У.бр.70/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2017, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението со кое се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.70/2017 од 1 ноември 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со член 24, член 25 и член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и со член 24 став 1, член 25 став 1, член 26 став 1, член 27 и член 29 алинеја 6 од Законот за јавна чистота.

5. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената одлука е предвидено дека со оваа одлука се утврдуваат цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во декември, јануари и февруари во континуитет. Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд куќа. За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот.

Според членот 2 од оспорената одлука, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Во член 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 25/2015, 61/2015 и 39/2016), основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците, доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело.

Законот за комунални дејности определил дека вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес и дека во комунални дејности, меѓу другото, во смисла на член 3 став 1 точка 8 од Законот спаѓаат: одржување на јавна чистота во градски и други населби, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови.

Комуналната дејност – изнесување и депонирање на смет можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општината кои како даватели на услугата можат да се овластат да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална дејност по претходна согласност на основачот. Средствата за вршење на комуналните дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги која корисникот треба редовно да ја плаќа.

Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010 и 114/2010) ги уредува условите и начинот на одржување на јавната чистота, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површи­ните и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови. Со членот 10 од овој закон е предвидено дека за поблиско уредување на односите за одржување на јавната чистота советот на општината, советите на општините на Градот Скопје и Советот на Градот Скопје донесува одлука. Со одредбите од членовите 24 и 25 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат на средствата за одржување на јавната чистота.

Според член 24 став 1 од Законот, за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок. Според став 2 на истиот член, висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата -обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје.

Согласно член 25 став 1 на овој закон, наплатата на надоместокот за одржување на јавната чистота се врши преку доставување на сметка за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на другите видови неопасен отпад, кој се прикажува одвоено на сметката. Според ставот 3 на истиот член, средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приход на општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и се користат за финансирање на работите на јавната чистота.

Според член 26 став 1 од Законот, средства за вршење на комунални дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги.

Според член 27 од Законот, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Според член 29 алинеја 6 од Законот, плаќањето на кому­нални услуги – одржувањето на хигиената во градски и други населби се врши во мерна единица – денар по метар квадратен, а според алинеја 8 од истиот член, мерна единица за плаќањето за собирање и транс­портирање на комунален цврст отпад е денар по метар квадратен.

Според член 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007, 83/2009), основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело.

Од анализата на наведените одредби на Законот за комунални дејности произлегува дека комуналните дејности, меѓу кои спаѓа одржување на јавна чистота во градски и други населби, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, се дејности од јавен интерес, кои можат да се вршат од страна на јавно претпријатие за комунална дејност и дека висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална услуга, пресметана во ден/м2 ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Според наведените одредби на Законот за јавна чистота, произлегува дека одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини на јавните објекти, на отворените простори на јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување, заради обезбедување на здрава и чиста животна средина. За одржување на јавната чистота се плаќа надоместок, чија висина ја утврдува советот на општината во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата-обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје. Средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приход на општината и се користат за финансирање на работите на јавната чистота. Одредбите на овој закон не се однесуваат на одржување на јавната чистота во вонредни околности и во услови на елементарни непогоди.

Според наведените одредби од Законот, за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок чија висина ја утврдува советот на општината, советите на општините на Градот Скопје и Советот на Градот Скопје, во зависност од изградената, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје (член 24 ставови 1 и 2). На основа на овие законски критериуми, во ставот 3 од членот 24 од Законот, е определено дека советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член.

Имено, советот на општината има законско овластување со свој акт да определи колку ќе се плаќа услугата за одржување јавна чистота од страна на корисниците.

Врз основа на ова законско овластување, Советот на Општина Маврово и Ростуше ја донел Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови.

Во член 1 од оваа одлука, Советот на Општината ги утврдува цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во декември, јануари и февруари во континуитет. Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд куќа. За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот.

Од наведеното, произлегува дека комуналната дејност – одржување на јавна чистота во градски и други населби под кое се подразбира чистење на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините кои како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.

Понатаму, според Судот, од содржинaтa на оспоре­ната одлука неспорно произлегува дека со истата се создаваат обврски само за ВИКЕНД КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти, кои, исто така, се корисници на наведените локални патишта и улици. Со ваквиот начин на утврдување на цените, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните што не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, според кој сите граѓани во Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, бидејќи во случајов станува збор за еден вид на комунална услуга – одржување на јавна чистота – чистење на снегот во зимски услови, во интерес на урбаното живеење на сите корисници еднакво во рамките на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, а не само ВИКЕНД КУЌИТЕ, како што определува оспорената одлука.

Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со член 24, член 25 и член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и со член 24 став 1, член 25 став 1, член 26 став 1, член 27 и член 29 алинеја 6 од Законот за јавна чистота.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.70/2017
20.12.2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски