Издвоено мислење по предметот У.бр.125/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, во делот за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 53 став 2 од Правилата за топлинска енергија, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012).

Со оглед дека не се согласувам со аргументите изнесени во Решението за неповедување на постапка за наведената одредба од Правилата, кои беа прифатливи за мнозинството судии, го изнесувам својот став по ова прашања, раководејќи се од следното:

Со донесување на наведеното решение, Уставниот суд отстапи од својата досегашана уставно судска пракса во врска со ваков случај, без за тоа да постојат аргументи и образложени причини.

Имено, Уставниот суд на Република Македонија со Oдлука У.бр.148/2008 од 4 февруари 2009 година, го укина членот 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.15/1998 и 9/2002) донесени од Советот на Град Скопје, со образложение дека во случајов со закон не била утврдена обврска за плаќање на надоместок од страна на лицата кои не се корисници на топлинска енергија поради исклучување од енергетскиот систем, а воедно во правниот поредок на Република Македонија кога е во важност нов Закон за енергетика од 2006 година, според кој во рок од три години од неговото влегување во сила ќе треба да се донесат прописите предвидени со овој закон се уште се применуваат прописи кои не се усогласени ниту со Законот за енергетика кој важел во времето на нивното донесување. Поради тоа, Судот утврди дека наведените одредби од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Сега оспорените правила се донесени од надлежен орган, Регулаторната комисија за енергетика и тоа не е спорно. Меѓутоа, од анализата на одредбите на важечкиот Закон за енергетика, произлегува дека во Законот не е утврдена обврска за плаќање надомест за топлинска енергија од страна на лицата кои живеат во колективните објекти за домување, а кои престанале да бидат корисници на топлинска енергија поради исклучување на грејниот простор од дистрибутивниот систем, од каде произлегува дека ваквата обврска – должност за овие исклучени потрошувачи да плаќаат дел од надоместокот за топлинска енергија (дел за ангажирана моќност (фиксен дел) претставува обврска за плаќање, која наместо со закон, е утврдена со подзаконски акт, за што Уставниот суд, со претходно цитираната одлука веќе укажал дека е неуставно. При ваква ситуација, сметам дека прашањето за плаќање на топлинската енергија на поединечно исклучените корисници од системот, како фактичко прашање, треба да биде предмет на оцена од страна на редовното судство, а никако да се утврдува со подзаконски акт, како што е сторено, поради што сметам дека ваквата регулатива укажува на надминување на овластувањата на Регулаторната комисија дадени со член 28 од Законот за енергетика и води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Притоа, ги имав предвид наводите во одговорот на Регулаторната комисија за енергетика дека во колективното домување, исклучените станови од грејната инсталација како последица на поминување на топлинската енергија низ вертикални цевки како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура, предизвикуваат преземање на топлинска енергија од приклучените станови во колективното домување и дека заради појавата на кондукција (пренос) на топлина исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се уредно приклучени на грејната инсталација. Меѓутоа, сметам дека ваквите наводи во одговорот, независно на целисходноста на која упатуваат, а која беше клучна за мнозинството судии при одлучувањето, не се од значење за прашањето на уставноста на оспорената одредба, туку се прашања од облигационо правен однос за чии спор може да биде надлежен само редовен суд.

Поради наведеното, сметам дека за одредбата од Правилата со која се утврдува обврска за поединечно исклучените корисници од системот на топлификација, во објектите на колективно домување, да плаќаат за парно греење иако јасно се изјасниле дека не сакаат да бидат корисници на таква услуга, основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со член 28 од Законот за енергетика.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Решение У.бр.125/2012