У.бр.7/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 223/2015 и 67/2016).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за:

– оценување на уставноста на член 21 став 2 во делот:„и ја пријавува на Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација“, член 50 ставовите 17, 23, 24, 27, 28 и 34, член 61 став 2, член 63 во делот:„од членот 46 од овој закон“, член 66 и член 68-а од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016);

– оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 6 од Правилникот означен во точката 1 на ова решение, и

– оценување на уставноста и законитоста на членот 1 во делот: „Признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите од страна на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата“, член 3, член 4, член 5 и член 6 од Тарифникот за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2017).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 4 од Правилникот означен во точката 1 на ова решение.

4. Адвокатот и медијатор Гордана Каракалашева Трајковска, од Скопје, адвокатот и медијатор Весна Јовановска, од Скопје и Комората на медијатори на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 2 на ова решение и на уставноста и законитоста на Правилникот и Тарифникот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, член 21 став 2 од Законот за медијација, во делот:„и ја пријавува на Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација“, бил во спротивност со владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Исто така, бил во спротивност и со уставниот принцип на поделба на власта (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот), односно претставувал мешање на извршната во другите власти. Поточно, ова било во спротивност со член 95 став 3 од Уставот, според кој организацијата и работењето на органите на државната управа (во кои спаѓа и Министерството за правда, односно министерот) се утврдувале со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници, а не како што бил донесен Законот за медијација, меѓу кои и членот 21 став 2 од истиот, со просто мнозинство како што било видно од стенографските белешки за донесување на Законот. Од друг аспект, согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа, меѓу кои и Министерството за правда односно министерот, морале работите од својата надлежност да ги вршат во рамките на Уставот и законите, а не спротивно на истите, како што било предвидено со оспорените одредби.

Исто така, оспорениот дел од одредбата бил во спротивност и со основните принципи и улогата на медијацијата уредени со член 1, член 2, член 6 и член 9 од Законот за медијација, според кои медијацијата била доброволна и доверлива, така што, како што било регулирано со претходниот Закон за медијација-Регистарот за евиденција на постапките за медијација го водела Комората на медијатори во Република Македонија, како единствена професионална организација на сите медијатори во Република Македонија. Воедно, концептот на медијација во Република Македонија, согласно Законот за медијација, бил таканаречен концепт на медијација одвоена од државата, медијација во приватен сектор, со самостојна и независна комора, со медијатори кои работат независно и самостојно, со своја тарифа, статут, етички кодекс и други пропратни акти. Мониторинг и оценување на квалитетот на работењето на медијаторите согласно член 59 став 1 точката е) од Законот за медијација, вршел Одборот за обезбедување, следење и оценка на квалитетот на работите на медијацијата (кој морало да работи исклучиво врз начелото на самостојност и стручност), а не Министерството за правда. Оспорената законска одредба истовремено била и спротивна на Препораката (П-2002/10) за медијација во граѓанските спорови од 18.09.2002 година, донесена од страна на Комитетот на министри до земјите членки според која во одделот III Медијацијата се организира преку приватниот сектор (како што било според нашиот Закон за медијација).

Член 50 ставови 17, 23, 24, 27, 28 и 34 од Законот за медијација биле во спротивност со начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, биле во спротивност и со уставниот принцип на поделба на власта (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот), односно имало мешање на извршната во другите власти. Поточно, ова било во спротивност со член 95 став 3 од Уставот, како што е претходно наведено.

Овие одредби биле во спротивност со членот 50 став 1 од Законот за медијација, според кој Министерството за правда ги вршело само стручните и административните работи за потребите за спроведување на испитот за медијатори и тоа преку свој претставник-одговорно лице кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, додека согласно член 59 став 1 точката в) од Законот за медијација, Одборот, покрај другото ги утврдувал испитните сесии и начинот на полагање на испитот за медијаторите, го организирал и спроведувал испитот и ги издавал уверенијата за положен испит. Од ова јасно произлегувало дека сето наведено во споменатите ставови на членот 50 од Законот, спаѓало во надлежност на Одборот, а не во надлежност на министерот и комисиите формирани од него. Уште повеќе што ставот 34 на членот 50 од Законот бил контрадикторен и неуставен во однос на тоа што било предвидено дека министерот ќе врши надзор на одредбите од овој член, односно да врши надзор сам на себе. Исто така, контрадикторен бил и ставот 28 од членот 50 од Законот, според кој министерот за правда донесува решение за одземање на уверението за положен испит за медијатори, иако согласно Законот за медијатори, уверението за положен испит за медијатори го издава Одборот, што значи правно и логички било тоа уверение да може да го одземе само тој што го издал, а во управен спор тоа можел да го стори само Управниот суд, согласно Законот за општата управна постапка, а во врска со одредбите на Законот за управните спорови. Во прилог на ова била и законската положба на Одборот (согласно член 57 став 1 и член 60 став 2 од Законот), според која Одборот работи врз основа на начелото на самостојност и стручност, како тело избрано од Владата на Република Македонија, додека Министерството ги врши само стручните и административните работи за потребите на Одборот и во никој случај не претставувал „второстепен орган“, односно орган кој врши, како што индиректно било наведено со споменатите ставови на членот 50 од Законот (врши ревизија на спроведувањето на испитот…донесува решенија за одземање на уверенијата за положен испит…и сл.).

Член 61 став 2 од Законот бил во спротивност со начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Исто така, бил во спротивност и со уставниот принцип на поделба на властите (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот), односно имало мешање на извршната во другите власти. Поточно, ова било во спротивност со член 95 став 3 од Уставот, како што е претходно наведено.

Оваа оспорена одредба била во спротивност и со основните принципи и улогата на медијацијата уредени со член 1, член 2, член 6 и член 9 од Законот за медијација, од истите причини како причините наведени во оваа иницијатива во делот за неуставноста на член 21 став 2 од Законот.

Во прилог на наведеното, во иницијативата се укажува на Одлуките на Уставниот суд во предметите У.бр.34/2007 од 6 јуни 2007 година и У.бр. 117/2006 од 1 ноември 2006 година.

Членот 63 од Законот, во делот:„од членот 46 од овој закон“, создавал нејаснотии и контрадикторности и невозможност за негова примена во праксата од страна на Одборот…(кој согласно член 59 став 1 точка г) од Законот за медијација, бил должен да го применува). Доколку членот 63 од Законот не се примени на начин така што постојните медијатори кои се стекнале со тоа својство пред донесување на новиот закон, тие подлежат на постапка за лиценцирање, но притоа требало да ги приложат трите стриктно наведени докази согласно член 47 став 1 точките д), г) и е) од Законот (што значело дека не треба да презентираат уверение за положен испит за медијатори). Спротивната примена на овој член со евентуално барање на приложување на такви уверенија за постојните медијатори кои својството медијатори го стекнале претходно, според законските одредби на претходниот Закон за медијација, било спротивно на уставното начело од член 52 став 4 од Уставот, според кое законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство. Ова во правото било познато како институт на стекнати права и во нашата правна пракса досега се применувал во корист на претходно стекнатите својства и дури за некои од нив како што се адвокатите, нотарите, извршителите, книговодителите, стечајните управници, лиценците биле трајни, а не како во конкретниов случај, на 5 години.

Исто така, споменатиот дел од членот 63 од Законот бил спротивен и на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, што значело дека поради оспорениот дел од одредбата, доаѓало до фактот дека правната држава не функционирала.

Членот 66 од Законот за медијација, според кој со денот на конститурањето на Комората по овој закон, престанува да функционира постојната Комора (формирана со Законот од 2006 година), бил во спротивност со член 20 став 1 од Уставот, според кој на граѓаните (меѓу кои биле и медијаторите како физички лица), им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните економски и други права. Оваа уставна одредба го гарантирала и здружувањето на медијаторите во Комората на медијатори. Воедно, ваквто законско решение било спротивно и со членот 1 од ЕКЧПС со кој се гарантирала слободата на здружувањето (во кое спаѓало и здружувањето во Комората на медијатори). Во контекст на претходното се напоменува дека постојната Комора била оформена и конституирана согласно тогашниот Закон за медијација, и тоа според членот 28 со кој било предвидено дека медијаторите се здружуваат во Комора на медијатори, но со тој Закон не било предвидено дека некој друг (или по сила на закон) можел да ја укине таа Комора, освен медијаторите кои ја основале и се здружиле во неа. Секое спротивно решение, какво што било решението од оспорениот член 66 од новиот Закон за медијација, било спротивно на член 52 став 4 од Уставот, во однос на забраната за повратно дејство на законите – стекнати права. Исто така, оспорениот член бил спротивен и на гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото предвидени со член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, а сето тоа во врска со член 9 став 2 од Уставот, во однос на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Членот 68-а од Законот за медијација бил спротивен на начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, што значело дека поради овој член доаѓал до израз фактот дека правната држава не функционирала. Воедно, истиот член бил во контрадикторност со членот 45 и членот 32 ставови 1 и 2 од Законот за медијација, според кои медијаторите кои имаат лиценца за медијаторски работи се запишуваат во Именикот на медијатори кој го води Комората на медијатори, односно тие медијатори мораат задолжително да се организираат во Комора на медијатори која ќе се грижи за нивното законито работење. Во спротивно, како што било предвидено со членот 68-а од Законот, медијаторите би работеле без правила поточно без етички кодекс и други со закон предвидени акти, што значи работа „на црно“, без никаква контрола и без никакви норми и правила, што во никој случај не би смеело да биде.

Членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 223/2015), бил спротивен на член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација (според кој Одборот ги утврдува испитните сесии и начинот на полагање на испитот за медијатори и го спроведува испитот…., а не министерот за правда), поради што оспорениот член бил во спротивност со членот 51 од Уставот, како и со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членовите 95 и 96 од Уставот.

Член 7 став 4 од истиот правилник бил спротивен на член 50 став 21 од Законот за медијација (според кој во вториот дел на испитот доколку кандидатот освои повеќе од 70% од вкупниот број поени тогаш ќе се стекне со право да го полага третиот дел од испитот (односно го положил испитот). Овој дел од Правилникот бил во спротивност и со членот 51, како и со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Член 7 став 6 од Правилникот бил во спротивност со член 48 став 4 од Законот за медијација (според кој во третиот дел на испитот кандидатот мора да се оценува преку одреден случај-игра на улоги), а со тоа бил во спротивност со член 51, како и со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот. Бидејќи во спротивно, практично немало никаква логика со положениот испит да добие лиценца без да покаже практични вештини и квалитети на практичен случај-игра на улоги. Во светската пракса на медијација вакво нешто не постоело.

Член 1 во делот:„Признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите од страна на Одборот за обезбедување…“, член 3, член 4, член 5 и член 6 од Тарифникот за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите, биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Во оспорените членови имало и мешање на извршната во другите власти. Поточно, ова било во спротивност со член 95 став 3 од Уставот, според кој организацијата и работењето на органите на државната управа (во кои спаѓа и Министерството за правда, односно министерот) се утврдувало со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници, а не како што бил донесен предметниот тарифник. Од друг аспект, согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа, меѓу кои и Министерството за правда односно министерот, морале работите од својата надлежност да ги вршат во рамките на Уставот и законите, а не спротивно на истите, како што било предвидено со оспорените одредби.

Исто така, овој дел бил во спротивност и со основните принципи и улогата на медијацијата уредени со член 1, член 2, член 6 и член 9 од Законот за медијација, според кои медијацијата била доброволна. Воедно, концептот на медијацијата во Република Македонија, согласно Законот за медијација, бил таканаречен концепт на медијација одвоена од државата, медијација во приватен сектор. Со самостојна и независна комора, со медијатори кои работат независно и самостојно, со своја тарифа, статут, етички кодекс и други пропратни акти. Мониторинг и оценување на квалитетот на работењето на медијаторите согласно членот 59 став 1 точка е) од Законот за медијација, вршел Одборот за обезбедување, следење и оценка на квалитетот на работите на медијацијата (кој морало да работи исклучиво врз начелото на самостојност и стручност), а не Министерството за правда. Оспорените членови од Тарифата истовремено биле спротивни и на Препораката (П-2002/10) за медијацијата во граѓанските спорови од 18.09.2002 година, донесена од страна на Комитетот на министри до земјите членки според која во одделот III медијацијата се организира преку приватниот сектор (како што било според нашиот Закон за медијација).

Воедно, со донесувањето на овој тарифник и задолжувањето на идните медијатори да плаќаат за лиценците како и за останатите работи, а досегашните медијатори кои добиле лиценца немале обврска да платат за лиценците и за другите работи, новите медијатори ги доведува во нееднаква положба, што било спротивно на членот 9 од Уставот. Воедно, во Законот за медијација, во член 47 став 1 точка б), членовите 53 и 54 и член 59 став 1 точки г) и д), никаде не било предвидено дека ќе се наплаќаат парични средства за наведените работи во Тарифникот (признавање на обука, издавање на лиценците и акредитациите). Уште повеќе што никаде не биле предвидени никакви ориентациони критериуми и параметри за одредување на висината на паричните средства за споменатите работи.

Поточно, наведените износи во Тарифникот биле ставени паушално – без никаков основ, така што и од оваа причина Тарифникот бил спротивен на Законот за медијација и другите закони, а со тоа бил спротивен и на членот 51 од Уставот.

Уште повеќе што со член 6 став 1 од Тарифникот било предвидено дека паричните средства за наведените работи се уплаќаат на сметката на Министерството за правда, а од друга страна, сите тие работи согласно Законот за медијација ги вршел Одборот, што значело дека и од овој аспект бил спротивен на Законот и другите прописи.

Во прилог на наведеното се укажува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 117/2006 од 01.11.2006 година.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд времено да ја запре – одложи примената на членот 63 од Законот за медијација, до донесување на соодветна одлука во врска со предметната иницијатива.

Во образложението на овој предлог се наведува можноста за настапување на ненадоместлива штета на страната на постојните медијатори (подносители на иницијативата) со реализацијата на членот 66 од Законот за медијација, според кој постојната Комора на медијатори чии основачи и членови се тужителите, ќе престане да функционира со конституирањето на новата Комора, без да можат да учествуваат во истата и да бидат во нејзиниот состав, а со тоа и нивно оневозможување да работат како медијатори односно да остваруваат финансиски средства, како извршители на дополнителната дејност-вештина медијатор. Исто така, со нивното неучество во конституирањето на Комората се скратувале и повредувале нивните уставни и законски права да учествуваат во управувањето во органите на Комората на медијатори. Уште повеќе што тие претставувале огромно мнозинство, односно мнозинство од над 51% од сите медијатори во Република Македонија, што значело дека без нивното учество не би можело да се донесуваат валидни одлуки, што било спротивно на основното уставно начело – владеење на правото.

Притоа, требало да се има предвид досегашното постапување на Одборот, со одолговлекување на одлучувањето по доставените барања за лиценци, со непочитување на законски предвидените максимални рокови. Посебно со непочитување на член 8 став 1 алинеја 3, член 52 став 4 од Уставот, а сето во врска со членот 63 од Законот за медијација. Воедно имајќи ја граѓанско-правната заштита при злоупотребата на правото предвидена со членот 6 од Законот за облигационите односи (забрана за злоупотреба на правото) и членот 9 од истиот закон (забрана за предизвикување на штета), а сето тоа во врска со член 17 став 3 од Законот за облигационите односи.

Воедно, покрај другото, досега Одборот и одговорното лице од Министерството не ги почитувале условите од член 47 став 1 точка б) од Законот за медијација (не барале признавање на обуката завршена во странство) и тоа на сите досегашни кандидати кои го полагале испитот и кои добиле лиценци за медијатори, а камоли да побараат плаќање на паричен надоместок за истото.

Сето наведено се потврдувало и со тоа што иако биле поминати повеќе од три месеци, Одборот се уште немал преземено ништо во врска со поднесените барања за лиценци, ниту пак имал доставено некакви одговори. Од страна на барателите на лиценци (медијаторите) преземени биле повеќе соодветни постапки (пријави, барања и друго) до надлежните органи, по кои се уште немало завршница.

5. Судот на седницата утврди дека според член 21 став 2 од Законот за медијација, спогодбата од ставот (1) на овој член потпишана пред поведувањето на судската постапка, медијаторот ја заверува со свој потпис и ја пријавува во Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација.

Во член 50 ставовите 17, 23, 24, 27, 28 и 34 од Законот, гласат:

(17) Доколку лицето кое го полага испитот постапува спротивно на ставот (7) на овој член, не му се дозволува натамошно полагање на испитот и се констатира дека лицето не го положило испитот во записникот од полагање на испитот и му се изрекува забрана за полагање на испитот во траење од три години, за што министерството за правда донесува решение против кое може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението .
(23) Министерот за правда формира Комисија за ревизија на одржаните испити, во која членуваат: два претставника на Одборот, претставник на Владата на Република Македонија, претставник на Министерството за правда и претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.
(24) Комисијата од став (23) на овој член се состанува по секоја одржана испитна сесија и врши ревизија на спроведување на испитот, вклучувајќи и дали испитот го полагале кандидати кои не ги исполнуваат условите за полагање на испитот согласно член 47 од овој закон, за што доставува извештај до министерот за правда.
(27) Доколку Комисијата од став (23) утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци во смисла на ставот (7) на овој член, ќе предложи одземање на уверението за положен испит.
(28) Министерот за правда донесува решение за одземање на уверението врз основа на предлогот на Комисијата од став (23) во рок од три дена од приемот на предлогот. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.
(34) Надзор врз спроведувањето на одредбите на овој член врши Министерството за правда.

Според член 61 став 2 од Законот, министерот за правда донесува Тарифник за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците, односно акредитациите од овој закон.

Во согласност со член 63 од Законот за медијација, лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се запишани во Именикот на медијатори, како и лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон завршиле обука за медијатори, согласно со Правилникот за начинот и постапката на спроведување на обука за медијатори („Службен весник на Република Македонија” број 12/2011), подлежат на постапката за лиценцирање од членот 46 од овој закон, при што се должни да презентираат доказ за исполнетост на условите од член 47 став (1) точки д), ѓ) и е) од овој закон.

Според член 66 од Законот, Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.

Согласно член 68-а од Законот, медијаторите кои се стекнале со лиценца за медијатор согласно со членот 46 од овој закон, а не се запишани во Именикот на медијатори од денот на влегувањето во сила на овој закон до денот на нивното запишување во Именикот на медијатори, можат да вршат медијаторски работи согласно со одредбите од овој закон (став 1). Медијаторите од ставот (1) на овој член се должни да достават пријава до Комората на медијатори за упис во Именикот на медијатори во рок од 30 дена од денот на формирањето на Комората (став 2). Доколку медијаторите од ставот (1) на овој член не поднесат пријава за упис во Именикот на медијатори во рокот од ставот (2) на овој член, немаат право да вршат медијаторски работи согласно со одредбите на овој закон (став 3).

Судот, исто така утврди дека според член 2 од Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, испитот се полага во февруарска, априлска, мајска, јунска и ноемвриска испитна сесија (став 1). Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот во кој се спроведува испитната сесија (јануари, март,април, мај и октомври)(став 2).

Според член 7 став 4 на истиот правилник, кандидатот го положил вториот дел од испитот ако освоил најмалку 24 поени за секоја студија на случај. Согласно став 6 на истиот член, кандидатот кој го положил вториот дел од испитот, се известува за денот, местото и времето на полагањето на третиот дел од испитот кој се спроведува во вид на интервју со кандидатот во траење од најмногу 60 минути. Од страна на Комисијата од член 50 став (22) од Законот за медијација, а врз основа на резултатите од спроведениот психолошки тест и тестот на интегритет како и доставените препораки од страна на кандидатот, се спроведува интервју во два дела и тоа: прв дел – каде се ценат личните особини и карактеристики на кандидатот и втор дел – каде се ценат практичните вештини и способности на кандидатот преку прашалници со по десет параметри кои оценувачите ги квантифицираат со оценката „задоволува“ односно „не задоволува“. Кандидатот кој за секој дел од интервјуто се стекнал со мнозинство оценки „задоволува“, се стекнува со генералната оценка „задоволува“.

Судот на седницата утврди дека според член 1 од Тарифникот за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите, со овој тарифник се определува висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите од страна на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.

Според член 3 од Тарифникот, висината на реално потребните трошоци за признавање на обуки завршени во странство е во износ од 9.000,00 денари.

Согласно член 4 од Тарифникот, висината на реално потребните трошоци за издавање на лиценца за медијатор е во износ од 600,00 денари, а според член 5 на истиот тарифник, висината на реално потребните трошоци за акредитација на програма за обука на медијатори е во износ од 150.000,00 денари.

Според член 6 од Тарифникот, трошоците за полагање на испитот за медијатор, за признавање на обуки завршени во странство, за издавање на лиценца за медијатор и за акредитација на програма за обука на медијатор, се уплатуваат на сметка на Министерството за правда (став 1). Доколку кон пријавата не е доставен доказ дека се платени трошоците утврдени во членовите 2, 3, 4 и 5 од овој тарифник, пријавата не се зема во работа (став 2).

6. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за медијација се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка (член 1 став 1).

Според член 2 од истиот закон, „Медијација“ е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори (во натамошниот текст: медијатор), со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

а) Во однос на наводите во иницијативата за неуставноста на член 21 став 2 од Законот за медијација, во делот:„и ја пријавува на Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација“, како и член 50 ставовите 17, 23, 24, 27, 28 и 34 од Законот, Судот го имаше предвид следното:

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Според став 3 на истиот член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Министерството за правда е орган на државната управа, основан со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Со посебни закони, може да се утврдуваат конкретни надлежности на Министерството за правда во одделни области, во случајов, со Законот за медијација се утврдени одредени надлежности на Министерството за правда во областа на медијацијата, што е во согласност со уставната определба според која Собранието на Републиката, како носител на законодавната власт, е овластено со закон да уредува области на општествениот живот, на начин на кој ќе оцени дека тоа е целисходно.

Оттука, според Судот, не може да се прифати дека оспорените одредби од Законот за медијација, со кои се пропишуваат надлежности за Министерството за правда во сферата на медијацијата (водење Регистар за евиденција на постапките за медијација (член 21 став 2); вршење на стручни и административни работи за потребите на спроведување на испитот за медијатори, кои опфаќаат носење на решение за забрана за полагање на испит за медијатори во рок од три години за лицата кои го полагаат испитот спротивно на пропишаните законски одредби (член 50 став 17), формирање на Комисија за ревизија на одржаните испити за медијатори (член 50 ставови 23, 24 и 25), донесување на решение за одземање на уверението за положен испит (член 50 став 28), вршење надзор врз спроведувањето на законските одредби за полагањето на испитот (член 50 став 34), не биле во согласност со член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Притоа, дали законодавецот ќе одлучи Регистарот за евиденција на постапките за медијација да го води Министерството за правда или пак Комората на медијатори во Република Македонија, како во претходното законско решение, односно дали во постапката за спроведување на испитот за медијатори ќе го вклучи Министерството за правда или за се ќе овласти друг правен субјект, како на пример Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, како што се наведува во иницијативата, е прашање на целисходност за кое одлучува законодавецот, a не е прашање кое може да се оценува од уставно-правен аспект.

Исто така, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со наведените оспорени законски одредби се повредувале уставните принципи на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Ова од причина што е неспорно дека постапката за медијација не е судска постапка (Решение на Уставниот суд У.бр. 102/2016 од 7 декември 2016 година), а надлежностите на Министерството за правда во областа на медијацијата се утврдени со закон.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 21 став 2 во делот:„и ја пријавува на Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација“ и член 50 ставови 17, 23, 24, 27, 28 и 34 од Законот за медијација со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

б). Во однос на наводите во иницијативата за неуставноста на член 61 став 2 од Законот, Судот го имаше предвид следното:

Според член 25 став 1 од Законот, во постапката за медијација секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци ги намируваат на еднакви делови, освен ако страните поинаку се договорат. Според ставот 2 на истиот член, заедничките трошоци ја сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците на медијаторот во врска со постапката за медијација.

Оспорениот член 61 од Законот е систематизиран во главата VIII. Обезбедување, следење и оценување на квалитет на работите на медијацијата и носи наслов: Средства за работа на Одборот.

Според член 61 став 1 од Законот, средства за работа на Одборот се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од сопствени приходи. Според оспорениот став 2 на истиот член, министерот за правда донесува Тарифник за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците, односно акредитациите од овој закон, а според ставот 3 на членот, трошоците од ставот (2) на овој член се на товар на апликантот.

Оттука, произлегува дека законодавецот го овластил министерот за правда да го донесе наведениот тарифник, при што неспорно е дека трошоците предвидени со Тарифникот се на товар на апликантот.

Според член 47 став 4 од Законот, министерот за правда ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испитот, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, подготовката на базите на прашања и студии на случај, спроведувањето на електронскиот тест, подготовка на материјали и покани и подготовка на уверенија.

Исто така, законодавецот пропишал надлежност на Одборот да донесе решение за признавање на соодветна обука за медијатори завршена во странство (член 47 став 1 точка б), како услов за полагање на испит за медијатор.

Одборот, исто така, ги издава лиценците за медијатори и за обучувачи на медијатори и врши акредитација на програми за обука на медијатори (член 59 став 1 точки г) и д) ).

Поради наведеното, според Судот, реално направените трошоци за полагање на испитот за медијатор пропишани со член 47 став 4 од Законот, реално направените трошоци за признавање на обуките завршени во странство и за издавање на лиценците, односно акредитациите од овој закон, претставуваат рамка според која министерот за правда е должен да се раководи при донесувањето на наведениот подзаконски акт, што е во согласност со определбата од член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Притоа, право на законодавецот е да одлучи кому ќе го пренесе јавното овластување за донесување конкретен тарифник за определување на трошоците во постапката за добивање на лиценца за медијатор (на министерот за правда, на Комората на медијатори или на друг правен субјект), при што услов е тарифникот да биде определен во законски утврдените рамки.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 61 став 2 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 96 од Уставот.

Во оваа смисла, Судот оцени дека со иницијативата несоодветно се укажува на уставно-судската пракса искажана во Одлуките на Уставниот суд, У.бр. 34/2007 од 6 јуни 2007 година, („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2007) и У.бр. 117/2006 од 1 ноември 2006 година (Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2006), од причина што наведените одлуки се однесуваат на друга правна ситуација, различна од сега оспорената. Имено, со наведените одлуки Уставниот суд укинал одредби од тогаш важечкиот Закон за медијација затоа што оценил дека од целината на Законот за медијација не произлегувало дека во истиот се содржани општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација, поради што оценил дека со Тарифникот кој го носи Комората на медијатори, а по прибавено мислење на министерот за правда се утврдуваат и критериумите за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, што согласно Уставот е надвор од ингеренциите на извршната власт и значи навлегување на извршната во законодавната власт, спротивно на уставните начела.

в). Членот 63 од Законот е систематизиран во главата X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ.

Според овој член, лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се запишани во Именикот на медијатори, како и лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон завршиле обука за медијатори, согласно со Правилникот за начинот и постапката на спроведување на обука за медијатори („Службен весник на Република Македонија” број 12/2011), подлежат на постапката за лиценцирање од членот 46 од овој закон, при што се должни да презентираат доказ за исполнетост на условите од член 47 став (1) точки д), ѓ) и е) од овој закон.

Лиценцата за медијатор е воведена со актуелниот Закон за медијација (кој започнал да се применува девет месеци по денот на неговото влегување во сила, односно сметано од октомври 2014 година) Така, според член 46 став 1 од Законот за медијација, медијатор може да биде деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи. Според ставот 2 на истиот член, лиценца за медијатор му се издава на лицето кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практичните вештини на медијацијата (во натамошниот текст: испит за медијатори) пред Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата (во натамошниот текст: Одборот) и ќе презентира склучен договор за осигурување од одговорност за штета согласно со членот 24 став (4) од овој закон. Издадената лиценца важи пет години и истата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторот (член 46 став 3).

Претходно важечкиот Закон за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 22/2007 и 114/2009) не пропишувал лиценца за вршење на медијаторски работи, како услов за вршење на оваа дејност, туку за да ја врши дејноста, медијаторот морало да биде запишан во Именикот на медијатори кој го води Комората на медијатори (член 11 став 1 точка 4).

При ваква правна состојба, со новиот, сега важечки закон, во преодните и завршните одредби, законодавецот пропишува преоден режим за тоа под кои и какви услови постојните медијатори можат да продолжат да ја вршат дејноста во согласност со новопропишаните услови. Законодавецот пропишува дека сите медијатори, и тие кои статусот го стекнале под условите на претходниот закон, исто како и медијаторите кои статусот ќе го стекнат под условите од новиот закон, мораат да имаат лиценца за медијатор. Оттука, произлегува дека законодавецот сите медијатори ги става во иста положба.

За лиценцирање на медијаторите кои го стекнале статусот по стариот закон, новиот закон предвидува обврска да презентираат доказ за исполнетост на условите од членот 47 став 1 точки д), ѓ) и е) од новиот закон (спроведен психолошки тест и тест на интегритет издаден од лиценцирано стручно лице; уверение за државјанство на Република Македонија и најмалку пет препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот).

Наводите во иницијативата дека ваквата регулатива создавала нејаснотии и контрадикторности и невозможност на примена во пракса, затоа што не било јасно дали овие медијатори требало или не требало да презентираат уверение за положен испит за медијатори, Судот ги оцени како неосновани. Имено, претходно важечкиот закон не предвидувал испит за медијатори, како што предвидува актуелниот закон, при што испитот за медијатори е услов за добивање на лиценца. Оттука, неспорно е дека постапката за лиценцирање подразбира положен испит за медијатори. Оттука, Судот не го прифати наводот во иницијативата дека нејасноста на одредбата водела кон повреда на начелото на владеењето на правото.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според Судот, во овој случај не може да се прифати дека постои повреда на член 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што законодавецот ги става во еднаква положба сите медијатори, што е негова уставна обврска, а обврската за лиценцирање на медијаторите кои го стекнале статусот по претходниот закон, со барање да исполнат одредени услови, исти кои важат и за медијаторите кои ќе го стекнат статусот по новиот закон, значи поволност и сигурност за сите физички и правни лица кои ќе имаат потреба од услуга од медијатор.

Поради тоа, Судот оцени дека воведувањето на обврска за лиценцирање на медијаторите кои го стекнале статусот по претходно важечкиот закон, на ист начин како и за другите медијатори, не може да се прифати како повреда на нивните стекнати права и легитимни очекувања за вршење на оваа дејност, туку како создавање на нормативни претпоставки за еднаков третман пред законот на сите медијатори, што е обврска на законодавецот.

Поради наведеното, Судот утврди дека член 63 во делот:„од членот 46 од овој закон“ не може основано да се доведе под сомнение за согласноста со член 52 став 4 од Уставот.

г). Според оспорениот член 66 од Законот, Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.

Во однос на наводите во иницијативата за неуставноста на овој член, Судот го имаше предвид следното:

Според член 32 став 1 од актуелниот Закон за медијација, лиценцираните медијатори запишани во Именикот на медијатори задолжително се организираат во Комора на медијатори на Република Македонија (во натамошниот текст: Комората). Според став 3 на истиот член, Комората работи како непрофитна организација со својство на правно лице.

Според член 33 став 1 од Законот, на Комората и се доверуваат следниве јавни овластувања:
1) водење на Именик на медијаторите;
2) издавање уверенија за факти за кои води евиденција и
3) утврдување на висината на членарината за членовите на Комората.

Според член 28 од претходно важечкиот Закон за медијација, медијаторите се организираат во Комора на медијатори на Република Македонија (став 1), а Комората на медијатори има својство на правно лице (став 2).

Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорениот член 66 од актуелниот закон со член 20 став 1 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Комората на медијатори според претходно важечкиот закон, била основана со тој закон, а во неа членувале сите медијатори. Новиот Закон за медијација, исто така предвидува Комора на медијатори, во која ќе членуваат сите лиценцирани медијатори, а правата и обврските на Комората се утврдени со Законот.

Оттука, неспорно е дека со конституирањето на новата Комора на медијатори, престанува да функционира претходната Комора на медијатори, основана со Законот кој престанал да важи со донесување на новиот Закон за медијација. Во спротивно, би имале ситуација на дуализам,

односно паралелно постоење на две комори со исти надлежности, што само би создавало нејасност и несигурност и би водело до повреда на начелото на владеењето на правото.

Поради истите причини, не може да се прифати како основано тврдењето во иницијативата дека постоењето на Комората на медијатори основана по претходно важечкиот закон, било стекнато право и законската интервенција за нејзино престанување поради конституирање на новата Комора, било повреда на член 52 став 4 од Уставот.

Комората на медијатори била основана согласно закон, па и нејзиното престанување е исто така утврдено со закон. Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се прифати дека таквата законска регулатива значи повреда на член 9 став 2 од Уставот во однос на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак повреда на член 55 став 1 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

д) Членот 68-а од Законот е внесен со член 3 од Законот за дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2016 година, од 22.03.2016 година).

Членот 68-а гласи:

(1) Медијаторите кои се стекнале со лиценца за медијатор согласно со членот 46 од овој закон, а не се запишани во Именикот на медијатори од денот на влегувањето во сила на овој закон до денот на нивното запишување во Именикот на медијатори, можат да вршат медијаторски работи согласно со одредбите од овој закон.
(2) Медијаторите од ставот (1) на овој член се должни да достават пријава до Комората на медијатори за упис во Именикот на медијатори во рок од 30 дена од денот на формирањето на Комората.
(3) Доколку медијаторите од ставот (1) на овој член не поднесат пријава за упис во Именикот на медијатори во рокот од ставот (2) на овој член, немаат право да вршат медијаторски работи согласно со одредбите на овој закон.

Според наводите во иницијативата, овој член бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно спротивен на начелото на владеењето на правото, но притоа нема аргументи за ваквото тврдење, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел (член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија).

ѓ). Наводите во иницијативата за несогласност на оспорените одредби од Законот со други одредби од истиот закон, претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од ист закон, за што, Уставниот суд, согласно надлежностите утврдени во член 110 од Уставот, не е надлежен.

7. Во однос на оспорувањето на уставноста и законитоста на член 2, член 7 став 4 и член 7 став 6 од Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, Судот го имаше предвид следното:

Уставниот суд на Република Македонија веќе ја ценел уставноста и законитоста на Правилникот во целина и посебно на член 7 став 4 од Правилникот, при што со Решение У.бр.138/2016 од 15 февруари 2017 година оценил дека нема основ за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина и посебно на член 7 став 4.

Имено, во ова свое решение Уставниот суд оценил дека: „од анализата на целината на Законот за медијација, а посебно членовите 47, 48, 50 и 51, јасно произлегува дека законодавецот ги уредил прашањата кои се однесуваат на: условите што треба да ги исполнува лицето кое полага за медијатор, програмата за полагање на испитот за медијатор во која е утврдено од колку дела се состои испитот, колку пати годишно се полага врз основа на програма во која се содржани градивото и прописите, начинот на полагање на испитот кој се состои од три дела при што е утврден и процентот на освоени бодови за полагање на првиот и вториот дел од испитот за да може кандидатот да го полага третиот дел од испитот како и начинот на полагање на испитот за медијатор.

Според член 51 став 8 од Законот за медијација, министерот за правда е овластен да донесе правилник за условите и начинот на полагање на испит за медијатор, а што е во насока на операционализација на посочената законска одредба како и на другите одредби од законот, кои се однесуваат на полагање на испит за медијатор во кои одредби се утврдени сите елементи односно дадена е рамката на содржината, правото, условите и начинот на полагање на испитот за медијатор.

Оттука, според Судот, Правилникот во целина и посебно оспорениот член е разработка на Законот за медијација, со кој се определува еднообразен начин на полагање на испитот и добивање на уверение за медијатор.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник во целина и посебно на членот 7 став 4 од истиот, со уставните и законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.“

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека барањето за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 4 од Правилникот, поднесено со сега доставената иницијатива, треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, од причини што за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според Судот, образложението на Судот искажано во наведеното решение, во целост се однесува и на сега оспорениот член 7 став 6 од Правилникот, со кој се уредува начинот на полагање на третиот дел од испитот за медијатори. Имено, и овој член од Правилникот е во функција на операционализација на законските одредби за спроведување на испитот за медијатори, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со член 48 став 4 од Законот за медијација и член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

Во однос на оспорениот член 2 од Правилникот, Судот го имаше предвид следното:

Со оспорениот член 2 од Правилникот, донесен од министерот за правда, се определуваат испитните сесии во текот на годината кога се полага испитот за медијатори.

Меѓутоа, според член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација, Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, врз основа на начелото на самостојност и стручност, ги утврдува испитните сесии за полагање на испитот за медијатор.

Оттука, произлегува дека законодавецот го овластил министерот за правда да ги пропише условите и начинот на полагање на испитот за медијатори (член 51 став 8), но за утврдувањето на испитните сесии за спроведување на испитот, законодавецот го овластил Одборот.

Поради наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори со член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

8. Во однос на оспорените одредби од Тарифникот за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците односно акредитациите, Судот укажува на образложението дадено во точката 6 под б) од ова решение.

Реално направените трошоци за полагање на испитот за медијатор пропишани со член 47 став 4 од Законот, како и реално направените трошоци за признавање на обуките завршени во странство и за издавање на лиценците, односно акредитациите од овој закон, претставуваат законска рамка според која министерот за правда е обврзан да се раководи при донесувањето на наведениот подзаконски акт, што е во согласност со определбата од член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Наводите во иницијативата дека Тарифникот ги ставал во нееднаква положба новите медијатори во однос на медијаторите кои го стекнале статусот според претходно важечкиот закон, според Судот, се неосновани.

Ова од причина што сите медијатори подлежат на обврска за лиценцирање, што подразбира полагање на испит за медијатори, а со тоа и плаќање на реалните трошоци за полагање на испитот, со што се ставени во иста положба пред Законот, што е во согласност со член 9 став 2 од Уставот, а Тарифникот се однесува подеднакво за сите лица кои ќе се најдат во ситуација да полагаат испит за медијатори.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Тарифникот со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

9. Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето во иницијативата Судот да ја одложи примената на членот 63 од Законот за медијација, до донесување на конечна одлука по иницијативата.

10. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2017
1 ноември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски