У.бр.86/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 145 став 1 во делот: „ ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја“ од Законот за работните односи (”Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011 и 11/2012).

2. Николчо Атанасовски адвокат од Делчево, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на член 145 став 1 во наведениот дел од Законот за работните односи означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од од одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата во поднесокот ја цитира содржината на членот 145 став 1 од Законот за работните односи со измените и дополнувањата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 130/2009 и 11/2012) и ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, подносителот наведува дека од анализата на Законот за работните односи произлегувало дека работниот однос е доброволен однос помеѓу работодавачот и работникот во кој работникот се вклучува во однапред организиран процес кај работодавачот со цел да оствари плата и други надоместоци.

Поради таквото вклучување на работникот во однапред организираниот процес кај работодавачот според членот 141 од Законот за работните односи, работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.

Исто така, подносителот на иницијативата го цитира членот 32 од Уставот на Република Македонија и наведува дека од цитираната одредба од Уставот на Република Македонија со која е предвидено дека секој има право на годишен одмор и од таквото право работникот не може да се откаже, како и цитираните одредби од Законот за работните односи смета дека противуставно и противзаконито е условување на правото на надоместок на неискористениот дел од годишен одмор со претходно барање на користење на годишен одмор од работникот, негово оневозможување на користење и кумулативно доколку работниот однос му престанал не по негова вина и волја.

Имајќи го во предвид членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој секој има право на правично и јавно во разумен рок пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски, подносителот смета дека со таквиот начин на уредување на прашањето за обесштетување на неискористениот годишен одмор се ограничува уставно загарантираното право на годишен одмор од кој работникот не може да се откаже, а за чие користење грижа води самиот работодавач имајќи ги во предвид како потребите на процесот на работа така и потребите на работниците.

Оспорената одредба од Законот дава простор за поинакво толкување на истата бидејќи и самите судови при одлучување по барање на работникот за надомест за неискористен годишен одмор за годините во кои работникот непрекинато работел и од страна на работодавачот до 31 јуни тековната година не му е овозможено искористување на годишниот одмор за претходната година, сепак судовите повикувајќи се на цитираната одредба сметаат дека работникот само затоа што во годината кога му престанал работникот однос не поднел барање за искористување пред престанокот, истиот не го следува надомест поради неискористен годишен одмор и за претходните години. Понатаму подносителот смета дека тоа е противуставно и незаконито бидејќи со истекот на 31 јуни во годината таквото право на годишен одмор преминува во парично побарување на работникот за помалку искористен годишен одмор (неискористен годишен одмор).

Според подносителот било апсурдно да се поднесува барање за користење на годишен одмор за неколку години наназад кога тоа право престанало по сила на закон, сметано од 1 јули за претходната година и од тогаш се трансформира во парично побарување.

Со оглед на тоа што законите мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, што воедно е и принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според подносителот оспорениот член 145 став 1 од Законот за работните односи не е во согласност со Уставот и законите.

Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 и член 51 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и ја поништи.

При одлучувањето, подносителот предлага Уставниот суд да ја има во вид својата Одлука У.бр.200/2008, која очигледно законодавецот не ја имал предвид кога го усвоил текстот на оспорената одредба.

3.Судот на седницата утврди дека во член 145 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи е предвидено:

(1) Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја (оспорен дел).

(2) Ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Правото на годишен одмор, како право од работен однос, е уредено во главата X. ПАУЗИ И ОДМОРИ (член 137 до член 145 од Законот). Така, со Законот се утврдува дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена и дека со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена, дека повозрасен работник (жени повозрасни од 57 години и мажи повозрасни од 59 години), инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор, како и се утврдува обврска за работодавачот на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор (член 137). Понатаму, со Законот се определува траењето на годишниот одмор според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор (член 138), стекнувањето право на годишен одмор за работникот кој за првпат заснова работен однос (член 139), правото на пропорционален одмор (член 140), користењето на годишниот одмор – еднократно или во два дела (член 141), начинот на определување и користење на годишниот одмор во установите од областа на образованието и науката (член 142), користењето на годишен одмор во случај на склучување на договор за вработување со друг работодавач (член 143), како и начинот на користење на годишниот одмор, земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски (член 144).

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека правото на годишен одмор е уставно гарантирано право од кое вработените не можат да се откажат и дека остварувањето на ова право законодавецот го уредил со Законот за работните односи.

Уставната гаранција на остварувањето на правото на годишен одмор значи дека работодавачот не може на работникот да му го скрати правото на годишен одмор, стекнато според одредбите на Законот за работни односи, поради што законодавецот пропишал дека работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за користење на годишен одмор и да му овозможи услови за искористување на одморот, земајќи ги предвид потребите на работниот процес, од една страна, но и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски, од друга страна. Тоа значи дека работодавачот е должен да го планира користењето на годишниот одмор за вработените и да создаде услови за реализација на тоа право. Единствен исклучок од остварувањето на вака уреденото право на користење на годишен одмор, законодавецот пропишал во оспорениот член 145 став 1 од Законот, каде предвидел можност, наместо користење на неискористениот дел од годишниот одмор на работникот поради престанок на работниот однос не по негова вина и волја, работодавачот да му исплати на работникот надоместок за неискористениот дел од годишниот одмор, но под услов работникот, пред престанокот на работниот однос, да побарал користење на преостанатиот дел од годишниот одмор, а тоа да не му било овозможено од страна на работодавачот.

Од анализата на оваа одредба произлегува дека законодавецот јасно и прецизно го определил исклучокот кога работодавачот на работникот може да му исплати надоместок за неискористен годишен одмор наместо да создаде услови за негово користење, поврзувајќи го тоа со објективни причини за неможноста за користење на неискористениот дел од годишниот одмор, поради интервентен престанок на работниот однос без вина и волја на работникот (отказ од деловни причини согласно член 76 став 3 од Законот, престанок на работниот однос поради губење на работната способност, каде законодавецот пропишал дека договорот за вработување престанува да важи со денот на доставувањето на правосилното решение за утврдување на изгубената работна способност, согласно член 103 од Законот).

На таков начин, законодавецот ја отстранил можноста за тоа работодавачот, доколку е тоа поисплатливо за него, во кој било случај користењето на годишниот одмор на работникот да може да го замени со исплата на парично обесштетување, спротивно на уставната гаранција од член 32 став 4 од Уставот, која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, што беше основ за донесување на претходно наведената Одлука на Уставниот суд, У.бр.200/2008.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за работните односи како и наведената уставно-судска практика според која Уставниот суд на Република Македониај по предметот У.бр.40/2012 не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 145 став 1 од Законот за работните односи, а наводите од предметната иницијатива не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2017
6 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски