Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 27/2016).
2. Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија – СИЕР и Синдикалната организација при Македонска Радио и Телевизија – МРТ, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека „ваквата законска одредба е дискутабилна од уставно-правен аспект, затоа што со неа противуставно се поништува членот 104 став 9 од веќе постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги според кој новинарите и уредниците во МРТ, како и лицата кои директно се инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ немаат статус на јавни службеници. Според тоа, се додека постои оваа законска одредба во правниот поредок на Република Македонија, не може да постои оспорената законска одредба од Законот за вработените во јавниот сектор, во спротивно би се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што и според член 104 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Република Македонија е основач на МРТ и истата има статус на јавно претпријатие и работи на начин и под услови утврдени со овој закон и актите донесени врз основа на него, а не како што е тоа предвидено со оспорената законска одредба. Потоа и најважно е дека согласно член 104 став 3 од наведениот закон, МРТ како јавен радиодифузен сервис во Република Македонија е независна од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив. Но, ако новинарите и уредниците во Македонската радио-телевизија (МРТ) и лицата кои директно се инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ имаат статус на јавни службеници, тогаш тие лица ќе бидат зависни и пристрасни кон другите правни и физички лица во Република Македонија.“ Во таа смисла биле и член 104 став 4 од наведениот закон, како и член 3 од Законот за јавните претпријатија според кој јавните претпријатија од областа на радиодифузијата се основаат под услови и начин утврдени со закон.
Во иницијативата понатаму се наведува дека „оспорената одредба е и непрецизна, нејасна и контрадикторна сама на себе“ со оглед дека Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се во меѓусебна неусогласеност во врска со новинарите, уредниците и лицата кои се директно инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ, а тоа не било во согласност со владеењето на правото. „Имено, владеењето на правото подразбира доследна примена на законските прописи кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислено формулирани правила, а не непрецизни или контрадикторни одредби како што е случај со оспорената одредба. Начелото на владеењето на правото во себе го содржи и начелото на законитост кое го обврзува законодавецот да формулира прецизни, недвосмислеви и јасни норми, кои ќе елиминираат секаква можност од конфузија, а не како што е оспорената законска одредба. Владеењето на правото во еден правен систем треба да се остварува преку доминацијата на правната норма која треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, која нема да остава можност за различно толкување и нејзина различна примена или можност за правна несигурност на граѓаните. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и таа вредност се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и со законите, како и преку обврската на секој да ги почитува Уставот и законите.“
Со иницијативата се предлага поведување и потоа поништување на член 3 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор како несогласен со Уставот на Република Македонија а, претходно, Судот да ги запре од извршување поединечните акти или дејства преземени врз основа на оспорената законска одредба бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во глава I од Законот насловена како „Општи одредби“ (членови 1-3).
Според член 3 став 1 од Законот, „за вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од посебните закони, прописите донесени врз основа на овој закон и посебните закони и со колективните договори.“
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, а од наведената одредба на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот ќе ја отфрли иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот оцени дека со оспорениот член 3 став 1 од Законот, кој е општа одредба, се определува дека на вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од (1) Законот за вработените во јавниот сектор, (2) одредбите од посебните закони, (3) прописите донесени врз основа на Законот за вработените во јавниот сектор и на посебните закони и од (4) колективните договори, и сите тие одредби разбрани како општи и конкретни норми кои се во меѓусебна согласност. Со оспорената законска одредба не се уредуваат конкретни прашања како што се поништување на член 104 став 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, определување статус на јавни службеници за новинарите, уредниците и лицата кои се директно инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ, ниту пак се предвидува едновремено постоење на одредби од два закони (Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за аудио и аудиовизуелни мадиумски услуги) кои се неусогласени меѓу себе, поради што Судот утврди дека оспорената законска одредба не е непрецизна, нејасна и контрадикторна норма како што се наведува во иницијативата.
Со оглед на тоа што од член 3 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор не произлегува содржина каква се проблематизира со иницијативата, Судот утврди дека постојат процесни пречки за оценување на оспорената законска одредба од аспектите покренати со оваа иницијатива, поради што одлучи согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.175/2016
6 декември 2017 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски