У.бр.139/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 април 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013,120/2013,187/2013, 38/2014, 41/2014,138/2014, 88/2015,192/2015, 6/2016, 30/2016 и 61/2016).

2. Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член од Законот за трговските друштва најдиректно се прекршувал членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Оваа слобода можела да се ограничи само со закон и само доколку се работи за одбрана на државата, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, а според подносителот, очигледно било дека таа не била донесена поради наведените причини. Со оспорената одредба била повредена еднаквоста на сите субјекти на пазарот, бидејќи со оспорениот член биле изземени „основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%“.

Во иницијативата се наведува дека останатите основи, односно ограничувања на слободите определени со членот 55 од Уставот биле доволни, а оспорената одредба од членот 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва била излишна и противуставна.

Поради наведените причини, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013,120/2013,187/2013, 38/2014, 41/2014,138/2014, 88/2015,192/2015, 6/2016, 30/2016 и 61/2016), трговско друштво не можат да основаат: 5) содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб-страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оспорената одредба од член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва е дел од членот 29 од Законот за трговските друштва во кој е утврдено кои лица можат, односно кои не можат да основаат трговско друштво.

Според член 29 став 1, трговско друштво можат да основаат домашни и странски физички и правни лица.

Според ставот 2 на овој член од Законот, трговско друштво не можат да основаат:

1) трговски друштва чија сметка отворена кај кој било носител на платниот промет е блокирана и лицата кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на тие друштва, си додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над истото не се отвори постапка на ликвидација или стечај;
2) друштва над кои е отворена стечајна постапка, додека трае постапката;
3) лица кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на трговски друштва на кои во постапка пропишана со закон им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, си додека трае забраната;
4) лице кое е содружник во друштво со ограничена одговорност (ДОО) или во друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) чија сметка е блокирана додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над друштвото не се отвори постапка за ликвидација или стечај;
5) содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб-страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%; и (оспорена одредба)
6) лица за кои со правосилна одлука на судот е утврдено дека сториле кривично дело лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката стечај, оштетување или повластување на доверители и изречена им е забрана за вршење професија, дејност или должност, сй додека траат правните последици од забраната.

Според ставот 3 од истиот член, секое лице може да биде основач на повеќе друштва, ако со овој закон тоа не е забрането.

Согласно ставот 6 на овој член од Законот, кон пријавата за упис на основање на друштво во трговскиот регистар, основачите поднесуваат лична изјава во електронска форма преку едношалтерскиот систем дека не постои некое од ограничувањата од овој член или друго ограничување пропишано со овој или друг закон, за да основаат друштво.

Согласно членот 29-а од Законот за трговските друштва, оспорената забрана за основање на трговско друштво за лицата од член 29 став 2 точка 5 трае од денот на започнувањето на постапката за бришење и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб-страницата на Централниот регистар.

Причините за бришење на трговските друштва и постапката за бришење се уредени во членовите 552-а и 552-б од Законот за трговските друштва.

Според членот 552-б, во постапката определена во членот 552-а од овој закон од трговскиот регистар се бришат трговец поединец и трговско друштво ако е исполнета една од следниве причини:

– не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година и
– не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно со член 21 став 4 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица.
– по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија за извршен упис на основање согласно со членот 175 од овој закон не го внесе/уплати основачкиот влог.

Според ставот 2 на овој член од Законот, постапка за бришење согласно со ставот 1 на овој член и членот 552-б од овој закон поведува Централниот регистар на Република Македонија по службена должност. Во ставот 3 на овој член е утврдено дека трговците поединци и трговските друштва за кои согласно со причините од ставот 1 на овој член, е започната постапка за бришење, истата ќе се запре ако за времетраењето на објавата на списокот за бришење ги отстранат причините заради кои била поведена.

Во однос на постапката за бришење во членот 552-а став 1 од Законот е предвидено дека Централниот регистар на Република Македонија е должен во рок од 30 дена по настапувањето на условите за бришење на неактивен субјект и причините определени со членот 552-б од овој закон на својата веб-страница да објави соопштение за тоа и да спроведе постапка за негово бришење. Во соопштението се наведува називот на трговското друштво, неговиот ЕМБС и седиштето, причината за бришење, известувањето за правните последици од бришењето и рокот за постапување по известувањето. Истовремено со соопштението се повикуваат законските застапници, односно лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на субјектот, содружниците, како и доверителите (овластени подносители) во рок од една година од денот на објавувањето на соопштението да поднесат предлог за стечај согласно со Законот за стечај или предлог за ликвидација согласно со овој закон и за тоа писмено да го известат Централниот регистар на Република Македонија. За објавеното соопштение Централниот регистар на Република Македонија ја известува јавноста најмалку преку еден печатен медиум кој излегува на целата територија на Република Македонија и на националниот радио и телевизиски јавен сервис.

Доколку во рокот определен во ставот 1 на овој член Централниот регистар на Република Македонија не добие известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање на стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот 4 на овој член (став 2).

Доколку Централниот регистар на Република Македонија во рок од една година од истекот на рокот од ставот 1 на овој член, не добие решение за отворање на стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација согласно со одредбите од овој закон, Централниот регистар на Република Македонија го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот 4 на овој член (став 3).

Движниот имот на трговските друштва избришани согласно со членот 552-а од овој закон се распределува во рок од една година од денот на донесувањето на решението за бришење. Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од десет години од денот на донесувањето на решението за бришење. Доколку по истекот на овие рокови не дојде до распределба на имотот на друштвото, односно до распределба на новопронајден имот истиот се пренесува во сопственост на Република Македонија, со обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства десет години. Во овој рок основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот (став 4).

Согласно ставот 5, Централниот регистар на Република Македонија секој месец на својата веб-страница објавува преглед на трговци поединци и трговски друштва кои согласно со овој член се избришани од трговскиот регистар во текот на претходниот месец, врз основа на кој надлежните органи и институциите постапуваат во рамките на нивните надлежности.

Обврската за составување годишна сметка и финансиски извештаи, е утврдена во членот 476 од Законот за трговските друштва според кој, секој трговец од член 469 став 1 на овој закон и подружница на странско друштво, по истекот на деловната година, составува годишна сметка. Трговците од член 469 став 1 точкa 1 на овој закон, по истекот на деловната година, составуваат и финансиски извештаи.

Според ставот 9 на овој член, секој голем и среден трговец е должен да ја достави годишната сметка до Централниот регистар само во електронска форма.

Во ставот 10 на истиот член од Законот, трговци поединци и трговски друштва кои не вршеле никаква трговска дејност, односно дејност која според природата и обемот на дејствување може да се смета за трговска во претходната година се должни до Централниот регистар на Република Македонија покрај писмено известување дека не биле активни да достават и годишна сметка со податоци на пропишани обрасци најдоцна до последниот ден од истекот на законскиот рок за кој се поднесуваат годишните сметки согласно со одредбите од овој закон.

Во ставот 11 е определено дека над субјектите од ставот 10 на овој член се спроведува постапка на утврдување на неактивен субјект согласно со членот 477-а од овој закон.

Согласно ставот 12 на овој член, трговци поединци и трговски друштва кои не доставиле годишна сметка и писмено известување дека не биле активни согласно со ставот 10 на овој член за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, се бришат од единствениот трговски регистар на начин и постапка определени со овој закон.

Централниот регистар на Република Македонија ги брише од единствениот трговски регистар субјектите од ставот 11 на овој член за кои е утврдено дека три години по ред се неактивни субјекти согласно со членот 477-а од овој закон (став 13).

Во делот на одредбите од Законот за трговските друштва во кој се утврдени прекршочните санкции, во неколку одредби е утврдена прекршочна одговорност (за трговецот поединец, трговското друштво) за несоставување и недоставување на годишни сметки. Според член 598 од Законот, глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговец – поединец, ако: 9) не составува, не објавува и не доставува годишни сметки (членови 476 став 1 и 477 ставови 1, 4 и 7). Покрај тоа, според член 598-а, за овој прекршок на трговецот поединец ќе му се изрече прекршочна санкција забрана на вршење дејност од една до три години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.

Според член 599 од Законот, глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговското друштво, ако: 6) не составува, не објавува и не доставува годишни сметки, односно и консолидирани годишни сметки, финансиски извештаи и консолидирани финансиски извештаи, кога имаат обврска за тоа со овој закон (членови 476 став 1, членот 477 ставови 1, 4, 5, 8 и 12, 482 ставови 1 и 2, 504 и 506 ставови 4 и 5);

Истовремено глоба во износ од 30% од одмерената глоба на трговското друштво ќе му се изрече на одговорното лице во трговското друштво за дејствијата од ставот 1 на овој член.

Согласно член 599-а од Законот, прекршочна санкција забрана за вршење дејност во траење од една до три години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката ќе му се изрече на друштвото за прекршок од членот 599 став 1 точки 1, 3, 5, 6 и 7 на овој закон.

Прекршочна санкција забрана за вршење должност во траење до една година, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката ќе му се изрече на одговорното лице во друштвото за прекршок од член 599 став 1 точки 1, 3, 5, 6 и 7 на овој закон.

Во членот 601 од Законот е определено дека, глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на друштвото со ограничена одговорност, ако:

8) не изготват годишна сметка, финансиски извештај и годишен извештај за работата на друштвото од претходната деловна година или ако бидат изготвени, а не ги поднесат на собирот на содружниците, односно на собранието во роковите определени со овој закон (член 240 став 2);

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на друштвото со ограничена одговорност, ќе му се изрече на одговорното лице во друштвото за дејствијата од ставот 1 на овој член.

Според член 601-а од Законот, прекршочна санкција забрана за вршење дејност во траење од една до три години сметајќи од денот на правосилноста на одлуката ќе му се изрече на друштво со ограничена одговорност за прекршок од член 601 став 1 точки 2, 6, 8 и 12 на овој закон.

Прекршочна санкција забрана за вршење дејност во траење до една година сметајќи од денот на правосилноста на одлуката ќе му се изрече на одговорното лице во друштвото за прекршок од член 601 став 1 точки 2, 6, 8 и 12 на овој закон.

5. Од анализата на оспорената одредба од членот 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва произлегува дека со неа се утврдува забрана за основање на трговско друштво која се однесува на определени физички лица – содружници, управители и членови на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење поради тоа што не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година, не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена или поради тоа што не го уплатиле основачкиот влог по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб-страницата на Централниот регистар.

Забраната за основање на трговско друштво поради наведените причини трае додека трае постапката за бришење и во период од три години од објавувањето на бришењето.

Забраната не се однесува на основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%.

Доставувањето на годишна сметка и финансиски извештај е обврска што Законот за трговските друштва ја утврдува за сите трговски друштва, така што и нејзиното неизвршување повлекува определени правни последици, меѓу кои и бришење на трговското друштво од регистарот. Но освен ова, недоставувањето на годишна сметка и финансиски извештај повлекува со себе и други правни последици, односно санкции како што се прекршочна одговорност во форма на глоба за трговецот – поединец односно трговското друштво и одговорното лице во трговското друштво. Покрај глобата, неисполнувањето на оваа обврска повлекува и прекршочна санкција забрана на вршење дејност од една до три години за трговецот поединец односно трговското друштво, како и за одговорното лице во друштвото (за одговорното лице забраната за вршење дејност или должност е во траење од една година).

Имајќи го предвид фактот што уписот на трговското друштво има конститутивно дејство, бидејќи се смета дека од тој момент започнува правниот живот на друштвото, произлегува дека и бришењето на трговското друштво од регистарот има за последица престанок на друштвото. Ова се чини логичен заклучок, со оглед на тоа што тој не може јасно да се извлече од самите законски одредби, бидејќи во ниту една од одребите за престанок на различните видови на друштва согласно Законот за трговските друштва, изречно не е предвидено какви се последиците од бришењето на друштвото.

Оттука произлегува дека неисполнувањето на обврската за доставување на годишна сметка и финансиски извештај доведува до тешки последици за трговското друштво и одговорните лица во друштвото, кои се манифестираат во de facto престанок на друштвото, како и престанок на деловната активност на трговското друштво и одговорните лица во трговското друштво како последица на изречената забрана на вршење на дејност. Дополнително на овие последици се надоврзува и забраната утврдена со оспорената одредба од член 29 став 2 точка 5 која се состои во неможност овие лица (содружници, управители и членови на органот на управување и органот на надзор) да основаат ново трговско друштво, иако Законот за трговските друштва допушта едно лице да може да основа повеќе друштва.

Притоа, Законот за трговски друштва воопшто не прави дистинкција во однос на причините за недоставување на финансиски извештај и годишна сметка во смисла на тоа дали до тоа дошло поради тоа што друштвото не било активно, или пак едноставно се работи за пропуст да се достави годишната сметка на инаку активно друштво, во кој случај Законот допушта постапката за бришење да се запре, ако за времетраењето на објавата на списокот за бришење бидат отстранети причините за бришење. И во едниот и во другиот случај врз субјектите се спроведува постапка за бришење како да се работи за неактивен субјект.

Во своето мислење Владата на Република Македонија, го оправдува оспореното ограничување укажувајќи дека со тоа директно се влијаело на подобрување на евиденцијата за активните трговски субјекти при Централниот регистар што било од големо значење за постапувањето на останатите надлежни институции, пред се Управата за јавни приходи заради спроведување на ефикасен систем на даночна политика кој се применувал токму над активните трговски субјекти.

Според мислењето на Уставниот суд, кое има поткрепа и во уставно-судската практика, неспорно е дека државата има право, заради воспоставување на ефикасно оданочување и наплата на даноците, да презема мерки за да воспостави евиденција на активните трговски субјекти. Но, тие мерки треба да бидат соодветни за остварување на предвидената цел и да не претставуваат дополнително и непотребно ограничување на правата на субјектите. Во конкретниот случај се оцени дека целта за да се воспостави евиденција на активните трговски субјекти се остварува со самото бришење на неактивните субјекти од регистарот, според постапката што е утврдена во погоре наведените членови од Законот за трговските друштва. Оттука, пред Судот се постави прашањето каков ефект за остварување на наведената цел може да има забраната за основање на трговско друштво, односно дали со оспорената забрана за основање на друштво директно се влијае врз подобрување на евиденцијата на активните трговски субјекти и дали воопшто оваа цел може да се постигне со наведената забрана, или пак таа претставува само дополнително ограничување на слободите и правата на субјектите. Забраната на основање на трговско друштво, според мислењето на Судот, претставува мерка со која директно се ограничува претприемништвото бидејќи се оневозможува основање на нови трговски друштва. Со оваа мерка се попречува слободната економска иницијатива, се спречува развојот и основањето на нови бизниси, со што директно се ограничува деловната конкуренција. Ова ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото не може да се подведе под ниту едно од дозволените ограничувања утврдени во член 55 став 3 од Уставот, а тоа се одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 29 став 1 алинеја 5 од Законот за трговските друштва, со членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Според оценката на Судот, оспорената одредба исто така може да се доведе под сомнение и на уставното начело на владеењето на правото и поради нејзината непропорционалност. Имено, при услови кога во самиот Закон за трговски друштва прецизно е утврдена прекршочна одговорност за недоставување на годишни извештаи и се предвидени прекршочни санкции – глоба за друштвото и глоба за одговорното лице, како и забрана за вршење на дејност на друштвото и на одговорното лице во друштвото, Судот смета дека надоврзувањето на овие прекршочни санкции уште и на забрана за основање на трговско друштво за содружник, член на управен орган и член на надзорен орган, претставува дополнително оптоварување и двојно санкционирање по ист основ, односно за исто дејствие. Ова особено ако се има во предвид траењето на оваа забрана кое изнесува 3 години, споредено со прекршочната санкција забрана за вршење на дејност или должност што може да трае најмногу до 1 година. Тоа практично значи дека забраната за основање на трговско друштво, која по својата природа може да се смета за административна санкција, го погодува субјектот тројно подолго отколку забраната за вршење на професија, дејност или должност изречени како казнена санкција.

Во поглед на втората причина поради која што може да дојде до бришење на трговското друштво (член 552 алинеја 2), а тоа е поради непријавување на упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена, исто така се оцени дека забраната за основање на ново друштво единствено поради недоставување на електронска е-маил адреса, претставува прекумерно и несразмерно санкционирање што е спротивно на принципот на пропорционалност, како елемент на принципот на владеењето на правото.

Во однос на наводите во иницијативата за повреда на еднаквоста на сите субјекти на пазарот поради изземањето на основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50% од опфатот на оваа одредба односно забрана, Судот оцени дека и во однос на оваа одредба може да се изрази сомнение во поглед на нејзината уставност од аспект на членот 118 од Уставот.

Ова од причина што меѓународните финансиски организации како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и др. се субјекти на меѓународното право, нивниот статус е регулиран со посебни правила на меѓународното право (како што се нивните статути и договорни одредби).

Впрочем и Владата во мислењето укажува дека Република Македонија со посебни закони го има ратификувано своето членство во секоја меѓународна финансиска организација поединечно и дека на тој начин, Република Македонија ги има прифатено во целост основачките акти т.е. меѓународните договори, со кои се основани меѓународните финансиски институции.

Од примерот даден во мислењето на Владата, кој се однесува на Статутот на Европската банка за обнова и развој, произлегува дека во самиот Статут во посебно поглавје се уредува статусот, имунитетот, привилегиите и исклучоците кои се применуваат за Банката, на територијата на секоја држава членка. Во членот 45 од Статутот, утврдено е дека Банката поседува целосен правен субјективитет, и особено правен капацитет да склучува договори, да стекнува и отуѓува движен и недвижен имот во нејзина сопственост, како и да спроведува правни постапки. Сопственоста и имотот на Банката, уживаат имунитет од спроведување постапки на истрага, побарувања, конфискации, експропријација или останати форми на одземање или активирање хипотеки, согласно извршни и правни дејствија. Согласно Статутот, целокупниот имот и сопственоста на Банката ќе бидат ослободени од рестрикции, регулативи, контроли и мораториум од било која природа. Во овој контекст е и исклучокот од оданочување, каде што е предвидено дека во рамки на службените активности на Банката, нејзиниот имот, сопственост и приход ќе бидат изземени од сите директни даноци.

Од наведеното произлегува дека сите изземања, ослободувања од ограничувања, контроли и регулативи произлегуваат од самиот Статут на меѓународната организација кој како меѓународен договор е ратификуван од страна на Република Македонија, а не од домашното законодавство, националните мерки и регулатива. Имајќи го предвид наведеното произлегува дека меѓународните организации не се предмет на уредување на домашното односно националното право, така што со самото нивно регулирање во домашните закони, според оценката на Судот, законодавецот ги пречекорил овластувањата спротивно на членот 118 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва со уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и членовите 55 и 118 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

Текстот на решението Судот го утврди на седницата одржана на 7 февруари 2018 година со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.139/2016
12.04.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски