Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 230 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).
2. Адвокатското друштво Тошиќ и Јефтиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 230 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се повредувале член 8 став 1 алинеја 8, член 9, член 34, член 35 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
Имено, со оспорената законска одредба законодавецот предвидел дека износот на највисоката старосна пензија по 2015 година може да биде повисок, а во исто време осигурениците кои до 2015 година го оствариле своето право на старосна пензија да не можат по стапувањето на поповолната законска одредба да извршат остварување на ова свое право.
Во ситуација кога Законот предвидел дека по 2015 година, највисокиот износ на старосна пензија кој може да се исплаќа ќе биде поголем од дотогаш предвидениот, недозволиво било граѓаните на Република Македонија да се ставаат во нееднаква положба врз основа на фактот во кој временски период оствариле право на старосна пензија. Со оспорената законска одредба, на осигурниците кои оствариле право на старосна пензија до 2015 година им било скратено правото на примена на одредбата дека по 2015 година највисокиот износ на старосна пензија бил повисок и истите не биле во можност да го остварат повисокиот износ на највисоката старосна пензија.
Уставот на Република Македонија изречно наведувал дека граѓаните на Републиката се еднакви пред Уставот и законите. Со ваквата законска одредба се постигнувало токму спротивното, односно иста група на граѓани да се ставаат во нееднаква положба пред Законот единствено врз основа на фактот во кој временски период го оствариле правото на старосна пензија. И осигурениците кои оствариле право на старосна пензија пред 2015 година и осигурениците кои оствариле право на старосна пензија по 2015 година, биле граѓани на Република Македонија, истите плаќале придонеси според исти закони и не смеело со законска одредба која била противуставна, да бидат ставени во нееднаква положба, правејќи на тој начин директна дискриминација помеѓу истите.
Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 230 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, определената највисока пензија од ставот 1 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, при што со Решение У.бр.142/2012 од 14.11.2012 година, оценил дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 54 од Уставот, поради што не повел постапка за оценување на уставноста на истата.
Во цитираното решение, Уставниот суд оценил дека:
„Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Според член 2 став 1 од овој закон, системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:
– задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност,
– задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, и
– доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Според член 2 став 2 од Законот, задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредени со посебни закони.
Согласно член 3 од Законот, со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.
Во членот 4 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.
Неосновани се наводите во иницијативата дека е противуставна определбата на законодавецот висината на инвалидската пензија во случај на инвалидност причинета со повреда на работа или професионална болест да изнесува 80% од пензиската основица за пензија остварена до 2015 година, а по 2015 година истата процентуално да се определува, како и определбата во членот 230 од Законот, за осигурениците кои не пристапиле во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување највисоката пензија да не изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите кои се утврдени во член 52 став 1 од Законот, од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.
Според Судот, со наведените формулации во законските одредби од членовите 52 и 230 од Законот, не се врши дискриминација на осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и оние кои не пристапиле, од причина што самиот факт на припадност на определена групација зборува дека станува збор за лица осигуреници со различен статус (лица кои пристапиле и кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување), па оттука и дефинирањето, односно стекнувањата на правата од пензиското и инвалидското осигурување се различни, што значи за да има дискриминација, како што тврди иницијативата, осигурениците треба да имаат ист статус, што во случајов не е така. Ова дотолку повеќе за уредување на статусот и правата на осигурениците кои пристапиле во вториот пензиски столб се уредуваат со посебен закон – Законот за задолжително капитално финансирано пензиско уредување. Оттука, и наводот во иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност и со членовите 34 и 35 од Уставот, односно дека со истите се кршело правото на социјална сигурност, грижата на државата за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност според Судот е неоснован.
Неспорно е дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјална сигурност на граѓаните преку изграден систем на пензиско и инвалидско осигурување и во таа смисла да ја димензионира висината како на старосната, така и на инвалидската пензија и истовремено да ги определува критериумите и параметрите за утврдување на висината на овие пензии, притоа раководејќи се од начелото на социјалната сигурност. Оттука, определбата висината на инвалидската пензија да се намалува по 2015 година е прашање на политика и проценка на законодавецот, а сето тоа во зависност од економската моќ и актуелната општествена состојба. Од суштинско значење, според Судот, за уставноста на ваквите законски решенија е што определените критериуми и параметри за намалување на висината на пензијата се јасни, недвосмислени и прецизни и точно дефинирани во членовите 50 – 56 од Законот.
Законодавецот, според Судот, а во смисла на неговите ингеренции определени со Уставот, има основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката инвалидска пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера на живеење.
Поради наведеното, во случајов не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 52 став 1 и член 230 од Законот со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 54 од Уставот.“
Со сега доставената иницијатива се оспорува само ставот 2 на членот 230 од Законот, односно се оспорува законското решение според кое највисоката старосна пензија пресметана според ставот 1 на истиот член, не се определува повторно, туку понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии, со што, според подносителите на иницијативата, на осигурениците кои оствариле право на старосна пензија пред 2015 година им било скратено правото на примена на одредбата дека по 2015 година највисокиот износ на старосна пензија бил повисок и истите не биле во можност да го остварат повисокиот износ на највисоката старосна пензија, со што неосновано биле ставени во нееднаква положба со осигурениците кои оствариле старосна пензија по 2015 година, а кои го имаат тоа право.
Според Судот, одредбата на ставот 2 од овој член мора да се гледа во целина, заедно со ставот 1 на истиот член, како што е образложено во цитираната одлука на Уставниот суд. Впрочем, од оспорената одредба неспорно произлегува дека и највисоките старосни пензии остварени пред 2015 година, исто како и тие остварени по 2015 година, не се определуваат повторно, туку подлежат на усогласување со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии, со што сите корисници на ова право се ставени во иста положба по тој основ.
Во оваа смисла, Судот имаше предвид дека истиот принцип на определување и пресметување на највисоката старосна пензија е воведен во системот на пензиското и инвалидското осигурување во Република Македонија со членот 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Сл.весник на Република Македонија” бр.24/2000 од 29.03.2000 год.).
Имено, и според член 28 став 1 од наведениот закон, за осигурениците кои не пристапиле во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 65 став 1 на овој закон од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Според ставот 4 на истиот член, определената највисока пензија од ставовите 1 и 2 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.
Со оглед дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на целината на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а нема основи за поинакво одлучување посебно во однос на ставот 2 на истиот член, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.75/2017
29 ноември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски