Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 декември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2, член 11 точка 14, член 17 став 3, член 28 точка 2, член 46 и членовите 240-244 од Законот за извршување (”Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016).
2. Друштвото за комуникациски услуги оне.Вип ДОО Скопје и Весна Младеновска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според првиот подносител на иницијативата, Друштвото за комуникациски услуги оне.Вип ДОО Скопје, кој е трговско друштво кое функционира на пазарот во Република Македонија како оператор на електронски комуникациски услуги, одредбата од членот 11 точка 14 од Законот за извршување, како и последователно целата глава 26 од овој закон – Вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа (членовите 240-244 од Законот), биле спротивни на одредбите од Законот за комунални дејности.
Во Законот за комунални дејности, дејностите и услугите што ги вршат телекомуникациските оператори-мобилни оператори и/или кабелски оператори, не биле утврдени како комунална дејност ниту како комунална услуга, па затоа третманот на фактурите за користени комуникациски услуги како комунални сметки (според член 11 точка 14 од Законот за извршување) немал законски основ, односно истиот не само што не бил содржан и утврден како таков со ниту еден друг закон кој како lex specialis ја уредувал оваа материја, туку бил во директна спротивност со Законот за комунални дејности.
Месечните сметки издадени од операторите на електронски комуникациски услуги, не можеле да бидат третирани како комунални сметки. Сите оператори на електронски комуникациски услуги во Република Македонија биле приватни компании кои обезбедуваат комуникациски услуги во услови на висока конкурентност на пазарот, чии малопродажни цени ги формира конкуренцијата, односно пазарните механизми на понуда и побарувачка. Поради тоа, овие субјекти не подлежеле на одлуки од регулаторни тела, државни органи или органи на локалната самоуправа со кои би се утврдувала цената на нивната услуга, како што бил случај кај некои други субјекти кои издавале фактури за потрошена вода, струја или топлинска енергија, туку единствено регулаторно тело за формирање на цените за нивните услуги бил само пазарот. Оттука, недопустливо било какво било ограничување на нивната слобода на пазарот, спротивно на членот 55 од Уставот на Република Македонија.
Поради наведеното, мобилните и кабелските оператори и телефонијата требало да бидат избришани од дефиницијата утврдена во член 11 точка 14 од Законот за извршување, бидејќи останувањето на ваквото законско решение било во спротивност со темелните вредности на Уставот утврдени во член 8 алинеи 3 и 7 од Уставот.
Оспорените одредби од Законот за извршување биле спротивни на основните начела на самиот закон, како и на Законот за адвокатурата, особено затоа што воведувањето на постапката за вонсудска наплата на сметки ги надминувала овластувањата на извршителот, како орган овластен за спроведување на присилно извршување на судски одлуки кои гласат на исполнување на обврска, одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска и нотарски исправи или други извршни исправи предвидени со закон, таксативно наброени во член 1 ставови 1, 2 и 3 од Законот за извршување, како и дефиницијата на поимот извршител дадена во член 11 точка 7 од истиот закон, каде било утврдено дека се работи за лице кое врши јавни овластувања и кое презема дејствија во рамките на тие овластувања за да се спроведе извршната исправа и да се преземат извршни дејствија. Согласно вака даденото појаснување за значењето на поимот извршител, извршителот воопшто немал надлежност за водење на вонсудска постапка според исправа која се уште не била извршна, а таква постапка била предвидена понатаму со Законот за извршување. Со воведувањето на постапката за вонсудска наплата, на извршителот му се давале надлежности кои по својата суштина припаѓале на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба која врши јавни овластувања во согласност со закон, што било определено со членот 53 од Уставот и член 2 ставови 1 и 2 од Законот за адвокатурата.
Оспорените одредби од Законот за извршување ги нарушувале основните начела на еднаквост на странките и економичност на постапката и слободно располагање со барањата утврдени во Законот за парничната постапка, како системски закон.
А) Со воведувањето на постапката за вонсудска наплата како задолжителна (член 240 точка 4 од Законот за извршување), операторите на електронски комуникациски услуги со нивната неоснована класификација како издавачи на комунални услуги (член 240 став 1 од Законот за извршување), биле доведени во полоша положба при наплата на своите побарувања во однос на субјектите кои согласно Законот за извршување, не спаѓале во категоријата комунални сметки (на пример, сите останати компании кои обезбедуваат услуги на крајни корисници, банки, штедилници, финансиски консалтинг друштва, осигурителни компании, агенции за обезбедување итн.), од едноставна причина што за овие компании не важеле одредбите за задолжителна вонсудска наплата, што пак значело дека тие немале обврска да плаќаат дополнителни, а задолжителни трошоци во вонсудска наплата (член 244 од Законот за извршување), можеле да користат услуга на адвокат во постапката за извршување и можеле по сопствено наоѓање да прават избор кај кој извршител ќе поднесат барање за извршување (што не било возможно во постапката за вонсудска наплата на долгови, бидејќи согласно членот 240 став 2 од Законот, извршителот го избирала Комората на извршители).
Според тоа, во конкретниов случај станувало збор за дискриминација и ограничување на правата настаната како последица на погрешната квалификација на типот на дејност која ја вршат операторите на електронски комуникациски услуги поради која погрешно биле квалификувани како вршители на комунални услуги, а не како обезбедувачи на пазарни, т.е. комерцијални услуги. На таков начин, со оспореното законско решение нарушена била нивната слобода на пазарот, што било во спротивност со темелната вредност утврдена со членот 8 алинеја 7 на Уставот.
Б) Дополнително, поради недоволно јасно определената постапка на вонсудска наплата, тоа во практиката ќе довело до различни толкувања и недоразбирања дали вонсудската наплата ќе биде задолжителна според износ на една поединечна фактура или износот на вкупниот неплатен долг на еден должник кон својот доверител искажан во едно барање за наплата на долг, бидејќи ако требало да се врши поделба за еден должник на фактури со помали и поголеми износи (каде немало потреба од вонсудска наплата), непотребно ќе се предизвикало водење на засебни постапки за ист долг кој произлегувал од ист правен основ и од ист субјект, при што за помалите фактури би се воделе три постапки (вонсудска наплата, постапка кај нотар и потоа извршна кај извршител), додека за фактурите со поголем износ би се воделе две постапки (постапка кај нотар и извршна кај извршител).
Со ваквата постапка ќе се зголемеле трошоците и за должникот и за доверителот, вклучително и каматата за должникот, што воопшто не било економично ниту ефикасно, а доверителот ќе бил ставен во исклучително неповолна и подредена положба бидејќи трошоците на постапката за присилно извршување не биле определени или барем определиви до конечно завршување на постапката и доверителот во постапката целосно зависел исклучиво од слободната оценка на извршителот кои дејствија ќе ги преземе и притоа за секое дејствие извршителот барал авансно плаќање од доверителот бидејќи тоа му го дозволувале членовите 6 и 46 и член 240 став 4 од Законот за извршување, во спротивно истиот имал овластување да го запре извршувањето на штета на доверителот, без оглед што претходните дејства му биле платени. На таков начин не само што дополнително се потврдувала нееднаквата положба на доверителот во постапката, туку кај доверителот се создавала и правна несигурност, со што исто така, се доведувало во прашање начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
В) Притоа, водењето на постапка за вонсудска наплата значително ќе го продолжела времето на наплата на долгови, бидејќи доверителите немало да можат да спроведат постапка за присилна наплата кај нотар и извршител за фактури со поголеми износи, бидејќи ќе требало да го чекаат исходот на вонсудската наплата за помалите фактури во услови кога роковите за застареност на поведување на постапката за наплата на долг утврдени во ЗОО останувале со исто времетраење.
Како краен продукт на ваквото (не)законско решение, било зголемувањето на можноста за избегнување на плаќање на долговите поради нивно застарување во услови на воведување на дополнителна администрација, писмена комуникација со извршителите, раздвојување на постапките за ист должник, ризик од губење на документацијата поради доставување на исти докази во различни постапки и зголемување на трошоците на доверителот, што не можело да биде прифатлива консеквенца од ваквата законска измена.
Доверителите не смееле да бидат ставени во понеповолна положба со истовремено неосновано повластување на состојбата на должниците, и сето тоа на трошок на доверителите. Со оспорените законски одредби не само што доверителите кои издаваат комунални сметки, во кои неосновано биле вметнати и телекомуникациските т.е. мобилните и кабелските оператори, биле ставени во нерамноправна положба во однос на другите доверители кои не спаѓаат во оваа категорија, туку биле ставени и во нерамноправна положба во однос на должниците, што било уште една потврда дека за доверителите кои издаваат комунални сметки се создавала правна несигурност и дискриминација, а со тоа уште еднаш се доведувало во прашање начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Со погрешното внесување на операторите на електронските комуникациски услуги во категоријата на комунални дејности и комунални сметки и со тоа, нивно вклучување во вонсудската постапка за наплата на долгови утврдена во оспорените одредби на Законот за извршување, подносителот на иницијативата смета дека се предизвикувало нарушување на неколку основни начела на Уставот, и тоа: начелото на слобода на пазарот и претприемништвото од член 8 алинеја 7 од Уставот, кое согласно членот 55 од Уставот било гарантирано економско право и во себе подразбирало и обезбедување на иста правна положба на субјектите, што во овој случај било нарушено, како и нарушување на начелото на владеењето на правото утврдено во член 8 алинеја 3 и начелото на законитост од членот 51 од Уставот, бидејќи биле создадени услови за ограничување на правата на субјектите на пазарот врз основа на дејноста која ја извршуваат.
Со оглед дека Законот за извршување бил донесен од Собранието на Република Македонија, а ќе се применувал четири месеци по влегувањето во сила, подносителот на иницијативата смета дека доколку почне примената на оспорените законски одредби, тогаш за телекомуникациските, мобилните и кабелските оператори, но и за другите доверители кои издаваат комунални сметки согласно овој закон, како и за должниците, ќе настанела ненадоместлива штета и целосна правна несигурност во делот на постапката за извршување, па со цел да се избегнат било какви негативни последици, се предлага Уставниот суд, по донесување на решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, да донесе и решение за изрекување на привремена мерка со кое ќе го сопре извршувањето на оспорените законски одредби, до донесување на конечна одлука за оценка на нивната уставност и законитост.
Според вториот подносител на иницијативата, Весна Младеновска од Скопје, оспорените одредби од Законот за извршување биле во спротивност со Уставот, како и други важечки закони кои ја уредуваат материјата за спроведување на извршувањето, а особено за т.н. комунални сметки.
Со оспорените законски одредби, не само што се кршел Уставот, туку странките должници пред извршителите ќе биле изложени на дополнителни трошоци и оптоварувања кои ќе произлегле од примената на Законот. Со тоа, се вршела дискриминација врз должниците по основ на видот на долгот, односно должниците кои имаат долг по основ на т.н. комунални сметки, биле во понеповолна положба во однос на другите должници. Новововедената постапка за вонсудска наплата на долгови, спротивно на рекламите во медиумите кои ги прават извршителите, наместо да ги намалат, ќе ги зголемеле трошоците за должниците.
Членот 11 од Законот за извршување и главата: „Вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа“ (членови 240-244) во целост биле спротивни на Уставот, затоа што ги надминувале овластувањата на извршителот, кој согласно појаснувањето за значењето на поимот изврштел (член 11 точка 7 од Законот), воопшто немал надлежност за водење на вонсудска постапка според исправа која сеште не била извршна. Ваква надлежност за застапување на странки (физички и правни лица) и за давање на правна помош, имала адвокатурата како самостојна и независна јавна служба која врши јавни овластувања во согласност со закон (член 53 од Уставот и член 2 ставовите 1 и 2 од Законот за адвокатурата). Од оваа незаконита и неуставна надлежност на извршителот, ефектот што ќе произлезел ќе бил само поголеми трошоци за должникот и поголем профит за извршителот. Оттука, не постоела ниту општествена оправданост за воведување на оваа сосема нова постапка во Законот, бидејќи со неа немало да се подобри ефикасноста на наплатата и дисциплината на должниците, ниту ќе се заштитела т.н.ранлива категорија на граѓани, туку напротив, тоа ќе било исклучиво на нивна штета, а во полза единствено на извршителите, кои користеле секакви, па и неуставни решенија, само да си го зголемат обемот на работата и да исцедат што е можно повеќе средства од граѓаните. Тоа не би требало да биде дозволено, бидејќи било недопуштено штетата на едните (граѓаните) да биде во функција на остварување профит на другите (извршителите).
Со воведувањето на вонсудската наплата како нова постапка, за должниците ќе значело дека против еден ист должник треба да се поднесуваат два различни предмети доколку има долг со фактури со различна висина (долгот се состои од една фактура до 2.000,00 денари, а другата фактура над 2.000,00 денари), кои фактури произлегуваат од ист правен основ. Во тие постапки ќе дошло до зголемување и дуплирање на трошоците на постапката за должниците, а не намалување како што тврделе извршителите.
Со воведување на новата вонсудска наплата на извршителите им се давала можност од три постапки за наплата на долг (вонсудска, нотарска, извршна) тие да ги водат двете постапки, а во тие две постапки да бидат изземени адвокатите, што било недопустливо и неуставно. Всушност, со оваа нова вонсудска постапка целосната надлежност на адвокатите им ја одземале извршителите, за кои досега адвокатите не наплаќале никакви трошоци од должниците за достава на опомена, а сега извршителите ќе наплаќале, па се поставувало прашањето какво е тоа намалување на трошоците за должниците, кога реално имало зголемување, бидејќи трошоците за опомената доставена од извршител (кога нема да успее вонсудската наплата) ќе се бараат во Предлогот за извршување кај нотарот, а до сега во Предлогот за извршување кај нотар не се барале никакви трошоци за доставена опомена преку адвокат или преку самиот доверител.
Примената на Законот ќе покажела дека таа постапка ќе биде обременета со трошоци што ќе треба доверителот да ги плати на извршителот, како на пример за достава и администрирање, кај поголеми износи и за награда, па овие трошоци ќе треба да ги плати должникот, а доколку вонсудската наплата не успеела, овие трошоци доверителот ќе ги барал најпрво во предлогот за извршување кај нотарот, а потоа ќе ги барал во постапката за присилна наплата (извршувањето). Со тоа, покрај трошоците за главен долг, камата, нотарските и извршните трошоци, се калемеле и трошоци на постапката за вонсудска наплата, што ја отежнувала и онака лошата состојба на должникот.
Со таксативното набројување на задолжителност на вонсудската постапка за фактури по основ на комунални сметки, должниците на овие субјекти се ставале во нерамноправна положба во однос на должниците кои не спаѓаат во категоријата комунални сметки (на пример банки или осигурителни компании, па и сите други доверители), од едноставна причина што за тие кои не се носители на комунални сметки, не важат одредбите за задолжителноста на вонсудската наплата, што пак од друга страна значело дека нивните должници нема да имаат обврска да плаќаат задолжителни трошоци во вонсудската постапка (член 244 од Законот за извршување).
Овие одредби од Законот за извршување биле во директна спротивност со темелните вредности на Уставот утврдени во членот 8. Имено, со ваквите одредби се создавала недоследност на законодавецот во уредувањето на односите на пазарот, со што се доведувало во прашање начелото на владеењето на правото.
Според подносителот на иницијативата, овие решенија во Законот биле исклучиво во корист на извршителите, а на штета на многу широка категорија на должници (граѓани). Дотолку повеќе што со членот 46 од Законот за извршување, на извршителите им се овозможувало да наплаќаат буквално за секое дејствие кое по свое наоѓање (оправдано или неоправдано) ќе го преземат под закана дека ако не се плати за тоа дејствие, ќе биде запрена постапката што може да резултира со губење на правото на доверителот. Доколку однапред сите трошоци не се наплаќаат од доверителот (туку само однапред трошоци), во тој случај извршителот ќе бил стимулиран побргу да го заврши предметот, да наплати извршни трошоци од должникот, бидејќи трошоците однапред не ги наплатил од доверителот, но тоа ќе значело дека извршните трошоци за должникот ќе биле помали бидејќи предметот е завршен побрзо и немало одолговлекување и преземање на непотребни извршни дејствија.
Посебно требало да се обрне внимание што со новиот закон му било овозможено на извршителот да добива загарантирани предмети за работа преку рамномерна распределба на предмети од Комората на извршители, што значело дека т.н. комунални доверители не можеле да бираат квалитетни и стручни извршители, како што можеле да бираат другите доверители, а во преземањето на извршните дејствија (колку и кои) на извршителот не можеле да влијаат ниту доверителот, ниту должникот, што значело дека во таква поставеност извршителот имал апсолутно право сам да одлучува кои и колку извршни дејствија ќе преземе во предметите, а доверителот немал право да го ограничи или да му предложи кое извршно дејствие да биде прво преземено, а со тоа и да има помали извршни трошоци во предметот.
Вака поставената постапка за вонсудска наплата на долгови била контрадикторна со самата смисла на присилното извршување кое било регулирано со истиот закон, но исто така била во спротивност и со начелото на економичност и ефикасност во водење на постапката, бидејќи ги зголемувала трошоците (трошоците за вонсудска наплата биле нови, досега должникот не ги плаќал) и непотребно ја одолговлекувале постапката бидејќи доверителот морал да чека исход од вонсудската постапка пред присилно да го наплати главниот долг, а во периодот на чекање за должникот непотребно ќе течела камата.
Поради сето наведено, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби и со своја одлука да ги поништи како неуставни и спротивни на темелните вредности на Уставот, затоа што кај широка категорија на граѓани создавале правна несигурност и нееднаква правна положба во општеството, со тоа што таа категорија на граѓани се ставала во нерамноправна и подредена положба во зависност од природата на својот долг. Со примената на оспорените одредби се доведувале во прашање темелните вредности утврдени со Уставот, како што се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се создавала правна несигурност и нееднаква правна положба на субјектите на пазарот врз основа на дејноста што ја извршуваат, а во целина сите правни и физички лица-странки во постапката за извршување ќе биле ставени во нерамноправна и подредена положба и ќе зависеле од исклучителната волја на извршителот. Тоа била целосно дискриминирачка позиција на овие граѓани во заедницата поради што тие би можеле да претрпат значителна штета, што никако не смеело да биде дозволено, а таквите решенија сами по себе биле неуставни бидејќи во еден демократски систем, дискриминацијата требало да биде забранета по кој било основ.
3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 2 од Законот за извршување, извршителот ќе преземе извршно дејствие по плаќање на цената за администрирање, првичниот налог за извршување и реалните трошоци од доверителот, за секое поединечно извршно дејствие.
Според член 11 точка 14 од истиот закон, „вонсудската наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот.
Согласно член 17 став 3 од Законот, извршителот, во случај кога должник е физичко лице, а доверител правно лице кое овозможува комунални услуги дефинирани во член 11 точка 14) од овој закон, задолжително пред да преземе било какви други извршни дејствија со налог, ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.
Според член 28 став 2 од Законот, барањето за извршување од доверител за побарување кое произлегуваат од комунални услуги опишани во членот 11 точка 14) од овој закон, против должниците должен е непосредно да бара од Комората на извршителите од членот 75 на овој закон, да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето од ставот (1) на овој член.
Судот утврди дека членот 46 од Законот, гласи:
(1) Извршителот за извршените дејствија има право на:
-надоместок за администрирање,
-надоместок за спроведените дејствија и
-награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.
(2) Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување.
(3) Доколку доверителот не ги плати трошоците за преземање на поединечни дејствија во рок од 30 дена од денот кога извршителот ќе го задолжи доверителот за плаќање на истите, извршителот со заклучок ќе го запре извршувањето.
(4) Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми:
1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа;
2) цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и
3) награда на извршителот за извршените дејствија
-реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа:
-кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување,
-кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Ако вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа, наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на пресметувањето.
(5) Вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот.
Судот, исто така, утврди дека членовите 240-244 од Законот, гласат:
Барање за вонсудска наплата на долгови
Член 240
(1) Доверителот за побарување кое произлегува од комунални услуги опишани во членот 11 точка 14) од овој закон, против должниците должен е непосредно, да поднесе барање за вонсудска наплата на долг, пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно одредбите на Законот за нотаријатот и тоа:
-за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари,
-за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари,
-за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари. Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува износот определен со овој став, доверителот поведува постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно со одредбите на Законот за нотаријатот.
(2) Доверителот пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови, непосредно бара од Комората на извршителите од членот 75 од овој закон, да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето од ставот (1) на овој член.
(3) Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител, во рок од 5 дена сметано од денот на приемот на писменото од ставот (2) на овој член, водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во Именикот на извршителите, водејќи сметка за надлежноста на извршителот според живеалиштето/престојувалиштето на должникот.
(4) Извршителот е должен со заклучок да го одбие барањето од ставот (1) на овој член доколку доверителот:
-кон барањето не го достави дописот од Комората дека токму тој е посочен да постапува по барањата на доверителот за вонсудска наплата на долгови,
-не достави доказ Комората не му одговорила на дописот за посочување на извршител во рокот од ставот (1) на овој член,
-не ја авансира цената за администрирање на барањето и материјалните трошоци за достава.
(5) Со акт на Комората, донесен врз основа на претходна согласност на Министерството за правда, поблиску се уредуваат начинот на распределба на предметите по извршители од страна на Комората, содржината и начинот на поднесување на обраќањето на доверителот до Комората, содржината на одговорот на Комората и начинот на доставување на одговорот на Комората до доверителот. Не применување на одредбите за присилно извршување
Член 241
(1) Вонсудската наплата на долгови за комунални сметки извршителот ја спроведува со согласност на должникот.
(2) Одредбите од овој закон за присилно извршување не се применуваат при вонсудска наплата на долгови од членовите 240 до 244 од овој закон.
Започнување со вонсудска наплата на долгови
Член 242
(1) По приeмот на барањето за вонсудска наплата на долгови од доверителот, извршителот го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена и му ги предочува на должникот сите постапки и трошоци во случај на неуспешна вонсудска наплата.
(2) По исклучок и со согласност на доверителот, наплатата на долгот може да се врши и во рок подолг од 15 дена.
Начин на повикување и наплата
Член 243
(1) Повикувањето на должникот за вонсудска наплата, извршителот го врши во писмена форма.
(2) Средствата за наплата на долгот должникот ги уплаќа на посебната сметка на извршителот утврдена со членот 36 став (5) од овој закон.
Надоместоци на извршителот за вонсудска наплата на долгови
Член 244
(1) За наплатата на долгот извршителот има право на надоместок за преземените дејствија и материјалните трошоци кои што се авансираат од доверителот согласно соТарифата, а наплатуваат од должникот.
(2) Награда извршителот наплатува само по успешно извршена наплата на долгот чија вредност надминува 5.000,00 денари.
(3) Во случај на неуспешна вонсудска наплата на долгови надоместокот за преземените дејствија и материјалните трошоци паѓаат на трошок на доверителот и истите доверителот може да ги предјави во постапката за издавање на решение за нотарски платен налог согласно Законот за нотаријатот.
4. Според членот 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година, ги укина член 6 став 2, член 11 точка 14, член 12 став 1 точка 4, член 17 став 3, член 28 став 2, член 46 став 2 и членовите 240-244 од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016 и 142/2016). Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 178 од 06.12.2017 година, од кој датум наведените одредби од Законот повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.
Исто така, Уставниот суд, со Решение У.бр.143/2016 од 27.09.2017 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 46 ставови 1, 3, 4 и 5 од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016 и 142/2016), затоа што оцени дека со предвидувањето да се платат извршните дејствија на извршителот по нивното преземање и во висина определена со Законот и со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите, не се доведуваат во прашање темелните вредности владеење на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со оглед на фактот дека со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 6 став 2, член 11 точка 14, член 17 став 3, член 28 точка 2 и членовите 240-244 од Законот за извршување, кои одредби се укинати со Одлуката на Уставниот суд и кои повеќе не се во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во делот кој се однесува на овие одредби и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
За уставноста на член 46 ставови 1, 3, 4 и 5 од Законот за извршување, Уставниот суд се произнел со Решение У.бр.143/2016 од 27.09.2017 година, па со оглед дека нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во делот кој се однесува на овие одредби.
5. Тргнувајќи од изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.111/2016
20 декември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски