У.бр.180/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/12, 15/2013, 170/13, 43/14, 44/14, 113/14, 160/2014, 188/14, 20/2015, 61/15, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) Решението за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија бр.04-23/160 од 14.09.2015 година донесено од министерот за одбрана;
б) Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.05301965322 од 22.12.2015;
в) Решението за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија број 04-23/162 од 14.09.2015 година, и
г) Решение на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.05301965314 од 18.12.2015 година.

3. Ридван Арифи од село Матејче, и Ќамил Исени од Скопје, двајцата застапувани преку полномошник м-р Борко Симоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата и решенијата означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9, член 11, член 12, член 32, член 50 и член 54 од Уставот на Република Македонија. Поради што подносителот предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на решенијата за престанок на работниот однос по потреба на служба и Решението за остварување право на старосна пензија за Ќамил Исени и Ридван Арифи, како и да се задолжи Министерството за одбрана правилно да ги применува одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и да го регулира начинот на престанок на работниот однос по потреба на служба.

Во иницијативата се наведува дека со примената на член 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување којшто не бил усогласен со одредбите 18, 19, 76 и 228 од истиот закон, се донесувале решенија за престанок на работниот однос за остварување право на старосна пензија врз основа на зборовите „потреба на служба“ со што се нарушувало материјалното право и одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Уставот на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот и за решенијата за престанок на работен однос и стекнување на право на старосна пензија и да донесе одлука со која ќе го задолжи Министерството за одбрана правилно да го применува Законот за пензиско и инвалидско осигурување но и да ја регулира со Законот потребата на службата во однос на прекинување на работен однос по потреба на службата.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се наведува дека на осигуреник од член 11 став (1) точка 2 од овој закон кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години (маж), односно 50 години живот (жена), ако работниот однос му престане по потреба на службата, може да оствари право на старосна пензија.

5. Судот понатаму утврди дека:

а) Врз основа на член 223 став 1, а во врска со член 218 став 1 точка 5 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014 и 33/2015) и членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/12, 15/2013, 170/13, 43/14, 44/14, 113/14, 160/2014, 188/14, 20/2015, 61/15, 97/2015, 129/2015 и 147/2015), министерот за одбрана, донесе

РЕШЕНИЕ
за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија

1.На АРИФИ Рефик РИДВАН, потполковник на служба во ВП 2229/20 Куманово, со ЕМБГ:0103956420036, му престанува работниот однос во Министерството за одбрана на Република Македонија по потреба на службата, со право на остварување на старосна пензија.

2. Работниот однос на именуваниот му престанува со денот на конечноста на ова решение.

Образложение

Врз основа на службената евиденција која се води во Министерството за одбрана односно, Армијата на Република Македонија, утврдено е дека потполковник АРИФИ РИДВАН, има повеќе од 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот за осигурување се смета со зголемено траење и на 59 години живот.

Со членот 218 став 1 точка 5 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014 и 33/2015) пропишано е дека на активниот воен персонал му престанува работниот однос во Министерството за одбрана во случај ако исполни услови за пензија согласно со закон – со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос.

Согласно членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.98/2012, 166/12, 15/2013, 170/13, 43/14, 44/14, 113/14, 160/2014, 188/14, 20/2015, 61/15, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016), на осигуреник во Министерството за одрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години живот (маж), односно 50 години живот (жена), ако работниот однос му престане по потреба на службата, може да оствари право на старосна пензија.

Со оглед на горенаведеното како и потребите на службата, се одлучи како во диспозитивот на решението.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова решение може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена, сметано од денот на приемот на истото, преку ВП 2803/10 Скопје.

МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА
Зоран Јолевски

б) Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Стручна служба-Филијала во Скопје врз основа на член 132 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Сл.весник на РМ“ бр.98/2012 …..188/14 (во натамошниот текст Законот) и член 210 од Законот за општа управна постапка, („Службен весник на Република Македонија бр 38/2005 ….. 51/2011) постапувајќи по барањето на Ридван Арифи од Куманово с.Матејче бб, бр.05301965322 за остварување право на старосна пензија, го донесува следното:

РЕШЕНИЕ

Осигуреникот Ридван Арифи од Куманово с.Матејче бб. се стекнува со право на СТАРОСНА пензија во износ од 19837.00 денари, сметано од 08.11.2015 година.

Усогласувањето на пензијата за наредните години ќе се врши по службена должност.

Корисникот на пензија е должен да ја пријави секоја промена која е од влијание за користењето на правото во рок од 30 дена од денот кога настапила промената.

Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Постапката за остварување право на пензија е покрената по барање на Ридван Арифи од Куманово с. Матејче на 16.11.2015.

Во спроведената постапка, а врз основа на наводите во барањето, изведените докази и податоците од матичната евиденција се утврди:

Осигуреникот Ридван Арифи е роден на 01.03.1956 година и до денот на остварување на правото има навршено 59 години на живот.

Во пензиски стаж, согласно член 99-106, и 79 од Законот, во посебен стаж, во стаж на осигурување, стаж со зголемено траење и продолжено осигурување до престанокот на работниот однос по потреба на службата на 07.11.2015 година, му се засметува вкупно 26 години, 01 месеци, 03 дена.

Според вака утврдената фактичка состојба се утврдува дека осигуреникот на 08.11.2015 година ги исполнува условите за признавање право на старосна пензија предвидени со членот 77 и членот 85 од Законот.

Пензиската основа за одредување на пензијата, согласно членовите 20-33 од Законот, се пресметува од месечниот просек на платите остварени во текот на осигурувањето, најрано од 01.01.1970, односно од 01.01.1994 до 31.12.2014 година. Платите од поранешните години кои се земени за одредување на пензиската основа се валоризирани според движењето на просекот на платите остварени во 2014 година. Вака пресметаната пензиска основа изнесува 31283.00 денари.

Вака пресметаната пензиска основа од просечните месечни плати остварени во периодот од 01.01.1994 до 31.12.2014 година изнесува 31283.00 денари.

Според вкупно утврдениот пензиски стаж од 26 години и 01 месеци, согласно членовите 78 и 87 од Законот, на осигуреникот му се одредува пензија во висина од 62.83% од пензиската основа што изнесува 19655.11 денари.

Просечната пензија согласно член 37 став 3 од Законот, пресметана на месечно ниво со коефициент 1.0452 изнесува 20544.00 денари.

Правото на пензија согласно член 140 од Законот припаѓа од 08.11.2015 година, и пензијата ќе се исплатува во месечен износ од 20544.00 денари сметано од 08.11.2015 година.

Разликата меѓу пензијата утврдена со примена на посебните услови од Законот и износот на пензијата пресметана без примена на овие услови, потоа целиот износ на определената пензија на корисникот кој не ги исполнува општите услови за остварување на правото на пензија, согласно член 91 од Законот, ги обезбедува Буџетот на Република Македонија.

Доколку корисникот на пензијата по остварувањето на правото на пензија стапи во работен однос или врши дејност во Република Македонија или во странство, со решение му се запира исплатата на пензијата, за што е должен да го извести овој орган.

Согласно член 134 став 2 од Законот, жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Доколку промената која е од влијание за користење на правото не се пријави, ќе се применат одредбите од членот 222 од Законот.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против решението донесено од прв степен на Фондот, подносителот на барањето има право на жалба преку оваа Филијала до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

ФОНД ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА
-Стручна служба-Филијала-Скопје

Решението број 05301965322 е донесено на 22.12.2015

в) Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Стручна служба-Филијала во Скопје врз основа на член 132 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Сл.весник на РМ“ бр.98/2012 …..188/14 (во натамошниот текст Законот) и член 210 од Законот за општа управна постапка, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005 ….. 51/2011) постапувајќи по барањето на Ќамил Исени од Скопје ул. „Христофор Жефрановиќ 27 Сингилиќ“, бр.05301965314 за остварување право на старосна пензија, го донесува следното:

РЕШЕНИЕ

Осигуреникот Ќамил Исени од Скопје Христофор Жефрановиќ 27 Сингилиќ се стекнува со право на СТАРОСНА пензија во износ од 19837.00 денари, сметано од 08.11.2015 година.

Усогласувањето на пензијата за наредните години ќе се врши по службена должност.

Корисникот на пензија е должен да ја пријави секоја промена која е од влијание за користењето на правото во рок од 30 дена од денот кога настапила промената.

Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Постапката за остварување право на пензија е покрената по барање на Ќамил Исени од Скопје Христофор Жефрановиќ 27 Сингилиќ на 18.11.2015.

Во спроведената постапка, а врз основа на наводите во барањето, изведените докази и податоците од матичната евиденција се утврди:

Осигуреникот Ќамил Исени е роден на 13.11.1956 година и до денот на остварување на правото има навршено 58 години на живот.

Во пензиски стаж, согласно членовите 99-106, и членот 79 од Законот, во посебен стаж, во стаж на осигурување, стаж со зголемено траење и продолжено осигурување до престанокот на работниот однос по потреба на службата на 07.11.2015 година, му се засметува вкупно 30 години, 04 месеци, 22 дена.

Според вака утврдената фактичка состојба се утврдува дека осигуреникот на 08.11.2015 година ги исполнува условите за признавање право на старосна пензија предвидени со членот 77 и членот 85 од Законот.

Пензиската основа за одредување на пензијата, согласно член 20-33 од Законот, се пресметува од месечниот просек на платите остварени во текот на осигурувањето, најрано од 01.01.1970, односно од 01.01.1985 до 31.12.2014 година. Платите од поранешните години кои се земени за одредување на пензиската основа се валоризирани според движењето на просекот на платите остварени во 2014 година. Вака пресметаната пензиска основа изнесува 28566.00 денари.

Вака пресметаната пензиска основа од просечните месечни плати остварени во периодот од 01.01.1985 до 31.12.2014 година изнесува 28566.00 денари.

Според вкупно утврдениот пензиски стаж од 30 години и 04 месеци, согласно член 78 и 87 од Законот, на осигуреникот му се одредува пензија во висина од 66.44% од пензиската основа што изнесува 18979.25 денари.

Просечната пензија согласно член 37 став 3 од Законот, пресметана на месечно ниво со коефициент 1.0452 изнесува 19837.00 денари.

Правото на пензија согласно член 140 од Законот припаѓа од 08.11.2015 година, и пензијата ќе се исплатува во месечен износ од 19837.00 денари сметано од 08.11.2015 година.

Разликата меѓу пензијата утврдена со примена на посебните услови од Законот и износот на пензијата пресметана без примена на овие услови, потоа целиот износ на определената пензија на корисникот кој не ги исполнува општите услови за остварување на правото на пензија, согласно член 91 од Законот, ги обезбедува Буџетот на Република Македонија.

Доколку корисникот на пензијата по остварувањето на правото на пензија стапи во работен однос или врши дејност во Република Македонија или во странство, со решение му се запира исплатата на пензијата, за што е должен да го извести овој орган.

Согласно член 134 став 2 од Законот, жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Доколку промената која е од влијание за користење на правото не се пријави, ќе се применат одредбите од членот 222 од Законот.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против решението донесено од прв степен на Фондот, подносителот на барањето има право на жалба преку оваа Филијала до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

ФОНД ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА
-Стручна служба-Филијала-Скопје

Решението број 05301965314 е донесено на 18.12.2015

6. Во членот 110 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што поднесените иницијативи од Ридван Арифи од село Матејче и Ќамил Исени од Скопје, двајцата застапувани од м-р Борко Симоски од Скопје, содржат само содржина на оспорениот член 77, како и цитати од членовите 8, 9, 11, 12, 32, 50 и 54 од Уставот, во однос на кој се оспорува членот од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, без притоа да се наведат аргументирани, образложени причини за оспорување на членот од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за мериторно впуштање во уставно-судска анализа на оспорениот член.

По однос на барањето на подносителот на иницијативата со закон да се регулира потребата на службата во однос на прекинување на работен однос по потреба на службата во министерството за одбрана, Судот утврди дека подносителот укажува на отсуство на содржина на законска норма која би требало да ја има што всушност е прашање од надлежност на законодавецот кој ги донесува законите, а не на Уставниот суд.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорените решенија немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не се подобни за уставносудска оцена.

Имено, со оспорените решенија, Решението за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија бр.04-23/160 од 14.09.2015 година донесено од министерот за одбрана, Решението број 05301965314 од 18.12.2015 донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, и Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.05301965322 од 22.12.2015 се наведува конкретно за кои лица е наменета примената на овие акти. Оттука, од содржината на овие решенија произлегува дека решенијата имаат карактер на поединечни, конкретни акти кои имаат правно дејство само за именуваните лица, а не и за други неопределени субјекти во правото.

Со оглед на тоа што оспорените решенија не се прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нивната согласност со Уставот на Република Македонија, поради што согласно цитираните деловнички одредби постојат услови иницијативата да се отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.180/2016  
21 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски