Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 мај 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 и член 49 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 16 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016).
2. Светскиот македонски конгрес од Скопје и Министерството за локална самоуправа на Република Македонија-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точката 1 од Решението.
Според наводите во првата иницијатива, членот 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа и членот 16 став 1 во делот: „во првата половина на мај” од Изборниот законик, не биле во согласност со член 2, член 8 став 1 алинеите 3 и 9, член 50, член 51, член 54, член 114 став 1, член 115 став 1 и член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија.
По наведување на содржината на оспорениот член 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа според кој членовите на советот се избираат за време од четири години и членот 16 став 1 во кој е содржан оспорениот дел од Изборниот законик, според кој изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во мај, како и по цитирање на членот 114 став 1 од Уставот според кој на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, подносителот изразува жалење дека поради злоупотреба на службената должност и самовластие, пратениците не ја исполниле уставната обврска и сеуште не избрале претседател на Собранието кој ги распишува локалните избори во утврдените рокови од член 12 став 4 од Изборниот законик.
Поради неизвесноста кога Собранието на Република Македонија ќе определел рок за одржување на локалните избори за 2017 година, а роковите од 13 февруари, а најдоцна до 6 март 2017 година, за распишување на локалните избори, не се испочитувале, се доведувало во прашање функционирањето на локалната самоуправа до новите локални избори чие одржување требало да се определи со измени на Изборниот законик.
Во продолжение на иницијативата подносителот цитира членови од Законот за локалната самоуправа и членови од Изборниот законик, наведувајќи дека неизбежен бил заклучокот за истечениот мандат на членовите на советите на единиците на локалната самоуправа кој им завршил во април 2017 година. Исто така, имајќи предвид дека градоначалникот се избирал секоја четврта година, а за изборот Општинската изборна комисија му издавала уверение од кога се сметал почетокот на мандатот на градоначалникот, а крајот на мандатот, според подносителот на иницијативата, бил до преземањето на должноста од новоизбраниот градоначалник, но најмногу до крајот на четвртата календарска година, произлегувало дека и на градоначалникот мандатот ќе му истечел до крајот на 2017 година.
Подносителот во иницијативата укажува како требало да постапи Собранието во вакви случаи, односно дека Собранието дополнително требало само да го измени рокот за одржување на изборите за членови на совет и за градоначалници, со замена на оспорениот дел: „во првата половина во мај” содржан во членот 16 став 1 од Изборниот законик, со друг термин, но, не подоцна од крајот на оваа година.
Поради неизвесноста, кога Собранието ќе го определел рокот за одржување на локалните избори, а со цел да се заштитат правата и слободите на граѓаните на локална самоуправа кои поради тоа биле суспендирани и ограничени, подносителот со иницијативата бара Уставниот суд да го поништи членот 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа, а и да се поништи оспорениот дел: „во првата половина во мај” содржан во членот 16 став 1 од Изборниот законик, со што советниците и градоначалниците ќе се изедначеле во мандатот, односно со тоа немало да им престане мандатот на советниците во првата половина на месец април, туку ќе продолжел до изборот на новите советници, исто како што мандатот на градоначалниците траел до изборот на новите градоначалници.
На овој начин, според подносителот, Уставниот суд преку утврдување на несогласност на членот 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа и членот 16 став 1 во делот: „во првата половина во мај” од Изборниот законик, со член 2, член 8 став 1 алинеите 3 и 9, член 50, член 51, член 54, член 114 став 1, член 115 став 1 и член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија, ќе ги заштител правата и слободите на граѓаните на локална самоуправа, а до донесување на конечната одлука, подносителот предлага донесување на решение за времена мерка, поради ризик од суспензија на правото на граѓаните на локална самоуправа од првата половина на месец април оваа година, кога им престанувал мандатот на членовите на советите на единиците на локална самоуправа.
Според подносителот на втората иницијатива, членот 35 став 1 и членот 49 од Законот за локалната самоуправа, како и членот 16 став 1 од Изборниот законик, исто така не биле во согласност со член 2, член 8 став 1 алинеите 3 и 9, член 50, член 51, член 54, член 114 став 1, член 115 став 1 и член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија, а како причини за неуставноста на оспорените законски решенија се наведува следното:
Уставот на Република Македонија јасно утврдувал дека суверенитетот произлегувал од граѓаните и им припаѓал на граѓаните кои власта ја остварувале преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување, па оттука законите не смееле да содржат одредби кои не ги опфаќале сите можни состојби кои можеле да произлезат од политичкото делување во државата. Во оваа смисла, неприфатливо било во Законот за локалната самоуправа да нема уредување на случаи поради кои не можело да се распишат редовни локални избори, односно да не бил утврден законски механизам, кој би овозможил продолжување на мандатот на избраните градоначалници и советници до изборот на нови, поради објективни причини.
Поради политичката криза во Република Македонија, односно фактот дека Собранието на Република Македонија, се уште не било до крај конституирано и внатрешно организирано (не бил избран претседател на Собранието, како и работните тела утврдени во Деловникот), не било можно распишување на редовни локални избори во Република Македонија во законски утврдениот рок, а со тоа доведено било во прашање нормалното функционирање на локалната власт, како и уставно загарантираното право на граѓаните на локална самоуправа, бидејќи по истекот на мандатот на постојните градоначалници и советници, локалната власт ќе останела без нови претставници избрани од граѓаните на избори. Тоа ќе се одразело врз спроведувањето на надлежностите дефинирани во Законот за локалната самоуправа, а граѓаните ќе останеле без правото да ги користат услугите од локалната самоуправа, со што се доведувало во прашање начелото на владеење на правото.
По цитирање на членот 51 од Уставот во Република Македонија, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, подносителот уште еднаш потенцира дека Законот за локалната самоуправа морал да предвиди законско решение кое ќе стапело на сила во случај редовните локални избори да не можат да бидат распишани поради објективни или други причини, во случај на криза или друга состојба.
Во продолжение на иницијативата се посочува на клучната улога кој го има принципот на владеењето на правото во секое демократско општество, врз кој се заснова и уставниот поредок на Република Македонија, а и европските уставни демократии.
Принципот на владеењето на правото ја обезбедувал правната сигурност на граѓаните, па оттука законските одредби требало да бидат конкретни, сигурни, јасни и прецизни, а нивните правни импликации, предвидливи и точно утврдени. Во Законот за локалната самоуправа, не била предвидена законска можност, надлежностите на локалните органи на власт да се вршат по истекот на мандатот, во случај кога распишувањето на локалните избори не било направено од објективни или друг вид на причини, каков што бил случајот со нецелосната функционалност на Собранието на Република Македонија, која настанала како резултат на политичката криза во земјата, со што законодавецот не ја обезбедил правната сигурност на граѓаните, односно истата била нарушена, бидејќи, по истекот на мандатот на актуелните градоначалници и советници во општините во Република Македонија, локалните органи на власта ќе биле целосно блокирани.
Со оглед дека мандатот на градоначалниците и на советниците бил утврден во член 49, како и во член 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа и траел четири години, без можност истиот да биде продолжен поради одредена кризна или вонредна состојба во државата, а уставотворецот имал предвидено правен механизам како да се спречи блокирање на работата на државните органи како на пример член 93 став 5 од Уставот според кој „Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада”, подносителот смета дека Уставниот суд би требало аналогно во конкретниот случај да го има во предвид овој механизам, а во насока пред се на остварување на правата на граѓаните во локалната самоуправа, како и во насока на тоа градоначалниците и советите своите законски надлежности да ги вршат до изборот на нов градоначалник, односно до изборот на нови советници.
Во спротивно, ако оспорените законски одредби останале во сила, ќе се создадела правна несигурност, ќе се повредело владеењето на правото, суверенитетот на граѓаните како и правото на граѓаните непосредно и преку претставници да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, односно граѓаните нема да можеле да ги остваруваат уставно загарантираните слободи и права, а посебно правата кои произлегувале од локалната самоуправа.
Од погоре наведените причини со иницијативата се бара оценување на уставноста на оспорените одредби од законите, како и времена мерка за запирање на нивната примена до конечното одлучување и укинување на истите.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа, членовите на советот се избираат за време од четири години, а според оспорениот член 49 од истиот закон, градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.
Судот утврди и дека според член 16 став 1 од Изборниот законик, изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во мај.
4. Со член 2 од Уставот на Република Македонија, е утврдено дека во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Според член 8 став 1 алинеите 3, 5 и 9 од Уставот, владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори и локалната самоуправа, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
Со член 68 став 1 алинеја 1 од Уставот, е утврдено дека Собранието на Република Македонија, го донесува и изменува Уставот, а според алинејата 2 на членот од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Од погоре наведената уставна одредба, децидно произлегува во чија надлежност спаѓа донесувањето и изменувањето на Уставот и на законите, како и автентичното толкување на законите.
Со членот 110 од Уставот на Република Македонија, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд.
Уставниот суд на Република Македонија според овој уставен член:
-одлучува за согласноста на законите со Уставот;
-одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
-ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
-решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
-решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
-одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
-одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
-одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.
Со член 112 став 1 од Уставот е определено дека Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот.
Со член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.
Со Амандман XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Од оваа уставна одредба произлегува дека прашањата од сферата на локалната самоуправа, локално финансирање, локални избори, општинските граници и за Градот Скопје, уставотворецот препуштил да се уредуваат со закон согласно утврденото мнозинство на гласови, со обврска од мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Според Амандман XVII точка 1 со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Со член 117 став 1 од Уставот е определено дека Градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон.
Согласно точката 2 на Амандман XVII со кој се заменува ставот 2 на членот 117 од Уставот, во Градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно овие уставни одредби, уставната гаранција на граѓаните за правото на локална самоуправа, се изразува преку нивна непосредна и посредна партиципација во одлучувањето за прашањата од локално значење и од значење за Градот Скопје, кои произлегуваат од областите опфатени со уставните норми.
Тргнувајќи од Амандман XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, односно од уставната определба локалната самоуправа да се уредува со закон, законодавецот на основа ова уставно овластување го уредил Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).
Со Законот за локалната самоуправа се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа (член 1).
Органи на општината се: советот и градоначалникот (член 31 од Законот за локалната самоуправа).
Според член 33 став 1 од Законот за локалната самоуправа, советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, а според ставот 2 на членот од Законот, изборот на членовите на советот се уредува со закон.
Според оспорениот член 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа, членовите на советот се избираат за време од четири години.
Со оспорениот член 49 од Законот за локалната самоуправа се уредува дека градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.
Со Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016), се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија (во натамошниот текст: претседател на Републиката), за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: пратеници), за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје (во натамошниот текст: членови на советите), за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје (во натамошниот текст: градоначалник), начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места (член 1).
Според член 16 став 1 од Изборниот законик, изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во мај.
Во конкретниот случај со две иницијативи се оспоруваат одредби од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и одредба од Изборен законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016).
Со првата иницијатива поднесена од Светскиот македонски конгрес од Скопје, се оспоруваат член 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа и член 16 став 1 во делот: „во првата половина во мај” од Изборниот законик.
Со втората иницијатива поднесена од Министерството за локална самоуправа од Скопје, се оспоруваат член 35 став 1 и член 49 од Законот за локалната самоуправа и член 16 став 1 од Изборниот законик.
Во суштина, одредбите од наведените закони се оспоруваат како спротивни на член 2, член 8 став 1 алинеите 3 и 9, член 50, член 51, член 54, член 114 став 1, член 115 став 1 и член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што законодавецот, покрај оспорените одредби во предметните закони, не уредил и други норми како законски решенија во случај на неможност од спроведување на локални избори, односно дека законодавецот не уредил правни механизми за пролонгирање на мандатите на градоначалниците и советите на општините, поради одредени кризни и други непредвидливи состојби во државата, а каков што бил конкретниот случај. Поради таквата неуреденост во законите, граѓаните биле ставени во позиција да не можат да ги остваруваат уставно загарантираните слободи и права, а посебно правата кои произлегувале од локалната самоуправа. Од наведените причини, со иницијативите се бара Уставниот суд да утврди неуставност на законските одредби, а со тоа и нивно елиминирање од правниот поредок, како би се продолжил мандатот на градоначалниците и советите на општините. Во спротивно, ако оспорените законски одредби останале во сила, ќе се создадела правна несигурност, ќе се повредело владеењето на правото, суверенитетот на граѓаните како и правото на граѓаните непосредно и преку претставници да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.
Во конкретниот случај, иако за подносителите е неспорно дека само законодавниот дом е надлежен да уредува норми и правни механизми во законите, како законски решенија за надминување на состојби поради кои не би можело да се распишат локални избори, сепак сметаат дека она што законодавецот не го уредил или пропуштил да го уреди, како правен механизам за непречено функционирање на локалната власт во вакви случаи, тоа е потребно да се постигне со оспорување на уставноста на постојните оспорени законски одредби пред Уставниот суд, за да се издејствува нивно елиминирање од правниот поредок, што според нив би значело пролонгирање на мандатот на советите на општините и градоначалниците.
Меѓутоа, истакнатото барање со иницијативите излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, што е причина за отфрлање на иницијативите согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд. Исто така во иницијативите, отсуствуваат други, оправдани и уставно издржани аргументи за спротивноста на оспорените одредби од законите со одредбите на Уставот, што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, е уште една процесна пречка за одлучување по иницијативите и причина за отфрлање на иницијативите.
Иако во иницијативите нема никаква правна аргументација, зошто е противуставно во едно демократско општество, органите на општините, а тоа се советите и градоначалниците да имаат определен мандат, Судот поаѓајќи од суптилните прашања уредени со оспорените законски решенија, се впушти во мериторно одлучување по иницијативите, но од извршената уставно-правна анализа на содржините уредени со одредбите од законите, Судот утврди дека оспорените законски решенија не се во колизија со ниту една одредба од Уставот, со следното појаснување:
Поаѓајќи од уставната определба дека локалната самоуправа е материја која се уредува со закон, право е на законодавецот со закон да ги уредува прашањата од сферата на локалната самоуправа и локалните избори, а какви што се впрочем и прашањата третирани со конкретно оспорените законски одредби.
Од анализата на оспорениот член 35 став 1 и оспорениот член 49 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот со истите го утврдил временскиот период за кој членовите на советот и градоначалникот се избираат од страна на граѓаните како нивни претставници во локалната самоуправа, а тоа е периодот во времетраење од четири години.
Уредувањето на времетраење на мандат на градоначалници и членови на советите како органи на општините, произлегува од политичкиот плурализам и правото на граѓаните на слободни непосредни и демократски избори да се изјаснат од кого ќе бидат претставувани во извршувањето на локалната власт. Оттука според Судот, оспореното уредување не имплицира повреда на одредбите на Уставот, напротив тоа е во духот на одредбите од член 8 став 1 алинеите 3, 5 и 9 од Уставот, според кои владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори и локалната самоуправа, се темелни вредности на уставниот поредок.
Тргнувајќи од уставното овластување на законодавецот со закон да ги уредува прашањата од локалната самоуправа, во случајов и прашањата за времетрењето на мандатот на градоначалниците и советите на општините, кое впрочем е и во духот на секое демократско општество, исто така, право е на законодавецот да ја оценува целисходноста од потребата за регулирање на дополнителни норми, покрај оспорените, како законски решенија со кои би се пропишала можност од продолжен мандат на постојните градоначалници и советници, со временски термин до реализација на новите локални избори.
Според тоа, законодавецот оценува и одлучува за потребата од уредување на такви законски решенија во законите, а во функција на обезбедување на континуирано и непречено функционирање на локалната самоуправа до наредни избори.
Законодавецот такви решенија предвидувал во законите од сферата на локалната самоуправа, каков што бил Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” број 46/1996, 12/2003, 35/2004, 52/2004 и 60/2004), кој не е повеќе во правниот поредок со донесувањето на Изборниот законик, конкретно со членот 75-а став 2 од Законот за локалните избори, кое законско решение и било предмет на оценка пред овој суд и за кое Судот, постапувајќи по предметот У.бр.210/2004, оценил дека оспореното законско решение е во функција на обезбедување и непречено остварување на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Оттука, само законодавецот има право и во негова надлежност е да ја цени потребата и целисходноста од уредување на определени прашања кои се во духот на непречено функционирање на локалната самоуправа.
Околноста што таквото законско решение законодавецот го напуштил, односно повторно не го предвидел, тоа не е и не може да биде причина и уставен аргумент за оспорување на други независни, клучни одредби од предметните закони, а какви што се оспорените со иницијативите, уредени во функција на политичкиот плурализам и демократските процеси, и да се бара нивно елиминирање од правниот поредок заради тоа што законодавецот, требало, можел, а не предвидел законски решенија. Ова дотолку повеќе што, интенцијата која сака да се постигне со иницијативите, поточно преку елиминирање на утврден мандат од правниот поредок, да се издејствува продолжен мандат, нема правна логика. Ова од причини што правно неможно е да се продолжува мандат, претходно елиминиран од правниот поредок, бидејќи не може да се продолжи мандат, кој веќе не постои. Може да се продолжува само утврден мандат кој е во правниот поредок, и тоа е во надлежност на законодавецот.
Според тоа, елиминирање на мандат од правниот поредок, не може да имплицира правна ситуација од продолжен мандат, туку само воспоставување на неограничен, односно временски нелимитиран мандат, што не е во духот на принципите на демократскиот плурализам и легитимните очекувања на граѓаните, да партиципираат во локалната власт, преку демократски избрани претставници, по пат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, кои како авторитет стекнат од избирачите, ќе делуваат во локалната самоуправа, како нивен преставник, за времето за кое граѓаните ги избрале.
Понатаму, од содржината на оспорениот член 16 став 1 од Изборниот законик, произлегува дека законодавецот со истиот го уредил и времето на одржување на изборите за членови на совет и за градоначалник, односно тие и за членовите на советот и за градоначалникот, ќе се спроведат, секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во мај.
Од оспорениот член 16 став 1 од Изборниот законик, јасно и недвосмислено произлегува дека редовните локални избори за членови на совет и за градоначалник, се одржуваат секоја четврта година, истовремено во сите општини, што значи на спроведените редовни локални избори, граѓаните бираат и членови на советот и градоначалник, во времетраење од четири години.
Со првата иницијатива, членот 16 став 1 од Изборниот законик се оспорува во делот: „во првата половина во мај”, бидејќи поради овој оспорен дел, при состојба на сеуште нераспишани и одржани избори, оспорениот дел создавал различно времетраење на мандатите на советниците и на градоначалникот, односно дека мандатот на членовите на советите на единиците на локалната самоуправа им завршил во април 2017 година, меѓутоа не и на градоначалникот кој ќе му истечел до крајот на 2017 година. Во оваа смисла подносителот во иницијативата укажува како требало да постапи Собранието во вакви случаи, односно дека Собранието дополнително треба само да го измени рокот за одржување на изборите за членови на совет и за градоначалници, со замена на оспорениот дел: „во првата половина во мај” содржан во членот 16 став 1 од Изборниот законик, со друг термин, но, не подоцна од крајот на оваа година, со што советниците и градоначалникот ќе се изедначеле во мандатот.
Во врска со конкретно оспорениот дел на членот 16 став 1 од Изборниот законик, причините за противуставност на истиот, подносителот ги темели на сопствено толкување и интерпретација на уредената содржина, дека поради сеуште нераспишаните редовни локални избори, оспорениот дел од законската одредба, фактички продуцирал различно времетраење на мандатите на советниците и на градоначалникот, па со неговото елиминирање од правниот поредок, како и на членот 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа, тој дел што ќе останел од членот 16 став 1 од Изборниот законик, ќе обезбедел, мандатот на советниците, исто така да истекува до крајот на 2017 година, како и на градоначалникот.
Независно од тоа како подносителот ги подразбира содржините на оспорените законски одредби во однос на времетраењето на мандатите, барањето со иницијативата во однос на оспорениот дел: „во првата половина во мај” содржан во став 1 на членот 16 од Изборниот законик, во суштина значи барање за елиминирање на оспорениот дел од законската одредба од правниот поредок, заради тоа што не се реализирал во неговата примена поради актуелните настани. Меѓутоа, Уставниот суд не ги цени законските одредби од аспект на нивната примена, туку од аспект дали нивното уредување е во спротивност со Уставот или не е.
Со Изборниот законик, во рамките на уредувањето на постапката и условите за избор, е уредено и прашањето за времето на одржувањето на наредните локални избори по одржаните во 2013 година, како нужен елемент во реализацијата и спроведувањето на постапката и условите за избор на членови на советот и на градоначалникот. Во наведената смисла со оспорениот дел: „во првата половина на мај” на член 16 став 1 од Изборниот законик, законодавецот го регулирал времето на одржување на наредните редовни локални избори. При утврдување на терминот за наредните избори законодавецот се раководел од времето на последно одржаните редовни локални избори во 2013 година. Меѓутоа, околноста што оспорениот дел: „во првата половина на мај” на член 16 став 1 од Изборниот законик, не се реализирал во неговата примена во конкретно утврдениот временски термин, според Судот, тоа не го прави спротивен со одредбите на Уставот.
5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може со основ да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 35 став 1 и член 49 од Законот за локалната самоуправа и член 16 став 1 од Изборниот законик, со одредбите на Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.29/2017
10 мај 2017 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски