Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 февруари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за усвојување на Годишната програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2016 година, бр.08-17635/30 од 25.12.2015 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.14/2015) и
– Заклучокот за прогласување на Одлуката за усвојување на Годишната програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2016 година, бр.09-17635/30 од 25.12.2015 („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.14/2015), донесен од градоначалникот на Општина Охрид.
2. Здружението за унапредување на меѓусебната доверба ТАКТ, Скопје, преку полномошник Петро Јанура, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата истакнува дека Програмата, приложена кон оспорената одлука, била на македонски јазик со латиничен назив, односно така била објавена во службеното гласило бр.14/2015.
Според подносителот на иницијативата оспорените акти биле во спротивност со членот 43 од Уставот и со член 4 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Во иницијативата поконкретно се елаборираат недостатоците на Програмата и значењето на Охридското Езеро како заштитено подрачје.
Во поткрепа на наводите за повреда на Уставот и наведениот закон се доставува пообемна писмена документација и се предлага Судот да ги укине оспорените акти.
3. Судот на седницата, утврди дека, врз основа на член 36 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 18 став 1 точка 6 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.8/2007) Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 25.12.2015 година донел Одлука за усвојување на годишната програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2016 година.
Во член 5 став 2 од Одлуката е определено дека истата има важност до донесување на следната Одлука за поставување на урбана опрема.
Одлуката е заведена под бр.08-17635/30 од 25.12.2015 година.
Во продолжение на Одлуката следува Проектната програма, чии одделни делови, во „Службеното гласило“ бр.14/2015 се објавени на латинично писмо и македонски јазик.
Градоначалникот на Општина Охрид донел Заклучок бр.08-17635/30 од 25.12.2015 година за прогласување на оспорената одлука.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони и други акти што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние акти кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на оние што престанале да важат.
На 19.09.2017 година до Судот е поднесена иницијатива за оспорување на уставноста и законитоста на Одлука за усвојување на годишна програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2016 година, заедно со Заклучокот за нејзиното прогласување.
Во одговор на наводите од иницијативата Општината Охрид, го извести Судот дека оспорените акти се применувале до донесување на Одлуката за усвојување на годишната програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2017 година, донесена од Советот на Општина Охрид под бр.08-17974/28 од 1.12.2016 година. Притоа во членот 5 став 1 од оваа одлука јасно е определено дека со отпочнување на примената на Одлуката за 2017 година престанува да важи оспорената одлука која се однесува на 2016 година (бр.08-17635/30 од 25.12.2015 година и измената бр.08-10300/7 од 11.07.2016 година).
Во членот 6 од Одлуката, донесена на 01.12.2016 година, е определено дека истата влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“, а ќе се применува од 01.01.2017 година. Согласно член 5 став 2 од Одлуката, истата ќе има важност до донесување на следната одлука за поставување на урбана опрема.
Имајќи предвид дека оспорената одлука, заедно со оспорениот заклучок сметано од 01.01.2017 година повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија Судот оцени дека постојат пречки за одлучување по иницијативата.
Оттаму исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.101/2017
14 февруари 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски