У.бр.49/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 јули 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 79 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост се уште имал пет става, а членот 15 од оспорениот закон, со кој се менува членот 79 од Законот користи термини, односно зборови кои физички не евидентираат во членот 79 од Законот бидејќи во истиот нема став 6, како предвидува оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Подносителот на иницијативата наведува дека во правниот поредок треба да постојат јасни и прецизни норми. Заедницата која се создава меѓу менувачката норма и нормата која се менува со менувачката норма, треба да претставуваат логична правна и функционална целина како не би дошло до збунување во операционализација на самата одредба, но и законот во целина.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од членот 15 од Законот се повредува начелото на владеењето на правото, како и правната сигурност на граѓаните како составен дел на наведената темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека членот 15 од оспорениот закон предвидува дека во членот 79 во ставот (3), зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 79 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011 и 27/2014), предвидува:

(1) Правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост во целост или во дел може да престане по барање на корисникот на градежното земјиште.

(2) По барање на лице кое има правен интерес, правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост во целост или во дел може да престане со согласност на корисникот на градежното земјиште.

(3) Престанокот на правото на користење градежно земјиште од ставовите (1) и (2) на овој член се утврдува со решение на органот на државната управа надлежен за имотно-правни работи.

(4) Правото на користење на градежното земјиште од членот 14 (став 6) од овој закон престанува со решението на органот на управата надлежен за имотно-правните работи со кои се врши приватизација на градежното земјиште на кое барателот има изградено објект со правна основа.

(5) Против решението од ставот (3) на овој член може да се изјави жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Со измените во Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2014 од 30 септември 2014 година, во кој е содржан оспорениот член 15 од Законот, се предвидува:

„Во членот 79 во ставот 3, зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.

Од цитираната содржина на членот 79 од основниот текст на Законот, произлегува дека тој има вкупно (5) става и во ставот (3) кој претрпел измена со сега оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, егзистираат зборовите ставовите (1) и (2), а никаде не се споменува зборот став (5), на што основано се укажува во иницијативата во која оваа одредба се оспорува од аспект на принципот на владеењетона правото.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со оспорениот член 15 од оспорениот закон. Со оглед на тоа што оспорениот член 15 од Законот содржи повикување на став 6 од членот 79 од Законот, кој не егзистира во законската рамка Судот оцени дека членот 15 од оспорениот закон основано може да се доведе под сомнение по однос на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како нејзин составен дел.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта,Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2017
05 јули 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски