У.бр.160/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008, 13/2013, 156/2015 и 193/2015).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози, се повредувале член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 16 став 1, член 24, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причини што од уставната регулатива произлегувало дека во корпусот на граѓанските и политичките слободи и права гарантирани со Уставот, спаѓало и правото на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и до другите јавни служби и од нив да добие одговор во врска со извршувањето на државните функции и јавните овластувања. Притоа, граѓанинот не можел да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело, како што произлегувало од оспорената одредба, според која органот нема да постапува по претставки и предлози и кога претставката, односно предлогот е со навредлива содржина.

При одлучувањето по иницијативата, се упатува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.111/2007 од 29.10.2008 година, со која е укинат член 20 став 1 алинеја 2 од Законот за народниот правобранител.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја поништи.

Воедно, се предлага, до донесување на конечна одлука по иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози, органот нема да постапува по претставки и предлози и кога претставката, односно предлогот е со навредлива содржина.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Одлука У.бр.169/2008 од 15 април 2009 година, го укина член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008). Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 56/2009 од 30 април 2009 година, од кој датум наведената одредба од Законот повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на фактот дека со иницијативата, од страна на истиот подносител, повторно се бара оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози, која одредба е укината со Одлуката на Уставниот суд и која повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на истата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.160/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски