Издвоено мислење по предметот У.бр.47/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.47/2009 од 9 септември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој, на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност, му се запира исплатата на пензијата. Мнозинство судии оцени дека не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето на правото на лична пензија, а не со користење на пензијата, да им мирува користењето на пензијата. Ова законско решение, според мислењето на мнозинство судии, не излегува од уставните рамки според кои законодавецот ја уредува сферата на пензиското и инвалидското осигурување, водејќи сметка за социјалната сигурност и за социјалната правда на осигурениците, како и за обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, односно со истото не се повредуваат начелата на владеење на правото и социјалната праведност утврдени со член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот.

Не се согласувам со ова мислење.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Според член 32 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување. Ова се две посебни уставни права коишто се остваруваат во согласност со закон и колективни договори и, од гледиште на Уставот, остварувањето на едното не зависи од остварувањето или неостварувањето на другото. Се разбира, придонесот за пензиското и инвалидското осигурување секако произлегува како обврска од платата што се остварува по основ на работа, но со Уставот ниту правото на работа им се ограничува на лица што оствариле некое право од социјално осигурување, ниту користењето на остварено право од социјално осигурување (не: социјална помош) им се ограничува на лица кои го остваруваат правото на работа, или по основ на некоја друга околност.

Оттука, кога едно лице остварило право на пензија во согласност со условите утврдени со закон, тоа всушност остварило едно уставно право од социјално осигурување кое што му припаѓа безусловно. Со оспорената одредба од Законот, напротив, тоа уставно право остварено во согласност со закон, се ограничува со стекнување на определен статус во рамките на остварувањето на правото на работа, што не може да произлезе како концепција на Уставот. Впрочем, Уставниот суд во неколку наврати го истакнал своето сфаќање дека остварувањето на правата и обврските што произлегуваат од еден статус, не може да влијаат врз остварувањето на правата во друг статус. Во овој случај постои двојна повреда на Уставот, како во однос на правото на социјално осигурување, така и во однос на правото на работа, коешто го опфаќа и вршењето на самостојна дејност.

Мнозинството судии го премостува или посредува овој директен однос помеѓу две уставни права, со разлози на социјална правда во сферата на обезбедувањето на социјалната сигурност на граѓаните. Меѓутоа, прво, мора да се води сметка дека во случајов не се работи за социјалната функција на државата од член 35 од Уставот, туку за уставно право што произлегува и се остварува од социјалното осигурување во смисла на член 34 од Уставот. Без оглед на важноста на принципите на заемност и солидарност за системот на осигурувањето, правото на пензија има личен карактер и определивост според времетраењето и висината на придонесите и е, така да се рече, заработено.

Компонентата на придонес во системот на осигурување е клучна за постоењето на правото на пензија во одредена висина, а законската норма дека тоа ќе се оствари кога ќе бидат исполнети законските услови, поставува сериозна обврска од аспект на заштита на легитимните очекувања и правната сигурност како елементи на принципот на владеењето на правото. Во овој контекст, ограничувањето на остварувањето на правото на пензија што е остварено на законски начин, директно го повредува овој принцип. Второ, мерата на социјалната праведност што го оправдува ограничувањето, според мислењето на мнозинство судии, се наоѓа во фактот што овие лица на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност. Ваквиот начин на ставање на товарот за одржување на стабилноста на пензискиот систем врз грбот на лицата што можат и сакаат да работат, покрај тоа што го повредува уставното право на работа, е дискриминирачки и непропорционален, затоа што го ограничува правото на пензија само на оние лица што остваруваат приходи од труд од работен однос и вршење самостојна дејност, а не и од капитал, имот, имотни права и друг вид на работа (на пример договор за дело). Ако обезбедувањето на социјалната сигурност на друг начин е основот за оправданоста на ограничувањето, тешко дека може да се објасни зошто и приходите од овие извори, кои што може да бидат многукратно повисоки од плата, не би биле основ за ограничување на пензијата. Во овој контекст, ограничувањето на правото на работа добива засилен интензитет, затоа што се попречува работното ангажирање кое би било насочено кон подобрување на социјалната сигурност на корисникот на пензија кој, освен трудот, нема друг капитал како извор на приход.

Врз основа на изнесеното, сметам дека Судот требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на означената одредба од Законот.

Скопје, 18.09.2009

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.47/2009