Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште, поднесено преку адвокатот Весна Аврамовска од Скопје за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на здружувањето и забраната на дискриминација врз основа на социјална припадност.
2. Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште, с. Неготино-Полошко, преку адвокатот Весна Аврамовска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од точката 1 на ова решение.
Според наводите во барањето, Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште, е здружение што е регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија, а основано со цел заштита и унапредување на правата и интересите на корисниците на пензија на територијата на Општина Врапчиште.
По извршената регистрација, Здружението за пензионери и инвалиди за Општина Врапчиште се обратило до Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) со цел зачленување на Здружението во Сојузот, при што биле поднесени сите потребни документи предвидени согласно Статутот на СЗПМ.
Со оглед на тоа што според Статутот на СЗПМ било потребно да се достави список на членови на здружението со пристапници како доказ за бројот на членовите, а коишто податоци ги поседувал Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Здружението неколку пати се обратило до СЗПМ со барање тие податоци да бидат доставени до Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште заради нивна евиденција во Здружението, меѓутоа од СЗПМ не добиле повратен одговор.
Во барањето се наведуваат хронолошки сите неуспешни обиди и постапки на Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште да добијат податоци за бројот и имињата на пензионерите и инвалидите на територијата на Општина Врапчиште (обраќање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, тужба пред Управниот суд поради одбивањето да бидат доставени податоците).
Во меѓувреме претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија писмено го известил Здружението дека согласно Одлуката за условите и постапката за прием во членство во СЗПМ, во Сојузот може да биде примено здружение на пензионери основано на подрачјето на општината на која дотогаш немало такво, ако бројот на членовите на новото здружение изнесува најмалку Ѕ од вкупниот број на пензионери во општината и воедно побарал Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште да достави список на членови на здружението со исписници на членови заверени од здружението од каде доаѓаат и пристапници за здружението во кое пристапуваат.
На седница на Собранието на СЗПМ на 21 март 2017 година, врз основа на одлука на Извршниот одбор на Сојузот била донесена оспорената одлука со која било одбиено барањето на Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште за прием во Сојузот, со образложение дека не ги исполнувало условите за прием, односно дека немало Ѕ членови од вкупниот број на пензионери во општината.
Подносителот на барањето смета дека оваа одлука е неуставна и незаконска со оглед на тоа што во ниту една одредба од Законот за здруженија на граѓани и фондации, ниту пак во Статутот на СЗПМ не било предвидено како услов за членување на едно здружение во друга форма на организирање, тоа да мора да има определен број на членови. За подносителот на барањето особено проблематично е барањето да се достават исписници заверени од здружението од каде доаѓаат, со оглед на тоа што во случај здружението да не ја завери исписницата, се оневозможувало истапувањето од здружението, како и приемот во новото здружение.
Со одбивањето на барањето за стапување на Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште во СЗПМ се вршела дискриминација на конкретното здружение, но и на други здруженија што евентуално би побарале прием во Сојузот, со што се создавала фактичка нееднаквост помеѓу здруженијата на пензионери во однос на здруженијата што веќе биле примени во Сојузот.
Подносителот на барањето се повикува на член 54 став 1 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и на ставот 3 од истиот член, според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
На крајот од барањето, подносителот наведува дека во конкретниот случај на Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште му се повредени правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија од страна на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија со донесувањето на Одлуката со која се одбива барањето на Здружението за прием во членство во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија бидејќи истото било ставено во понеповолна положба и третман во однос на здруженијата кои се веќе членови во Сојузот.
Подносителот бара Судот да ја преиспита работата на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија во врска со наводите во барањето и доколку утврди неправилности во нивното работење, да преземе соодветни мерки за нивно отстранување.
3. Уставниот суд на Република Македонија во претходна постапка и на седница ја утврди следнава фактичка состојба:
Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата – Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште, с.Неготино–Полошко е здружение на граѓани што е регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија (со решение на Централниот регистар на РМ од 27 април 2016 година), со цел заштита и унапредување на правата и интересите на корисниците на пензија на територијата на Општина Врапчиште.
По регистрацијата, на 14 јуни 2016 година, Здружението на пензионери и инвалиди за Општина Врапчиште се обратило до Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) со цел зачленување на Здружението во Сојузот, при што биле поднесени сите потребни документи предвидени со Статутот на СЗПМ. Со оглед на тоа што според Статутот на СЗПМ било потребно да се достави список на членови на здружението со пристапници како доказ за бројот на членовите, а коишто податоци ги поседувал Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Здружението неколку пати се обратило до СЗПМ со барање тие податоци да бидат доставени до Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште заради нивна евиденција во Здружението, меѓутоа од СЗПМ не добиле повратен одговор.
Поради тоа, Здружението се обратило до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, од каде добиле писмено известување дека податоците за бројот на пензионерите ги поседува Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија како единствен овластен орган и биле упатени да се обратат до него.
Со оглед на тоа што Здружението веќе се имало обратено до Сојузот на здруженијата на пензионерите и не добило одговор, Здружението на 16 јуни 2016 година, доставило до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување барање за слободен пристап до информации од јавен карактер со кое побарало да им биде доставен списокот на пензионери и инвалиди од територијата на Општина Врапчиште.
На 15 септември 2016 година, Фондот повторно писмено ги известил дека со Договор за соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, двете страни се согласиле меѓусебно да разменуваат документи и податоци од службените евиденции, регистрите и збирките на лични податоци кои ги водат овие институции и дека бараните податоци ги поседува Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Незадоволно од одговорот, Здружението на 17 јули 2016 година, поднело жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која со Решение од 18 октомври 2016 година ја уважила жалбата и предметот го вратила на повторно постапување пред првостепениот орган.
Во повторената постапка Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на 28 октомври 2016 година, донел заклучок за прекинување на постапката во кој навел дека Фондот има склучено договор со Сојузот и дека податоците кои се бараат се од личен карактер и тие не се водат според општини, туку според Филијалите на Фондот.
Незадоволно од заклучокот, Здружението поднело жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која со решение од 14 декември 2016 година ја одбила жалбата како неоснована и го потврдила заклучокот на Фондот.
Против решението на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Здружението на пензионери и инвалиди за Општина Врапчиште на 13 јануари 2017 година, поднело тужба пред Управниот суд на Република Македонија, која постапка е во тек.
На 2 февруари 2017 година, Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште добило писмено Известување од Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија во кое било наведено дека согласно Одлуката за условите и постапката за прием во членство на Сојузот на здруженија на пензионери „во Сојузот може да биде примено здружение на пензионери основано на подрачјето на општината на која дотогаш немало такво, ако бројот на членовите на новото здружение изнесува најмалку 1/2 од вкупниот број на пензионери во општината. Со дописот било побарано Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште да достави список на членови на здружението со исписници на членови заверени од здружението од каде доаѓаат и пристапници за здружението во кое пристапуваат.
По повод известувањето, Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште доставило поплака до Собранието и Извршниот одбор на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија, кои одговориле дека барањето на Здружението на пензионери и инвалиди на Општина Врапчиште ќе биде разгледано на седница на Извршниот одбор на Сојузот, а потоа и на седница на Собранието на Сојузот.
На седницата на Собранието на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија која се одржала на 21.03.2017 година, врз основа на одлука на Извршниот одбор на Сојузот, била донесена оспорената одлука со која се одбива барањето на Здружението на пензионери и инвалиди на трудот на Општина Врапчиште за членка во СЗПМ поради неисполнување на условите за прием во Сојузот, односно поради тоа што Здружението немало една половина на членови од вкупниот број на пензионери во општината утврдено со список на членови на Здружението со исписници заверени од здружението од каде доаѓаат и пристапници од здружението во кое пристапуваат.
На 11 мај 2017 година, Здружението поднело барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот пред Уставниот суд во кое се повикува на повреда на правата од членовите 9, 16 и 20 од Уставот и на извршена дискриминација по основ на социјална припадност.
4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.
Во конкретниот случај барањето за заштита на слободи и права е поднесено од правно лице – здружение на граѓани. Уставниот суд во досегашната уставно-судска практика (Решенија У.бр.138/2013, У.бр.157/2013, У.бр.2/2015 и др.) во повеќе случаи укажал дека, согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд само физичко лице односно граѓанин може да поднесе барање за заштита на слободите и правата и согласно вака заземениот став, барањата поднесени од правни лица ги отфрлал врз основа на член 28 став 3.
Поради наведеното и во овој случај, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот за постапување по барањето, односно дека постојат процесни пречки Уставниот суд мериторно да одлучува за суштината на барањето, поради што се исполнети условите за отфрлање на барањето во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.50/2017
16 ноември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски