Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана 7 февруари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија”, број 124/2015).
2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 58 став 1 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорената одредба од Законот, била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата цитирајќи ја содржината на оспорениот член 58 став 1 од Законот, наведува дека со таксативното набројување на доказните средства кои можат да се користат во управната постапка, драстично се стеснувала можноста по однос на доказните средства кои можeле да се користат во управната постапка.
Тоа во практиката би значело дека во управната постапка освен таксативно наброените докази, не можат да се користат други докази при утврдување на фактичката состојба во управната работа, односно не се остава простор за користење на други доказни средства,кои можат да се употребат во постапката со цел целосно и правилно утврдување на фактичката состојба. Со тоа кај државните органи и правните и други лица во вршењето на јавните овластувања се создава простор за ескивирање и грубо кршење на уставните начела особено на планот на заштита на човековите слободи и права и владеење на правото.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија”, број 124/2015), доказни средства, според овој закон, се сите средства што се погодни за утврдување на фактите во одделен случај, како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење и увид.
Исто така,Судот утврди дека по предметите У.бр.71/2015 од 23 декември 2015 година и У.бр.13/2016 од 28 септември 2016 година ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка, поднесени од истиот подносител, кој се јавува како подносител и на оваа иницијатива.
Во првата иницијатива подносителот како причини за неуставноста на одредбата од Законот била недоволна доуреденост на законска одредба, со укажување како правилно би било законодавецот да ја уреди, односно во продолжение на оспорената законска одредба, после зборот “увид” да напишал “и други”, па од овие причини се оспорува членот од Законот, како несогласен со уставниот принцип на владеењето на правото.
Според Судот, овие причини не се основа за уставно проблематизирање на одредба од закон, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на законската норма со одредбите на Уставот, а не од аспект на содржина што ја нема во законската норма која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира законите, а не на Уставниот суд, од кои причини отсуството на уставни аргументи за оспорување на овој оспорен член од Законот, претставува процесна пречка за впуштање на овој суд во одлучување по иницијативата.
Во втората иницијатива подносителот, наведува дека тоа што немало простор за изведување на други доказни средства, освен таксативно наброените, оставало простор за одбегнување и грубо кршење на уставните начела од страна на државните органи и правните и други лица, при вршењето на јавните овластувања. Според Судот вака изнесените наводи имаат карактер на претпоставки, а не на причини за оспорување на уставноста на одредбата. Исто така, во одделни делови наводите од иницијативата навлегуваат во конкретната примена на оспорената одредба.
Вака изнесените наводи, според оцена на Судот не претставуваат подобна основа за покренување на механизмот на уставно-судска оцена, од каде се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфлање на иницијативата. Поточно отсуството на квалитетни, правно издржани аргументи во овој случај претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оспорениот член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка, се уредува дека доказни средства, според овој закон, се сите средства што се погодни за утврдување на фактите во одделен случај, како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење и увид.
Тргнувајќи од наведените уставни, деловнички одредби, наведената уставно-судска практика, наспрема наводите во иницијативата според кои недоволна уреденост на оспорената законска одредба, со укажување како правилно би било законодавецот да ја уредел законската одредба што се оспорува со иницијативата, а така како што таа била уредена ја загрозувало правната сигурност на граѓаните, што било спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото, Судот оцени дека истите се неосновани.
Според Судот наведените причини не се основа за уставно проблематизирање на одредба од закон, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на законската норма со одредбите на Уставот, а не за отсуството на содржина во законската норма која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира законите, а не на Уставниот суд, поради што се исполнети условите за примена на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.149/2017
7 февруари 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски