У.бр.173/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а и член 35-б ставови 1 и 2 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016).

2. Драге Стојкоски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а и член 35-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член 2 став 1 точка 12-а од Законот па наведува дека во второоспорениот член 35-б од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица законодавецот правел дистинкција помеѓу регистрационен агент „адвокат“ и регистрационен агент „сметководител“, иако таква дистинкција не постоела во првооспорената одредба. Со ова се овозможувало сметководителите да можат да поднесуваат пријави за упис на основање, промени, бришење на сите форми на друштва и се давала можност на овие регистрациони агенти да ги поднесуваат пријавите само за основање на трговец поединец, друштво со ограничена одговорност и друштво со ограничена одговорност основано од едно лице.

Според подносителот на иницијативата со ова се нарушувало уставно загарантираното право на секој човек под еднакви услови да му е достапно секое работно место загарантирано со член 32 став 2 од Уставот.

Наведените ограничувања не биле во согласност и со член 32 став 3 од Уставот. Ова од причина што Судот со Одлука донесена на 11 мај 2016 година го укинал член 35 став 7 од Законот, бидејќи со одредбата се исклучувало правото на награда на регистрациониот агент со што се гарантирала заработувачката за обезбедени услуги.

Ограничувањата во оспорените одредби биле во спротивност и со членот 55 од Уставот со оглед што се гарантирала слободата на пазарот и претприемништвото, а од друга страна законодавецот ја ограничувал оваа слобода со наметнување на одредба која го лимитирала дејството на регистрационите агенти-сметководители и ги ставала во подредена позиција по однос на регистрационите агенти-адвокати.

Во натамошниот текст се цитираат делови од Законот за адвокатурата и се наведува дека одредени активности на регистрациониот агент како на пример: промена на адреса на електронско сандаче, промена на регистрирана адреса и слично биле едноставни, технички и административни активности за кои не било потребно адвокатско знаење и вештина и не можеле да се категоризираат во делот на давање на правна помош и можеле да бидат извршувани од регистрациони агенти кои не се адвокати. Тука можеле да се вбројат и овластените сметководители со овластување за регистрационен агент вработени во друштва правни лица, но во вакви случаи, иако тие друштва имале направени трошоци за потребните ресурски ,преку наведените лица не можеле да ги извршат овие промени, туку морале да ангажираат регистрационен агент-адвокат. Со тоа се изложувале на дополнителни и непотребни трошоци.

Од сето наведено подносителот на иницијативата смета дека било повредено владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Од наведените причини се бара поведување на постапка по однос на член 35-б ставови 1 и 2 од Законот, а потоа истиот да се поништи или укине.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 2 став 1 точка 12-а од Законот, “Регистрационен агент“ е трговец поединец, или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.

Според член 35-б од Законот, регистрациониот агент трговец поединец и трговско друштво, како сметоводител/овластен сметководител, вршат електронско поднесување на пријавата за упис на основање на трговец поединец, друштво со ограничена одговор-ност и друштво со ограничена одговорност на едно лице (став 1).

Регистрациониот агент адвокат поединец или адвокатско друштво вршат електронско поднесување на пријава за упис на трговец поединец, пријава за упис на основање, промена и бришење на сите форми на трговски друштва определени со Законот за трговските друштва во единствениот трговски регистар (став 2).

Регистрациониот агент од ставовите 1 и 2 на овој член го утврдува идентитетот на учесниците во постапката за регистрација, вистинитоста на потписите на прилозите кон пријавата за упис и истите ги заверува со свој дигитален потпис (став 3).

Идентитетот на учесниците се утврдува врз основа на важечка лична карта или патна исправа, а за правни лица врз основа на доказ за регистрација во надлежниот регистар, додека вистинитоста на потписот се утврдува врз основа на лична изјава со која потписот се признава за свој или со своерачно потпишување на прилозите во присуство на регистрациониот агент (став 4).

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е определено дека, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, меѓу другото, треба да содржи причини за нивното оспорување, како и одредби од Уставот, односно законот што се повредуваат со оспорениот акт.

Согласно член 28 ставови 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијативата произлегува дека член 2 став 1 точка 12-а од Законот се споменува како оспорен само во уводот на иницијативата. Во воведните наводи на иницијативата, одредбата се цитира, но причини за нејзино оспорување отсуствуваат. Во завршницата на иницијативата истата не се означува како оспорена одредба која би требало да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со Уставот.

Инаку, член 2 став 1 точка 12-а од Законот бил предмет на оцена по однос на неговата согласност со Уставот и Судот со решение У.бр.120/2013 од 19.03.2014 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Оттаму, отсуството на јасно барање за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а од Законот и причини за несогласност со Уставот, претставува процесна пречка за постапување, согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот.

По однос на оспорениот член 35-б ставови 1 и 2 од Законот од значење е дека Судот со решение У.бр.90/2016 од 8 март 2017 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 35-б од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица. Судот застанал на гледиште дека законодавецот ги определува условите потребни за добивање на овластување за регистрационен агент и тие услови подеднакво се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, како и го уредува начинот на поднесувањето на пријавата за упис на основање на трговец поединец, друштво со ограничена одговорност и друштво со ограничена одговорност на едно лице, преку системот на електронска регистрација (член 35-б), да има основа во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Прашањето, пак, за тоа дали е оправдано трговец поединец или трговско друштво за вршење на сметководствени работи да пријавува упис на нови правни субјекти во Централниот регистар, според Судот, е прашање на целисходност и тоа прашање го оценува Собранието на Република Македонија при донесувањето на законите, а не е надлежност на Уставниот суд.

Оттаму, Судот веќе одлучувал за согласноста на членот 35-б од Законот со Уставот, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување.

Ова од причина што подносителот на иницијативата ги компарира законските решенија од двата става од ист закон, односно овластувањата на регистрационите агенти-сметководители (член 35-б став 1) и овластувања на регистрационите агенти-адвокати (член 35-б став 2) за да докаже дека сметководителите требале да имаат исти овластувања како адвокатите. Според Судот ваквите наводи претставуваат барање за оценување на меѓусебната согласност на одредби од еден ист закон, што спаѓа во надлежност на законодавецот, не во надлежност на Уставниот суд, имајќи го предвид членот 110 алинеја 1 од Уставот.

Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.173/2016
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски