У.бр.110/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 април 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015). 2. Борис Поповски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорените законски одредби го ставале тужителот во понеповолна положба во однос на тужениот, бидејќи евентуалниот изостанок на тужителот од подготвителното рочиште или од главната расправа, водело дури до присилно повлекување на тужбата на тужителот, за разлика од тужениот за кого практично немало такви последици. При ист услов, односно неоправдан изостанок од подготвително рочиште или главна расправа, тужителот немал еднаков третман со тужениот, што било пример за нееднаквост и класична дискриминација на граѓанинот тужител по основ на социјално потекло и општествена положба. Последиците од неуставноста на оспорените законски одредби, особено биле изразени во работните спорови поради штетата што можела да му биде нанесена на тужителот поради изостанок на подготвителното рочиште или главната расправа, особено кога тужбеното барање на тужителот се однесувало на остварување на право за надомест на штета што му ја нанел тужениот работодавач, што било спротивно на социјалната правда и солидарност за која зборувал Уставот.

Поради наведеното оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 и член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 277 став 1 од Законот за парничната постапка, ако на подготвителното рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправда, тужбата се смета за повлечена, ако со тоа се согласил тужениот, а ако тужениот не е присутен, тужбата ќе се смета за повлечена ако во рок од осум дена по приемот на известувањето за повлекувањето не се изјаснил дека на тоа се противи.

Судот, утврди и дека според оспорениот член 280 став 1 од Законот, ако на првото рочиште за главна расправа, како и на некое подоцнежно рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправдал, тужбата се смета за повлечена согласно со член 277 став 1 од овој закон.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на одредбите од Законот за парничната постапка, кои сега се оспоруваат со иницијативата.

Имено, со Решение У.бр.216/2011 од 12.12.2012 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

Со иницијативата по тој предмет, подносителите ги оспорувале законските одредби како спротивни со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 9 став 1 и член 50 од Уставот, со наводи дека оспорените законски решенија не давале можност за еднаков пристап на странките (граѓаните) пред судот, во остварувањето на нивните граѓански права и обврски, во искористувањето на правото на судска заштита, загарантирано со Уставот, како и дека со оспорените законски решенија се нарушувал принципот на контрадикторност на постапката, како едно од основните начела на судската постапка.

Според ставот на Судот изразен во Решението У.бр.216/2011 од 12.12.2012 година, изостанокот на странките, уредно поканети, како во фаза на подготвително рочиште, така и во фаза на рочиште за главна расправа, а не го оправдале своето отсуство, било основ за повлекување на тужбата, по нивна вина и причина. Но, тоа не значело дека тужителот не можел  повторно да поднесе тужба и да си ги оствари своите права во повторна постапка, бидејќи повлечена била само тужбата, со што тужбеното барање можело да се обнови со нова тужба пред судот.

5. Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на оспорените одредби од член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот за парничната постапка, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.110/2017
18 април 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Македонија
Никола Ивановски