Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.53/2009 од 9 септември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение Судот ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници, односно припадниците на судската полиција, донесени од Владата на Република Македонија. Претходно, Судот со Решение од 17.06.2009 поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на овие одлуки, поради следните принципиелни разлози:
“Во конкретниот случај, интенцијата за зголемување на платите на судската администрација Владата ја реализира преку различното вреднување на бодот по категории на вработени, на кој начин посредно се врши и менување на бодовите на судската администрација кои со закон се утврдени и кои можат само со закон да се менуваат. Судот го разбира потегот на Владата за зголемување на платите на судската администрација, но ваквиот начин на корекција на платите излегува од границите на нејзините овластувања. Ова од причини што вака утврдената вредност на бодот во одлуките, која вредност е различна за различни работни места, влијае на зголемувањето или намалувањето на бодовите, односно на измена на системот на платите утврден со закон што е законско прашање, со што се доведува во прашање правната сигурност на работниците, кое нешто е спротивно на принципот на владеењето на правото и принципот на поделбата на власта преку надминување на овластувањето што го има Владата според законот“.
Во решението за запирање на постапката, оваа принципиелна основа за поведување на постапката се игнорира, и како основи за запирањето се наведуваат еден слаб и еден вонправен аргумент.
Прво, се наведува дека Судот доплнително утврдил дека оспорените одлуки имаат темпорален карактер. Меѓутоа, ниту одликите имаат темпорален карактер, ниту, и кога би го имале, тоа би било релевантно. Ова затоа што со одлуките платите на вработените се превреднуваат во календарската 2009, но ефектите од одлуките се трајни, имено така утврдената плата на вработените се исплатува во неопределен период во иднина. Дури и ако тие би биле темпорални, 2009 година се уште не е истечена и Судот нема основ да ја одбие оцената на нивната уставност и законитост. Во секој случај ваквите наводи во Решението на ниеден начин не влијаат на ставот дека платите може да се утврдуваат со закон, а не со подзаконски акти.
Вонправниот аргумент е откритието дека причината за различно утврдување на вредноста на бодот за платите (која што мора да биде иста, а разликите да произлезат од различниот број на бодови за различни работни места утврден со закон) се должи на интенцијата за правично зголемување на платите на судската администрација и за усогласување на нивната положба со вработените во државната администрација. Меѓутоа, интенцијата на овие одлуки не беше тајна при поведувањето на постапката, а Судот изречно ја констатира во решението и изрази разбирање за неа, меѓутоа одби да ја прифати како правен аргумент од влијание врз одлучувањето коешто се засноваше врз почитување на принципот на поделбата на власта. Добрата намера не може да го поткопа важењето на еден таков принцип како што е поделбата на власта.
Сметам дека наведените основи за запирање на постапката не се релевантни за да се тврди дека отпаднале основите за поведување на постапката и се неприфатливи за да го изменам принципиелниот став по прашањето за важноста на заштитата на принципот на поделбата на власта како темелен принцип на уставниот поредок на Република Македонија.
Скопје, 18.09.2009
Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски