Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 март 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 43 став 1 во деловите:„осум“ и „пократок“ од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015 и 53/2016).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 44 во делот:„40“ од Законот означен во точката 1 на ова решение.
3. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, согласно член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, општиот рок за изјавување на жалба против управен акт не можел да биде помал од 15 дена, додека со Законот за инспекцискиот надзор, во член 43 став 1, било определено дека рокот за изјавување на жалба изнесува само осум дена, со што законодавецот ги намалил правата загарантирани со член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка, според кој:„Со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирана со овој закон.“ И во однос на зборот:„пократок“ во иницијативата се укажува дека согласно член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, како lex generalis, општиот рок за жалба бил 15 дена и истиот не дозволувал со други закони да се пропишуваат пократки рокови, како што пропишувал членот 43 став 1 од Законот за инспекцискиот надзор. Се укажува дека Законот за инспекцискиот надзор, во член 12 став 1, односно со начелото на супсидијарност, определувал дека:„Во постапката на инспекцискиот надзор се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.“ Според тоа, зборовите: „осум“ и „пократок“ од член 43 став 1 од Законот за инспекцискиот надзор биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека според член 44 од Законот за инспекцискиот надзор, инспекциските служби ги објавуваат инспекциските акти на нивната веб-локација во рок од три дена од денот на донесувањето на актите од членот 40 на овој закон, согласно со прописите за заштита на личните податоци. Меѓутоа, со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекцискиот надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), членовите 40 и 41 се бришат, со што членот 40 веќе не постои во правниот поредок на Република Македонија.
Упатувачките правни норми требало да претставуваат логична правна и функционална целина за да не дојде до збунување на граѓаните. Во таа смисла, директната спротивност на бројот „40“ од членот 44 од Законот за инспекцискиот надзор со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, можела да се види во тоа што во правниот поредок требало да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржеле некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно морала да биде дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, а што не било случај во конкретната одредба. Со тоа, бројот:„40“ од членот 44 од Законот за инспекцискиот надзор бил во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине како противуставни.
4. Судот на седницата утврди дека според член 43 став 1 од Законот за инспекциски надзор, против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението ако со закон не е предвиден пократок рок.
Според член 44 од истиот закон, инспекциските служби ги објавуваат инспекциските акти на нивната веб локација во рок од три дена од денот на донесувањето на актите од членот 40 на овој закон, согласно со прописите за заштита на личните податоци.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.
Со Законот за инспекциски надзор (член 1), се уредуваат условите и начинот на издавање и одземање лиценца за инспектор, правата и должностите на инспекторите, основите за организација и работа на инспекциските служби, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор (став 1). Одредбите од овој закон се применуваат во сите постапки на вршење на инспекциски надзор од страна на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата (во натамошниот текст: инспекторати), или како организациони единици во рамките на органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, освен во посебните постапки на вршење на инспекциски надзор во областа на даночното, царинското и финансиското работење утврдени со закон (став 2).
Според член 2 точка 2 од Законот, инспекциски надзор е надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, јавните претпријатија, трговските друштва, установите и правните и физичките лица над кои се врши надзор, како и изрекување на инспекциски мерки и санкции со цел за отстранување на утврдените неправилности.
Постапката за вршење на инспекциски надзор е уредена во главата VII (член 32-45).
Според член 42 од Законот, ако инспекторот при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека е повреден закон или друг пропис, со записник ги констатира утврдените неправилности и со решение го определува рокот во кој треба да се отстрани недостатокот (став 1). Ако со закон е предвидено дека за утврдената неправилност може да се определи инспекциска мерка, инспекторот е должен со решението да ја определи таа мерка (став 2).Инспекторот решението од ставовите (1) и (2) на овој член, врз основа на фактите утврдени со надзорот, ќе го донесе без одлагање, а најдоцна во рок од осум дена од завршувањето на надзорот, ако со закон не е определен пократок рок (став 3). По исклучок од ставот (1) на овој член, инспекторот може да изрече инспекциски мерки со усно решение на записник, кога ќе оцени дека тоа е неопходно за отстранување на непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, имотот од поголема вредност или кога е во прашање заштита на друг вид на јавен интерес (став 4). Во случајот од ставот (4) на овој член инспекторот е должен во рок од три дена од денот на изрекување на усното решение да донесе писмено решение (став 5). Формата и содржината на решението од ставовите (1) и (2) на овој член ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација (став 6).
Согласно со член 43 став 1 од Законот, против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението ако со закон не е предвиден пократок рок.
Според ставот 2 на овој член, по жалба против одлуките на инспекторот во инспекторат одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а според ставот 3, по жалба против одлуките на инспекторот во организациона единица организирана како инспекциска служба во органите на државната управа и единиците на локална самоуправа и Градот Скопје одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Во согласност со ставот 4, комисиите од ставовите (2) и (3) на овој член одлуката по жалба ќе ја донесат во рок од 30 дена од денот на приемот на жалбата.
Од анализата на овие законски одредби произлегува дека законодавецот, со посебен закон за инспекцискиот надзор, ги уредил начинот и постапката на вршење на инспекциски надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, јавните претпријатија, трговските друштва, установите и правните и физичките лица над кои се врши надзор, како и изрекување на инспекциски мерки и санкции со цел за отстранување на утврдените неправилности. Во таа смисла, законодавецот определил дека при вршењето на инспекциски надзор, ако инспекторот утврди дека е повреден закон или друг пропис, со записник ги констатира утврдените неправилности и со решение го определува рокот во кој треба да се отстрани недостатокот. Против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението ако со закон не е предвиден пократок рок, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која е должна одлуката по жалба да ја донесе во рок од 30 дена од денот на приемот на жалбата.
Оттука, произлегува дека законодавецот, согласно потребата за ефикасност на инспекцискиот надзор, пропишал посебен рок за поднесување на жалба на решението на инспекторот донесено во постапка на инспекциски надзор, на јасен и прецизен начин, поради што не може да се прифати дека со член 43 став 1 зборовите: „осум“ и „пократок“ од Законот за инспекциски надзор, се повредувало начелото на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Наводите во иницијативата за тоа дали пропишаните рокови за поднесување на жалба на решението донесено во постапка на инспекциски надзор се во согласност со роковите за поднесување на жалба на решение донесено согласно Законот за општата управна постапка, всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
6. Во однос на прашањето за оценување на уставноста на членот 44 од Законот за инспекциски надзор, во делот:„40“, Судот го имаше предвид следното:
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според членот 44 од Законот, инспекциските служби ги објавуваат инспекциските акти на нивната веб-локација во рок од три дена од денот на донесувањето на актите од членот 40 на овој закон, согласно со прописите за заштита на личните податоци.
Со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), членовите 40 и 41 од Законот се бришат. Тоа практично значи дека се избришани: одредбата според која во постапката на инспекцискиот надзор инспекторот донесува заклучок и решение (член 40), како и одредбата од членот 41 со која се уредуваше заклучокот. Оттука, произлегува дека по наведената законска измена, во постапката на инспекциски надзор, инспекторот повеќе не донесува заклучоци и решенија, туку само решенија, согласно членот 42 на Законот.
При вака утврдена правна и фактичка состојба, произлегува дека во членот 44 од Законот се пропишува обврска за инспекциските служби на својата веб-страна да ги објавуваат инспекциските акти што ги носат инспекторите во постапката на инспекцискиот надзор, па во ситуација кога во таа постапка се носат само решенија, според Судот, не постои дилема за инспекцискиот орган за тоа кои акти треба да бидат објавени на веб-страната на органот. Поради тоа, Судот оцени дека ваквата одредба од Законот не може да доведе до збунување на граѓаните, а со тоа и до повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.
Во случајов, според Судот, се работи за потреба од номотехничко усогласување на одредбата од член 44 од Законот со настанатата правна последица од бришењето на членот 40 од Законот, што е неспорно прашање од надлежност на законодавецот, кој ги донесува, изменува и дополнува законите, а не на Уставниот суд.
Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Мкедонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.151/2017
7 март 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски