У.бр.113/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 53 од Деловникот за работа на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 189/2016).

2. „Техно-интерекспорт“ Душко ДООЕЛ – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Деловникот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 53 од Деловникот било уредено дека Деловникот влегува во сила со неговото донесување, во конкретниот случај од 17 декември 2015 година, односно една година пред да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија“, во конкретниот случај, 14 октомври 2016 година.

Наспроти наведеното, во член 52 ставови 2 и 3 од Уставот на Република Македонија било уредено дека законите и прописите се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од донесувањето, а влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето.

Поради наведеното се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 53 од Деловникот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 1 од Деловникот за работа на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, овој деловник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе биде објавен во „Службен весник на Република Македонија“. Според ставот 2 на истиот член, изменување и дополнување на Деловникот се врши на начин и постапка што важи за негово донесување.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Правен основ за донесување на Деловникот за работа на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија е член 38 од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 11 јануари 2018 година, донесе Закон за престанување на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Законот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018 од 18 јануари 2018 година. Според член 3 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, што значи дека од 18 јануари 2018 година престанува да важи Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека престанал да важи законскиот основ за донесување на Деловникот за работа на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, чиј член 53 се оспорува со иницијативата.

Според Судот, со престанување на законскиот основ за неговото донесување, не постојат правни основи за натамошно егзистирање на наведениот деловник, односно истиот престанал да важи по сила на закон и повеќе не е во правниот поредок.

Имено, престанувањето на правниот основ со поголема правна сила (закон) имплицира анулирање на правната важност на субординираниот акт (оспорениот деловник).

Со оглед на тоа што оспорениот деловник е без правна сила, односно престанал да важи, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.113/2017
31 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски