У.бр.100/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 октомври 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 2 точка 11 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Игорчо Точев од Кочани, со Решение У. бр. 100/2016 од 31 мај 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот:

Одделните поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) Царински службеник е административен службеник на Царинската управа кој е униформиран или има посебни должности и овластувања и кој своите надлежности ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за Царинската тарифа, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка и други закони;
2) Оперативна инструкција е упатство и насока донесена од директорот на Царинската управа наменета за царинските службеници за тоа како одредена работа и постапка треба да биде раководена или спроведувана, како и очекуваните стандарди на работа и однесувањето кон кои царинските службеници мора да се придржуваат;
3) Царинска мерка е секоја мерка преземена под надлежност на Царинската управа во согласност со овој закон и со друг закон;
4) Царинското подрачје на Република Македонија (во натамошниот текст: царинско подрачје) ја опфаќа територијата, територијалните води и воздушниот простор над територијата на Република Македонија, државната граница, а согласно со ратификувани меѓународни договори може да се протега и на делови од територијата на други држави. Царинското подрачје е обележано со царинска линија која е идентична со државната граница;
5) Царински пограничен појас на копно е дел од царинското подрачје на Република Македонија, во ширина од 15 км од царинската линија во длабочината на територијата на Република Македонија. Царински пограничен појас на граничните езера е дел од царинското подрачје на Република Македонија кој во ширина ја опфаќа царинската линија на езерото и до 5 км на копното од брегот на езерото. Кога пограничниот појас се протега на дел од месности, тогаш целата месност се смета како да е внатре во појасот;
6) Царинска контролирана зона вклучува царински пограничен појас, 1 преземено царински складишта, царински терминали, царински зони, слободни економски зони, слободни складови, воздухопловни и езерски пристаништа отворени за меѓународен јавен сообраќај на лица и стоки и сите други места определени или одобрени од страна на Царинската управа со цел спроведување на царински надзор;
7) Царински надзор се општи мерки кои ги презема Царинската управа заради обезбедување на примена на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор;
8) Царинска контрола е извршување на конкретни дејствија како што се преглед на стока, проверка на постоење, веродостојност и точност на документите, преглед на деловни книги и други евиденции, преглед и претрес на транспортни средства, преглед и претрес на личен багаж и друга стока која ја носат лицата со или на себе, спроведување на службени истраги и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор;
9) Транспортни средства се секакви патнички и товарни возила, вклучувајќи запрежни коли, приколки или полуприколки, авиони, возови, вагони, чамци, бродови, амфибиски возила, хидроплани, други контејнери, како и сите други средства кои можат да се користат за транспорт на лица и стоки и
10) Технички надзор е мерка на набљудување, увид и документирање на движење на стоки, транспортни средства и лица со примена на аудио, видео и други технички средства.
11) Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 став 1 од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2004, 81/2005 107/2007,103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016) се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и управувањето со Царинската управа, царинските надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Царинската управа. Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на царинските службеници од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Царинската управа (став 2).

Согласно член 2, од овој закон, одделните поими употребени во овој закон го имаат следново значење: Царински службеник е административен службеник на Царинската управа кој е униформиран или има посебни должности и овластувања и кој своите надлежности ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за Царинската тарифа, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка и други закони (точка 1); Оперативна инструкција е упатство и насока донесена од директорот на Царинската управа наменета за царинските службеници за тоа како одредена работа и постапка треба да биде раководена или спроведувана, како и очекуваните стандарди на работа и однесувањето кон кои царинските службеници мора да се придржуваат (точка 2); Царинска мерка е секоја мерка преземена под надлежност на Царинската управа во согласност со овој закон и со друг закон (точка 3); Царинското подрачје на Република Македонија (во натамошниот текст: царинско подрачје) ја опфаќа територијата, територијалните води и воздушниот простор над територијата на Република Македонија, државната граница, а согласно со ратификувани меѓународни договори може да се протега и на делови од територијата на други држави. Царинското подрачје е обележано со царинска линија која е идентична со државната граница (точка 4); Царински пограничен појас на копно е дел од царинското подрачје на Република Македонија, во ширина од 15 км од царинската линија во длабочината на територијата на Република Македонија. Царински пограничен појас на граничните езера е дел од царинското подрачје на Република Македонија кој во ширина ја опфаќа царинската линија на езерото и до 5 км на копното од брегот на езерото. Кога пограничниот појас се протега на дел од месности, тогаш целата месност се смета како да е внатре во појасот (точка 5); Царинска контролирана зона вклучува царински пограничен појас, 1 преземено царински складишта, царински терминали, царински зони, слободни економски зони, слободни складови, воздухопловни и езерски пристаништа отворени за меѓународен јавен сообраќај на лица и стоки и сите други места определени или одобрени од страна на Царинската управа со цел спроведување на царински надзор (точка 6); Царински надзор се општи мерки кои ги презема Царинската управа заради обезбедување на примена на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор (точка 7); Царинска контрола е извршување на конкретни дејствија како што се преглед на стока, проверка на постоење, веродостојност и точност на документите, преглед на деловни книги и други евиденции, преглед и претрес на транспортни средства, преглед и претрес на личен багаж и друга стока која ја носат лицата со или на себе, спроведување на службени истраги и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор (точка 8); Транспортни средства се секакви патнички и товарни возила, вклучувајќи запрежни коли, приколки или полуприколки, авиони, возови, вагони, чамци, бродови, амфибиски возила, хидроплани, други контејнери, како и сите други средства кои можат да се користат за транспорт на лица и стоки (точка 9); Технички надзор е мерка на набљудување, увид и документирање на движење на стоки, транспортни средства и лица со примена на аудио, видео и други технички средства (точка 10) и Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа (точка 11).

Оспорената одредба од Законот е поместена во делот општи одредби и дефиниции каде што е утврдено дека Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа.

Поради наведеното, Судот оцени дека со ваквата форму­лација постојат уставни противречности и не се работи само за одделниот поим употребен во овој закон, туку и нејаснотија и конфузност која следи од нејасната одредба.

Од цитираната содржина на член 2 точка 11 произлегува дека тој се повикува на Закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 2 точка 11 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од член 2 точка 11, со принципот на владеењето на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причини што владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со означениот дел на член 2 точка 11 од Законот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни одредби поради што основано се тврди во иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со што се повредувало начелото на владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претсе­дателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2016
04.10.2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски