У.бр.146/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април  2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 236 став 1 во делот: „ставови 2 и 3“ од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата  на Дарко Јаневски од Скопје, со Решение У.бр.146/2017 од 14 февруари 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 236 став 1 во делот: „ставови 2 и 3“ од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008). Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 236 став 1 од Законот се предвидува дека ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со член 222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е  една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 236 став 1 од Законот е поместен во глава XII со наслов: „Уредување на меѓи“.

Според член 236 став 1 од Законот, ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со член  222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.

Од содржината на оспорениот член јасно произлегува дека истиот истовремено упатува на член  222 ставови 2 и 3 од Законот.

Од увидот во целината на Законот, а особено во членот 222 од Законот за вонпарнична постапка, Судот утврди  дека Законот  нема ставови 2 и 3, на што упатува оспорениот член 236 став 1.

Имено, членот 222 од Законот за вонпарнична постапка, содржи само 1 став и тоа со содржина:

“При одлучувањето дали еден предмет ќе му припадне на еден од учесниците, судот особено ќе ги земе предвид посебните оправдани потреби на тој учесник и основаноста за тоа предметот да му припадне нему.”

Од наведеното произлегува дека член 236 став 1 од Законот упатува на примена на ставови од член од Законот кои воопшто не постојат, што според Судот  истиот  во оспорениот дел е во спротивност со  член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Оттука, Судот оцени дека  оспорените делови од член 236 став 1 од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.146/2017
18 април  2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски