералните суровини, право за вршење на експлоатација на минерални суровини се стекнува со добивање на концесија за експлоатација на минерални суровини. Концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: концедент). Право за добивање на концесија за експлоатација има секое правно лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија, а кои ги исполнуваат условите пропишани со овој или со друг закон.

Одредбата од членот 36 понатаму е разработена во членот 45 од Законот, согласно кој одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини ја донесува Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во членот 46 од Законот за минерални суровини е определено дека врз основа на одлуката за доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, концедентот и концесионерот склучуваат договор за концесија за експлоатација на минерални суровини. Во име на концедентот, договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини го склучува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини во рок од 15 дена, сметано од денот на влегувањето во сила на одлуката за доделување на концесијата.

Согласно член 50 од Законот за минерални суровини, во случаите на престанок на важење на концесијата за експлоатација (поради истекот на рокот за кој била дадена концесијата, како и во случај на стечај или ликвидација на концесионерот) Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини донесува одлука за престанок на важење на концесијата за експлоатација.

Владата исто така, одлучува за еднострано раскинување на договорот за експлоатација на минерални суровини согласно членот 51 од Законот.

Според член 53 од Законот, со експлоатација на минерални суровини и изведување на рударски работи може да се започне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација на минерални суровини. Дозволата од ставот 1 на овој член ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во сите постапки уредени со Законот за минерални суровини, определено учество имаат и единиците на локалната самоуправа и тоа учество се состои во давање мислење до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини, кој согласно законот, е должен пред донесување на конечната одлука задолжително да побара мислење и од единицата на локалната самоуправа на чија територија се наоѓаат минералните суровини. Таква обврска е предвидена во член 14 став 4 (Постапка за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања), член 19 став 12 (Проширување на концесија за вршење детални геолошки истражувања), член 26 став 8 (Постапка за издавање на дозвола за вршење на детални геолошки истражувања), член 41 став 4 (Доделување на концесија за екплоатација по пат на јавен повик), член 42 (Доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини по барање од заинтересирано лице), член 43 став 9 (Доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал) итн.

Во однос на надлежностите на локалните власти vis-a-vis централната власт, релевантна е одредбата од членот 4 на Европска повелба за локалната самоуправа, според која локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.

Од наведените одредби на Уставот на Република Македонија произлегува дека референдумот е еден од облиците на остварување на власта на граѓаните и дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок. Уставната положба на локалната самоуправа понатаму е уредена со Амандманот XVII на Уставот, кој ги утврдува областите за кои е надлежна локалната самоуправа, дефинирајќи претходно дека станува збор за прашања од локално значење за кои граѓаните можат да одлучуваат непосредно и преку претставници.

Уставните надлежности на локалната власт понатаму се разработени во Законот за локалната самоуправа кој јасно го утврдува принципот на супсидијарност, определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, произлегува дека правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно на прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.

Во однос на прашањето за експлоатација на минерални суровини, од наведените одредби од Уставот и Законот за минерални суровини произлегува дека минералните суровини како природно богатство претставуваат добра од општ интерес за Републиката кои се во сопственост на Републиката, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат. Значи независно од фактот што минералните суровини се наоѓаат на земјиште што се наоѓа на територијата на единицата на локалната самоуправа, тие се во сопственост на државата, односно Републиката. Токму од тие причини, имајќи го предвид фактот што одделни минерални суровини можат да имаат и стратешко значење за развојот на стопанството, за нивната експлоатација согласно наведените одредби од Законот за минералните суровини, одлучува Републиката односно органите на државната власт, а не органите на локалната самоуправа. Владата е таа која ги определува минералните суровини што се од стратешко значење, таа донесува стратегија за геолошки истражувања и за искористување и експлоатација на минерални суровини, доделува концесија за нивно искористување, дава дозвола за експлоатација на минерални суровини и одлучува за раскинување на договорот за концесија.

Во конкретниот случај по сопствена иницијатива Советот на Општина Дојран со оспорените одлуки распишал референдум за подрачјето на општината заради изјаснување на граѓаните по прашањето за отварање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран.

Иако во одлуките како правен основ за нивното донесување се наведени одредбите од членовите 25 и 28 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6 и 36 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, од одредбите од двата закони неспорно произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа, согласно постојната законска регулатива прашањето за експлоатација на минерални суровини не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство за прашања од областа на минералните суровини.

Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Меѓутоа, Судот смета дека правото на граѓаните на локална самоуправа, односно правото на граѓаните да ја остваруваат власта на локално ниво преку форми на непосредно одлучување како што е референдумот, не е неограничено по својот предмет. Граѓаните во единиците на локалната самоуправа по пат на референдум можат да одлучуваат само за прашања што се од надлежност на општината, во коишто не спаѓа прашањето за експлоатација на минералните суровини и отварање на рудници за нивна преработка. Законското решение за овие прашања да одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство, според оценката на Судот, е оправдано ако се има предвид дека минералните суровини, независно од тоа каде се наоѓаат, се во сопственост на државата, односно Републиката и тие имаат стратешко значење за нејзиниот развиток. Иако конечното одлучување по овие прашања е во надлежност на централната власт, според Судот, постојната законска регулатива од областа на минералните суровини дава можност во целата постапка за доделување на концесии за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини да биде вклучена, односно консултирана и општината која дава мислење на барање на надлежното министерство. Во мислењето што според законот општините се должни да го дадат, тие можат да ги изнесат своите ставови имајќи ги предвид мислењата и интересите на локалната заедница односно локалното население. На овој начин ќе се овозможи државата да го задржи правото за конечно одлучување по прашањата за експлоатација и ископување на минералните суровини земајќи ги во предвид легитимните интереси на локалното население, а истовремено на општината ќе и се даде посилна заштита на нејзиното право на самоуправување.

Од наведеното произлегува дека со оспорените одлуки, Советот на Општина Дојран, спротивно на наведените закони, распишал локален референдум за прашање што не е во негова надлежност, односно за прашање за коешто тој не е овластен со закон да одлучува, со што постапил спротивно на Амандман XVII од Уставот, како и спротивно на членовите 20, 28 и 36 од Законот за локалната самоуправа и на членовите 2, 36 и 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, поради што Уставниот суд утврди дека основано може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.74/2017
2 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски