У.бр.76/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28.03.2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА делот: „овластеното правно лице за вршење на технички преглед во постапката на регистрација на возило, односно правното лице надлежно за регистрација на пловниот објект да го уплати надоместокот“ од член 198-а став 2 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Игорчо Точев од Кочани со Решение У.бр.76/2017 од 24 јануари 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на дел од член 198-а став 2 од Законот за животната средина, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата, утврди дека според член 198-а став 2 од Законот, за извршениот надзор од ставот 1 на овој член, кога ќе се утврди дека надоместокот од членот 180 од овој закон не е уплатен во целост или делумно, државниот инспектор за животна средина донесува решение со кое го задолжува овластеното правно лице за вршење на технички преглед во постапката за регистрација на возило, односно правното лице надлежно за регистрација на пловниот објект да го уплати надоместокот.

Одредбата се оспорува во делот: „овластеното правно лице за вршење на технички преглед во постапката за регистрација на возило, односно правното лице надлежно за регистрација на пловниот објект да го уплати надоместокот.“

5.Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 180 став 2 од основниот текст на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005) било предвидено дека обврзник за плаќање на надоместокот од ставот 1 на овој член (надоместок за моторни возила и пловни објекти без уред за пречистување-катализатор) е правното или физичко лице на чие име е регистрирано моторното возило, односно пловниот објект.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, надоместокот од ставот 1 на овој член го пресметува и наплатува правното лице надлежно за регистрација на моторните возила и пловните објекти и го уплатува еднаш неделно на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка.

Основниот текст на Законот бил предмет на 16 измени и дополнувања, а членовите 180 и 198-а, кои се предмет на анализа во постапката пред Судот биле повеќепати менувани.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010) целиот член 180 е изменет. По однос на (сопственикот), обврзникот за плаќање на надоместокот (сега дефиниран како надомест за загадување на животната средина) ставот 3 од членот 180 од Законот останува на сличен начин уреден како претходната одредба од основниот текст на Законот. Кај обврзникот за пресметување и наплата на надоместокот (правно лице што врши регистрација) во ставот 5 од членот 180 од Законот се направени извесни промени. Така, според оваа одредба надоместокот го пресметува и уплатува овластено правно лице за вршење на технички преглед во постапка на регистрација на возилото или пловниот објект, односно при продолжување на регистрацијата на возилото и се уплатува еднаш месечно на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка.

Членот 180 став 5 повторно е изменет со членот 29 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.123/2012). Во оваа одредба е предвидено дека, надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член за домашно, правно или физичко лице се наплатува при регистрација на моторни возила или пловни објекти, а го пресметува и наплатува овластено правно лице вршење на технички преглед при постапка на регистрација на возилото или лицето задолжено за регистрација на пловниот објект, односно при продолжување на важноста на регистрацијата и го уплаќа еднаш месечно на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка.

Со наведената измена и дополнување на Законот од 2012 година во членот 31 за првпат се креира членот 198-а од Законот. Негов предмет на уредување е надзорот над уплатениот и пресметан надоместок за регистрација на моторни возила и пловни објекти. Според ставот 1 од членот 198-а од Законот надзорот го врши Државниот инспекторат за животна средина преку државните инспектори за животна средина.

Во членот 198-а став 2 од Законот е предвидено дека, за извршениот надзор од ставот 1 на овој член, кога ќе се утврди дека надоместокот од членот 180 од овој закон не е уплатен во целост или делумно, државниот инспектор за животна средина донесува решение со кое го задолжува овластеното правно лице за вршење на технички преглед во постапката за регистрација на возило, односно правното лице надлежно за регистрација на пловниот објект да го уплати надоместокот.

Оваа одредба содржински е идентична со оспорената.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) членот 180 повторно е изменет.

Сега во ставот 7 од членот 180 од Законот се предвидува дека надоместокот од ставовите 1 и 4 од овој член сопственикот на моторното возило или пловен објект го уплаќа на сметката на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина при регистрација на возилото или пловниот објект.

За правното лице повеќе не е предвидена обврска да го пресметува и наплатува надоместокот за животна средина, ниту пак обврска за овој надоместок во определени временски интервали да врши уплата на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка.

Членот 198 став 2 не е предмет на новелирање во наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот од 2015 година.

Во следните две измени и дополнувања на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2014 и 44/2015) членот 198-а бил предмет на измени и дополнувања, но не и сега оспорениот член 198-а став 2.

Од вака направениот историјат на содржината на членовите 180 и 198-а од Законот произлегува дека во почетокот на уредувањето на оваа правна проблематика правното лице надлежно за регистрација на возилата и пловните објекти имало обврска да утврдува и наплаќа надоместок за загадување на животната средина и така утврдениот и наплатен надоместок, во соодветни временски интервали, да го уплаќа на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка. За вака предвидената обврска државниот инспектор за животна средина имал законска основа да врши надзор и правното лице надлежно за регистрација на возилото, односно пловниот објект да го задолжува да го уплати надоместокот, ако тоа не го сторило.

Со измената на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) во членот 5 со кој се менува членот 180 е предвидено дека надоместокот од ставот 1 и 4 од овој член сопственикот на моторното возило или пловен објект го уплаќа на сметката на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина при регистрација на возилото или пловниот објект.

Правното лице повеќе нема обврска да пресметува и наплатува надоместок за животна средина. Оттаму, отпаднала и потребата од вршење на инспекциски надзор од страна на државните инспектори за животна средина по однос на околноста дали правните лица овластени за регистрација на возилата и пловните објекти уплатиле во целост или делумно надоместок за животна средина и донесување на решение со кое се задолжува овластеното правно лице да го уплати надоместокот.

Тоа што правните лица во практиката продолжиле во целокупната уплата да примаат и уплата на име надоместок за животна средина, што произлегува од Одговорот на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и од Мислењето на Владата на Република Македонија и така наплатениот надоместок, некои од правните лица, да не го префрлаат на сметката на Министерството за животна средина и просторно планирање не може да биде аргумент во поткрепа на уставноста на одредбата.

Имено, доколку се работи за практика со позитивни импликации за граѓаните, правните лица и државниот буџет, така воспоставената добра практика може да биде преточена во позитивна законска норма со соодветни измени и дополнувања на Законот.

Судот оцени дека правилната практична примена може да произлезе само врз основа на јасни, правно издржани норми што овде не е случај, бидејќи државните инспектори за животна средина, според оспорениот член 198-а став 2 од Законот, вршат надзор по однос на исполнувањето на обврска (утврдување и наплата на надоместок за животна средина) која правните лица овластени за регистрација на моторни возила и пловни објекти повеќе ја немаат.

Имајќи предвид дека владеењето на правото како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бара во правниот поредок да функционираат јасни, недвосмислени норми, а секој учесник во правниот поредок да има јасно утврдени норми на однесување по однос на правата, обврските, надлежностите и слично, што не е случај со оспорениот член 198-а став 2 од Законот, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 198-а став 2 од Законот не е во согласност со наведената уставна одредба.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2017
28.03.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски