У.бр.165/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 4 април 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Крива Паланка, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Здравствен дом „Академик Проф. Д-р Димитар Арсов” од Крива Паланка, број 01-293/1 од 13.06.2010 година.

2. Јоско Стефановски од Крива Паланка, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата на членот од актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорениот член од измените и дополнувањата на Правилникот, не бил во согласност со Колективниот договор за здравствена дејност.

Во ЈЗУ Здравствен дом Крива Паланка, но и во здравството воопшто, постоело работно место „шеф на сметководство”, а и со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, било предвидено работно место „одговорен сметководител“, во здравствената дејност, познато како „шеф на сметководство”.

Со наведениот правилник, повеќе не постоело работното место „шеф на сметководство”, туку работно место „сметководител контролор”, систематизирано со оспорениот член 5 став 6 од Правилникот, за кое работно место биле наведени истите работни задачи како и за работното место „шеф на сметководство”, систематизирано со претходен правилник.

Иако подносителот ги работел истите работни задачи како „шеф на сметководство”, во решението за плата не му било предвидено исплатување додаток за раководење и одговорност.

Незадоволен од пропишувањето со оспорениот член 5 став 6 од Правилникот, подносителот со иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член од Правилникот и истиот да го поништи.

3. Судот, на седницата утврди дека предмет на оспорување со иницијативата е член 5 став 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Крива Паланка, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Здравствен дом „Академик Проф. Д-р Димитар Арсов” од Крива Паланка, број 01-293/1 од 13.06.2010 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според оспорениот член 5 став 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Крива Паланка, во Службата за заеднички работи на здравствената установа, се систематизира работно место: „Сметководител-контролор Извршител 1 Услови за работното место VII-1 степен ВСП дипломиран економист”.

Во надлежност на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуват права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, актот во кој е содржан членот кој се оспорува со иницијативата, не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Станува збор за интерен акт на конкретната здравствена установа, со кој се уредуваат прашањата од работните односи на вработените во установата.

5. Имајќи предвид дека барањето со иницијативата излегува надвор од рамките на утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека настапени се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од Решението

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.165/2017
4 април 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски