У.бр.52/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на членот 2 во делот: „Љубинци, Псача и Опила“ од Одлуката за изменување на Одлуката за определување на пасивни населени места и дефицитарни занимања и занаети во изумирање и населени места каде што нема јавно осветлување во Општина Ранковце, бр.09-217/5 од 07.04.2017 година донесена од Советот на Општина Ранковце („Службен гласник на Општина Ранковце“ бр.5/2017).1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на членот 2 во делот: „Љубинци, Псача и Опила“ од Одлуката за изменување на Одлуката за определување на пасивни населени места и дефицитарни занимања и занаети во изумирање и населени места каде што нема јавно осветлување во Општина Ранковце, бр.09-217/5 од 07.04.2017 година донесена од Советот на Општина Ранковце („Службен гласник на Општина Ранковце“ бр.5/2017).
2. Момчило Алексовски, во време на поднесување на иницијативата во својство на градоначалник на Општина Ранковце, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот од член 2 од Одлуката означена во точка 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека градоначалникот ја запрел примената на оспорениот дел од Одлуката бидејќи сметал дека по однос на населените места: Љубинци (освен северно од пругата), Псача (освен Дамјанска маала, Ранќева маала и Ѓорчин рид) и Опила (освен Бабунска маала и маалата југозападно од Каваклија) имало јавно осветлување од каде оспорениот дел бил во спротивност со цитираните: член 3 став 1 точка 10, член 4 и член 6 став 2 од Законот за комунални такси.
Врз основа на наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот дел од Одлуката, а потоа истиот да го поништи.
3. Судот на седницата, утврди дека Советот на Општина Ранковце врз основа на член 6 став 3 од Законот за комуналните такси, член 17 од Статутот на Општината, а по укажување на Народниот правобранител на Република Македонија на 57-та седница одржана на ден 07.04.2017 година донел Одлука за изменување на Одлуката за определување на пасивни населени места и дефицитарни занимања и занаети во изумирање и населени места каде што нема јавно осветлување во Општина Ранковце.
Во членот 1 од Одлуката е определено дека се врши измена на основната одлука бр.07-194/3 од 10.09.2005 година и нејзината измена бр.07-955/6 од 27.12.2013 година, двете со ист назив како Одлуката во која е содржан оспорениот дел.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека членот 4 од Одлуката се менува и гласи: „Населените места каде што нема јавно осветлување се: Одрено, Ветуница, Милутинци, Отошница, Станча, П`клиште, Криви Камен, Герман, Радибуш, Гулинци, Баратлија, Вржогрнци, Ранковце, Патралица, Гиновци, Љубинци, Псача и Опила.“
Според членот 3, Одлуката влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на Општина Ранковце“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Од називот и содржината на Одлуката во која е содржан оспорениот дел од членот 2 произлегува дека станува збор за поединечен акт со кој се означени точно определени населени места на територијата на Општина Ранковце во кои нема јавно осветлување. Околноста дали нема јавно осветлување токму во населените места и во деловите означени од подносителот на иницијативата не може да биде прашање од уставно-судска надлежност и не може да биде предмет на уставно-судска оцена во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што означената одлука во која е содржан оспорениот дел не е пропис туку е конкретен акт од работењето на Општината Ранковце, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува неговата законитост, од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.52/2017

16 ноември 2017 година

С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ

на Уставниот суд на Република Македонија

Никола Ивановски