У.бр.143/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 27 септември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2, член 11 точка 14, член 12 став 1 точка 4, член 17 став 3, член 28 став 2, член 46 став 2 и членовите 240-244 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 ставовите 1, 3, 4 и 5 и член 265 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Адвокатското друштво Кузмановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека има долгогодишно искуство како полномошник на физички и правни лица во врска со присилна наплата на долгови, па смета дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставните определби и решенијата од Законот за адвокатурата, Законот за парничната постапка и Законот за комунални дејности. Таквата општа оценка се конкретизира така што, прво, се проблематизира член 11 точка 14 и членовите 240-244 од Законот за извршување, со кои се утврдува дефиницијата и се уредува постапката за вонсудска наплата на долгови од страна на извршител, при што се смета дека оваа материја не влегува во делокругот на извршителот определен во член 1 ставови 1, 2 и 3 од истиот закон, како и во член 11 точка 7 од Законот за извршување. До донесувањето на оспорените законски одредби вонсудската наплата на долговите ја вршеле адвокатите во рамките на даденото полномошно и врз основа на член 53 од Уставот и член 2 ставови 1 и 2 од Законот за адвокатурата, па не постоела ниту општествена оправданост за воведување на нова постапка со закон, која била на штета на физичките и правните лица и на нивните полномошници адвокати, а во корист на извршителите.

Второ, вонсудската наплата на долгови од комунални услуги (струја, парно, вода, смет, телефон, кабелска ТВ, заеднички трошоци во зграда – член 11 точка 14) морала да се спроведе низ законски пропишана постапка, што значело дека вонсудската наплата на комунален долг била задолжителна за комуналните фирми, за што тие морале однапред да ги плаќаат трошоците на извршителот, со што тие биле ставени во нерамноправна положба во однос на некомуналните фирми (банки, штедилници, осигурителни компании, финансиски-консалтинг фирми и други доверители), како и им се нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото со оглед дека не можеле да ангажираат адвокат и самите да изберат извршител.

Трето, вонсудската наплата на комунален долг се покренувала од комуналната фирма непосредно, што произлегувало не само од член 240 став 1 туку и од член 28 став 2 од Законот за извршување, а тоа значело дека од вонсудска наплата на комунален долг биле неоправдано исклучени адвокатите како полномошници на комуналните доверители, особено ако должникот во таа постапка не бил ограничен да ангажира полномошник-адвокат, па и по овој основ имало нарушување на слободата на пазарот и нееднаква правна положба на субјектите на пазарот. Сето тоа, пак, било на штета на комуналните доверители, на должниците и на нивните полномошници-адвокати, а во корист на извршителите.

Со оглед на тоа што вонсудската наплата на комунален долг не спаѓала во рамките на надлежностите на извршителите утврдени во основните одредби од Законот за извршување, подносителот на иницијативата наведува дека било неуставно и постоењето на член 17 став 3 од Законот за извршување со кој извршителот е овластен да го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба.

Во однос на член 6 став 2 и член 46 од Законот со кои се уредува плаќањето на цената на извршувањето, како и во врска со член 12 став 1 точка 4 според кој заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето е извршна исправа, подносителот на иницијативата смета дека со тие законски одредби доверителите-подносителите на барањето за извршување биле ставени во неповолна, подредена положба во однос на извршителите со оглед дека морале однапред да ја плаќаат цената на извршувањето без да го знаат конечниот износ на трошоците на извршувањето, а подреденоста била особено видлива ако се знаело дека извршителот слободно оценувал кои извршни дејствија ќе ги преземе и дека за секое дејствие наплатувал аванс од доверителот, па доколку доверителот не платил некое извршно дејствие, извршителот ќе го запрел извршувањето на штета на доверителот и немал обврска да ги врати парите платени за претходно преземените дејствија. Извршителот дури можел да донесе заклучок за утврдување на трошоците на извршувањето, против кој доверителот немал можност да употреби правно средство, и потоа истиот тој извршител да го спроведе извршувањето на својот заклучок кој е извршна исправа.

Во однос на член 265 од Законот, во иницијативата се наведува дека таа одредба овозможувала незавршените постапки покренати според стариот Закон за извршување да продолжат според одредбите од новиот Закон за извршување така што извршителот ќе го изменел средството за извршување, за што одлучувал самиот, па на тој начин ќе ја продолжел старата постапка според новиот закон предизвикувајќи негова ретроактивна примена. Притоа, имајќи предвид дека постоел огромен број на незавршени стари предмети, примената на новите правила од Законот за извршување во тие случаи им овозможувал на извршителите авансно да наплатуваат од доверителите енормно високи суми на извршни трошоци загрозувајќи го нивното опстојување или условувајќи ги со запирање на извршувањето и застарување на побарувањето. На тој начин било овозможено извршителот своите дејствија да ги насочи кон доверителите, а не кон должниците, па таквата одредба била дискриминирачка, создавала правна несигурност и не била во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не се во согласност со член 8 ставови 3 и 7, член 52 став 4 и член 55 од Уставот.

Со иницијативата се предлага изрекување на привремена мерка, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 6 став 2 од Законот се предвидува дека „Извршителот ќе преземе извршно дејствие по плаќање на цената за администрирање, првичниот налог за извршување и реалните трошоци од доверителот, за секое поединечно извршно дејствие.“

Според оспорениот член 11 точка 14 од Законот, „Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: 14) „вонсудска наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот.“

Судот понатаму утврди дека според оспорениот член 12 став 1 точка 4 од Законот, „Извршни исправи се: 4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето;“.

Во оспорениот член 17 став 3 од Законот се определува дека „Извршителот, во случај кога должник е физичко лице, а доверител правно лице кое овозможува комунални услуги дефинирани во член 11 точка 14) од овој закон, задолжително пред да преземе било какви други извршни дејствија со налог, ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.“

Со оспорениот член 28 став 2 од Законот се предвидува дека „Барањето за извршување од доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги опишани во членот 11 точка 14) од овој закон, против должниците должен е непосредно да бара од Комората на извршителите од членот 75 на овој закон, да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето од ставот 1 на овој член.“

Според оспорениот член 46 од Законот, „(1) Извршителот за извршените дејствија има право на:
– надоместок за администрирање,
– надоместок за спроведените дејствија и
– награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.“

„(2) Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување.“

„(3) Доколку доверителот не ги плати трошоците за преземање на поединечни дејствија во рок од 30 дена од денот кога извршителот ќе го задолжи доверителот за плаќање на истите, извршителот со заклучок ќе го запре извршувањето.“

„(4) Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми:
1) цена на администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа;
2)цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и
3) награда на извршителот за извршените дејствија -реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа:
– кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување,
– кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Ако вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа, наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на пресметувањето.“

„(5) Вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот.“

Судот исто така утврди дека оспорените членови 240-244 од Законот се систематизирани во делот посветен на „Вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа“.

Притоа, членот 240 се однесува на „Барање за вонсудска наплата на долгови“ и тој гласи: „(1) Доверителот за побарување кое произлегува од комунални услуги опишани во членот 11 точка 14) од овој закон, против должниците должен е непосредно, да поднесе барање за вонсудска наплата на долг, пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно одредбите на Законот за нотаријатот и тоа:
– за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари,
– за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари,
– за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари.

Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува износот определен со овој став, доверителот поведува постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно со одредбите на Законот за нотаријатот.“

„(2) Доверителот пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови, непосредно бара од Комората на извршителите од членот 75 од овој закон, да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето од ставот (1) на овој член.“

„(3) Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител, во рок од 5 дена сметано од денот на приемот на писменото од ставот (2) на овој член, водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во Именикот на извршителите, водејќи сметка за надлежноста на извршителот според живеалиштето/престојувалиштето на должникот.“

„(4) Извршителот е должен со заклучок да го одбие барањето од ставот (1) на овој член доколку доверителот:
– кон барањето не го достави дописот од Комората дека токму тој е посочен да постапува по барањата на доверителот за вонсудска наплата на долгови,
– не достави доказ Комората не му одговорила на дописот за посочување на извршител во рокот од ставот (1) на овој член,
– не ја авансира цената за администрирање на барањето и материјалните трошоци за достава.“

„(5) Со акт на Комората, донесен врз основа на претходна согласност на Министерството за правда, поблиску се уредуваат начинот на распределба на предметите по извршители од страна на Комората, содржината и начинот на поднесување на обраќањето на доверителот до Комората, содржината на одговорот на Комората и начинот на доставување на одговорот на Комората до доверителот.“

Оспорениот член 241 од Законот се однесува на „Не применување на одредбите за присилно извршување“ при вонсудска наплата на долгови и тој член гласи: „(1) Вонсудската наплата на долгови за комунални сметки извршителот ја спроведува со согласност на должникот.“

„(2) Одредбите од овој закон за присилно извршување не се применуваат при вонсудска наплата на долгови од членовите 240 до 244 од овој закон.“

Оспорениот член 242 од Законот се однесува на „Започнување со вонсудска наплата на долгови“ и таа одредба гласи: „(1) По приемот на барањето за вонсудска наплата на долгови од доверителот, извршителот го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена и му ги предочува на должникот сите постапки и трошоци во случај на неуспешна вонсудска наплата.“

„(2) По исклучок и со согласност на доверителот, наплатата на долгот може да се врши и во рок подолг од 15 дена.“

Оспорениот член 243 од Законот се однесува на „Начинот на повикување и наплата“ и тој гласи: „(1) Повикувањето на должникот за вонсудска наплата, извршителот го врши во писмена форма.“

„(2) Средствата за наплата на долгот должникот ги уплаќа на посебната сметка на извршителот утврдена со членот 36 став (5) од овој закон.“

Оспорениот член 244 од Законот се однесува на „Надоместоците на извршителот за вонсудска наплата на долгови“ и тој гласи: „(1) За наплатата на долгот извршителот има право на надоместок за преземените дејствија и материјалните трошоци кои што се авансираат од доверителот согласно со Тарифата, а наплатуваат од должникот.“

„(2) Награда извршителот наплатува само по успешно извршена наплата на долгот чија вредност надминува 5.000,00 денари.“

„(3) Во случај на неуспешна вонсудска наплата долгови надоместокот за преземените дејствија и материјалните трошоци паѓаат на трошок на доверителот и истите доверителот може да ги предјави во постапката за издавање на решение за нотарски платен налог согласно Законот за нотаријатот.“

Во однос на оспорениот член 265 од Законот, Судот утврди дека со него се определува „Започнатите извршни дејствија од извршителите по конкретно средство за извршување, започнатите постапки за именување на извршители, како и започнатите дисциплински постапки до денот на влегување во сила на овој закон ќе се завршат согласно одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/11 и 187/13).“

5.а) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 51 од Уставот се определува дека „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1), и дека „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 52 став 1 од Уставот, „Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила“, а според ставот 4, „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, што се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, потоа другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законите, а покрај тоа секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Освен тоа, законите и другите прописи најнапред се објавуваат во јавноста, па влегуваат во сила и потоа се применуваат, тие не можат да имаат повратно дејство, со тоа што исклучок се случаите кога тоа е поповолно за граѓаните. Според тоа, владеењето на правото подразбира усогласеност на понискиот правен акт со повисокиот правен акт. Односот пак меѓу темелната вредност владеење на правото утврдена во Уставот, од една страна, и правните норми содржани во пониските правни акти, од друга страна, подразбира законските и подзаконските одредби да се јасни или разбирливи, прецизни или недвосмислени, конзистентни или доследни едни со други, заради обезбедување да владее правото и заради елиминирање на можниот субјективизам од лицето кое одлучува применувајќи го правото.

б) Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 55 став 1 од Уставот се утврдува гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото, при што со став 2 се пропишува дека „Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.“ Според став 3, „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.“

Од овие уставни одредби произлегува дека темелната вредност слобода на пазарот и претприемништвото се остварува со нејзино гарантирање пропишано во Уставот, потоа со обврска на државата да спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот и да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како и со определување на областите поради кои може да се ограничи таа слобода.

в) Уставот на Република Македонија не содржи норми кои се однесуваат за извршителите.

г) Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), пак, содржи: основни одредби (Дел први: членовите 1-11), одредби што се однесуваат на извршување (Дел втори: членовите 12-244) распоредени во четири раздели (Заеднички одредби, Спроведување на извршувањето, Извршување заради наплата на парично побарување, Извршување заради остварување на непарично побарување), и одредби што се однесуваат на испит за извршители, како и преодни и завршни одредби (Дел трети: членовите 245-269).

Во основните одредби од Законот се пропишуваат следните темелни правила:
– дека извршителите постапуваат заради (1) присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, (2) присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска и (3) присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (член 1 ставови 1, 2 и 3);
– дека основа за извршување е извршна исправа (член 2 став 1);
-само еден извршител го спроведува извршувањето, кое започнува по барање од доверителот (член 2 ставови 2 и 3 и член 3 став 1);
– при спроведувањето на извршувањето, извршителот е должен да постапува веднаш и според редоследот на приемот на предметите, ако пред секое извршно дејствие доверителот ја платил цената за администрирање и реалните трошоци на извршителот (член 6);
-„извршител“ е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон и кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат за да се спроведе извршната исправа (член 11 точка 7);
-„вонсудската наплата на долгови“ е обид за наплата на парично побарување по фактура за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зграда), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот (член 11 точка 14).

Од изнесените темелни одредби на Законот за извршување при непостоење на основни уставни одредби во врска со извршителите, произлегува дека извршителот постапува врз основа на извршна исправа (член 2 став 1), донесена од суд, управен орган, нотар или друг орган предвиден со закон (член 1), присилно, со преземање на извршни дејствија утврдени со закон како јавни овластувања и за кои одлучува самиот (член 1 и член 11 точка 7). Во основните одредби од Законот за извршување се определува и значењето на изразот „вонсудска наплата на долгови“ што го спроведува извршител по барање на доверител, со согласност на должникот (член 11 точка 14), иако во тој однос нема извршна исправа донесена од суд, управен орган, нотар или друг орган предвиден со закон, ниту пак има присилно преземање на извршни дејствија за кои одлучува самиот извршител врз основа на јавни овластувања утврдени во закон, туку има фактура за комунална сметка издадена од комунално правно лице, барање од комуналната фирма до извршителот и согласност на должникот.

д) Законот за извршување понатаму, во врска со „вонсудска наплата на долгови“ определени во член 11 точка 14 од Законот, ја уредува постапката на следните начини: (1) ако комуналниот долг е во рамките на законски утврдениот износ и (2) ако комуналниот долг е над рамките на законски утврдениот износ (член 240 став 1).

(1) Ако комуналниот долг е во рамките на законски утврдениот износ, постапката е следна:

-долгот, определен во веродостојната исправа за вода, смет, одржување на зграда, телефонија, мобилни оператори и кабелски оператори, да е до 2.000 денари, како и долгот, определен во веродостојната исправа за електрична или топлинска енергија, да е до 6.000 денари (член 240 став 1 реченица прва);
-доверителот-комунално правно лице е должно непосредно да бара од Комората на извршители да одреди извршител кому треба да се поднесе барањето за извршување (член 28 став 2 и член 240 став 2);
-Комората на извршители е должна да му одговори на доверителот во рок од 48 часа од приемот на писменото, водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во Именикот на извршителите, водејќи сметка за надлежноста на извршителот (член 28 став 3). Од друга страна, според член 240 став 3 од Законот, „Комората на извршители е должна да му одговори на доверителот во рок од 5 дена сметано од денот на приемот на писменото“ водејќи сметка за извршителите да ги одредува рамномерно …, водејќи сметка за надлежноста на извршителот според живеалиштето/престојувалиштето на должникот;
-доверителот-комунално правно лице поднесува барање за извршување до извршителот со приложување на извршната исправа во оригинал (член 28 ставови 1 и 2);
-извршителот задолжително го повикува должникот да го подмири долгот во рок од 3 дена да го намири побарувањето (член 17 став 3). Од друга страна, според член 242 став 1 од Законот, „по приемот на барањето за вонсудска наплата на долгови од доверителот, извршителот го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена …“;
– повикувањето на должникот за вонсудска наплата, извршителот го врши во писмена форма (член 243 став 1);
– доверителот однапред плаќа аванс на извршителот за преземените дејствија и за материјалните трошоци (член 6 став 2, член 46 и член 244 став 1);

– ако долгот се наплати, извршителот ги наплатува преземените дејствија и направените трошоци од должникот (член 244 став 1), а ако не се изврши вонсудска наплата на долгот, преземените дејствија и материјалните трошоци на извршителот паѓаат на трошок на доверителот и истите доверителот може да ги бара во постапката за издавање на решение за нотарски платен налог согласно Законот за нотаријатот (член 243 став 3);
– за трошоците на извршувањето, извршителот донесува заклучок кој е извршна исправа (член 12 став 1 точка 4).

(2) Ако комуналниот долг е над рамките на законски утврдениот износ, постапката е следна:

-доверителот бара донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно со одредбите од Законот за нотаријатот (член 240 став 1 реченица втора);
– решението за издавање на нотарски платен налог станува извршна исправа (член 16 ставови 1 и 2);
– барањето за извршување на извршна исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал (член 28 став 1).

Од изнесените законски одредби гледани од аспектите покренати со иницијативата произлегува дека (1) комуналните правни лица-доверители се должни да постапуваат на два начина заради наплата на комунален долг, во зависност од тоа дали износот на долгот е во законски утврдените рамки или не, за разлика од другите правни лица-доверители кои постапуваат само на еден начин и дека (2) ако комуналниот долг е во законските рамки (до 2.000 денари за вода, смет, одржување на зграда, телефонија, мобилни оператори и кабелски оператори, односно до 6.000 денари за електрична или топлинска енергија), тогаш: а) комуналното претпријатие-доверител е должно да преземе дополнително дејствие (обраќање до Комората на извршители), Комората на извршители е должна да презема дополнително дејствие (да одреди извршител според некаков редослед), како и одредениот извршител исто така е должен да преземе дополнително дејствие (писмено да го повика должникот да го подмири комуналниот долг), б) комуналното правно лице-доверител понатаму е должно своите дејствија да ги преземе лично без посредство на адвокат, в) за секое преземено дејствие од извршителот комуналното правно лице-доверител е должно претходно да плати аванс и да ги плати неговите материјални трошоци, кои давачки извршителот не ги враќа на комуналното претпријатие ако не се изврши вонсудска наплата на долгот, туку за тие средства комуналното претпријатие треба да води нова постапка пред нотар (барање за издавање на решение за нотарски платен налог), и г) заклучокот на извршителот за трошоците на извршувањето е извршна исправа која тој самиот може да ја изврши без можност за оспорување на таа извршна исправа пред извршување, а севкупната таква постапка не е предвидена за другите правни лица-доверители.

ѓ) Во образложението на Предлог-законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016) се наведува следното:

– при донесувањето на новиот Закон за извршување „… не се следеше конкретно туѓо искуство, туку малубројните европски искуства се прилагодуваа на македонските прилики, …“ (стр.1 последниот став од Образложението на Предлог-законот);
– донесувањето на нов Закон за извршување има за цел „… проширување на надлежноста на извршителите со воведување на вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа, …“ (стр.2);
– „Новото законско решение воведува и целосно ново извршно дејствие по барање на извршителите. Имено, станува збор за вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа, …. Ова дејствие ќе се презема исклучиво по барање и на трошок на доверителот, што значи дека нема да ги кумулира трошоците на должникот.“

Од изнесените наводи во Образложението на Предлог-законот произлегува дека (1) материјата за вонсудската наплата на долгови како делокруг на извршителите не е преземена од искуството на друга држава, дека (2) таа материја е проширување на надлежноста на извршителите и дека (3) оваа материја е внесена во Законот по барање на извршителите, а на трошок на доверителите и не на трошок на должниците.

Во образложението на Предлог-законот за изменување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2016) се наведува следното:

-„Комората на извршители како и големите доверители кои обезбедуваат комунални услуги како ЕВН, Македонски Телеком, Оне и БЕГ се директно засегнати со новините во Законот за извршување, поради што истите побараа одлагање на Законот за извршување со цел усогласување со одредбите од Законот за извршување и негова имплементација во нивните внатрешни процеси и системи, …“

Имајќи го предвид изнесеното, дека (1) Уставот не содржи норми кои се однесуваат за извршителите, дека (2) основните одредби од Законот за извршување го позиционираат извршителот како лице кое присилно спроведува извршна исправа донесена од суд, управен орган, нотар или друг орган определен со закон, дека (3) „вонсудската наплата на долгови“ определена во Законот за извршување не се заснова на извршна исправа донесена од наведените органи и на присилно спроведување на извршна исправа донесена од тие органи, дека (4) постапката за „вонсудска наплата на долгови“ ги става доверителите-комуналните правни лица во поинаква правна положба од другите правни лица-доверители, дека (5) „вонсудската наплата на долгови“ е внесена во Законот на барање на извршителите, без да се следи таквото искуство во други држави и на штета на комуналните правни лица-доверители кои барале одлагање на примената на Законот за извршување, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 11 точка 14, член 17 став 3 и членовите 240-244 (востановувањето и постапката за „вонсудска наплата на долгови“) од Законот со темелната вредност владеење на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 и разработена во член 51 од Уставот, како и за согласноста на член 6 став 2, член 12 став 1 точка 4, член 28 став 2 и член 46 став 2 (однапред плаќањето, Комората на извршители да одреди извршител, заклучокот на извршителот да е извршна исправа) од Законот со темелната вредност слободата на пазарот и претприемништвото определена во член 8 став 1 алинеја 7 и разработена во член 55 од Уставот. Поради тоа Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на член 46 ставовите 1, 3, 4 и 5 од Законот, Судот оцени дека, со предвидувањето да се платат извршните дејствија на извршителот после нивното преземање и во висина определена со Законот и со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите, не се доведуваат во прашање темелните вредности владеење на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Во врска со членот 265 од Законот, пак, гледан од аспектот покренат со иницијативата, Судот оцени дека определувањето, извршните дејствија кои ги започнале извршителите по конкретно средство за извршување пред денот на влегувањето во сила на новиот Закон за извршување да се завршат согласно одредбите од стариот Закон за извршување, е во согласност со начелото на забрана на повратно дејство на законите определено во член 52 став 4 од Уставот. Прашањето на примената на оспорената законска одредба, пак, не е во надлежност на Уставниот суд, туку на другите судови. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Во однос на барањето од иницијативата за изрекување на привремена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд со оглед дека не се во прашање тешко отстранливи штетни последици.

9. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови во однос на точката 1, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.143/2016
27 септември 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски