Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за усвојување на барање доставено од Драган Зафировски бр.08-308/6 донесена од Советот на Општина Старо Нагоричане на 10.04.2017 година. („Службен гласник на општина Старо Нагоричане“ бр.5/2017).
2. Игорчо Точев од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот заклучок бил во спротивност со член 50 став 1 точка 14, член 62 став 1 и член 63 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи надлежноста на градоначалникот била за одлучување на поединечни барања за парична помош согласно со прописите за управна постапка.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека градоначалникот на Општината одлучувал за правата, должностите и одговорностите на државните службеници вработени во Општината. Оттаму произлегувало дека Советот на Општината немал надлежност да одлучува за поединечни барања, а особено за поединечни барања за вработени државни службеници.
Во иницијативата се наведува дека градоначалникот донел решение со кое го запира заклучокот донесен од Советот на Општината, бидејќи градоначалникот и вработениот имале претходно склучен договор согласно член 24-а од Законот за државните службеници и анекс бр.1 и анекс бр.2 со кои државниот службеник со своја волја имал договорено дека прифаќал средствата да му бидат исплатени а потоа после дипломирање и унапредување на истиот државен службеник истиот бил должен да ги врати добиените средства на 20 еднакви рати и подоцна со анекс бр.2 од 23.02.2017 година се менува и гласи дека ќе ги врател средствата на 30 еднакви рати по 2.000 денари, почнувајќи од платата за месец март 2017 година.
Исто така, во самиот оспорен заклучок воопшто не било наведено по кој основ ќе се одобрела еднократна парична помош, на кој начин ќе се исплаќаат имајќи во предвид дека државниот службеник имал склучено договор со градоначалникот со кој се обврзувал за враќање на наведените средства.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок и истиот да го поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Заклучокот за усвојување на Барање доставено од Драган Зафировски („Службен гласник на општина Старо Нагоричане“ бр.5/2017) е наведено дека Советот на Општина Старо Нагоричане го разгледа Барањето доставено од Драган Зафировски вработен во Општина Старо Нагоричане од 02.03.2017 година, за покривање средства за студирање во висина од 60.000,00 денари кои претходно му биле одобрени од страна на градоначалникот и за кои има потпишано договор бр.03-583/3 од 05.06.2013 година, анекс бр.1 бр.03-583/5 од 19.07.2013 година и анекс бр.2 бр.03-172 од 23.02.2017 година со кои се има обврзано дека одобрените средства во периодот после дипломирањето на соодветниот факултет и натамошното унапредување на државниот службеник истите ќе ги врати, и по истото донесе Заклучок.
Според членот 2 од Заклучокот, финансиските средства за реализација на овој заклучок, во висина од 60.000,00 денари, ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2017 година.
Согласно членот 3 од Заклучокот, се овластува градоначалникот во рамките на своите надлежности да го спроведе овој заклучок.
Според членот 4 од Заклучокот, овој заклучок влегува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на општина Старо Нагоричане “.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот заклучок нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобна за уставносудска оцена.
Имено, со оспорениот заклучок, Советот на Општина Старо Нагоричане го разгледа барањето доставено од Драган Зафировски вработен во Општина Старо Нагоричане од 02.03.2017 година, за покривање средства за студирање во висина од 60.000,00 денари кои претходно му биле одобрени од страна на градоначалникот и за кои има потпишано договор бр.03-583/3 од 05.06.2013 година, анекс бр.1 бр.03-583/5 од 19.07.2013 година и анекс бр.2 бр.03-172 од 23.02.2017 година со кои се има обврзано дека одобрените средства во периодот после дипломирањето на соодветниот факултет и натамошното унапредување на државниот службеник истите ќе ги врати, и по истото донесе Заклучок.
Од содржината на овој заклучок произлегува дека Заклучокот има карактер на поединечен, конкретен акт кој има правно дејство само за државниот службеник Драган Зафировски, а не и за други неопределени субјекти во правото. Оттука, Судот утврди дека не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите во иницијативата, од причина што се работи за поединечен, конкретен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.43/2017
25 мај 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски