Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2017, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2010, 136/2011, 149/2015 и 53/2016).
2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 70 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Игорчо Точев, во уводот на поднесокот примен во Судот на 08.04.2016 година, го оспорува членот 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати, но во образложението на истиот наведува дека оспорувањето се однесува на одредба од Законот за безбедност на храната на животни. По повод ваквиот поднесок во Судот е формиран предмет Р.бр.21/2016.
Поради наведените нејаснотии, Судот, со писмо Р.бр.21/2016 од 13.04.2016 година, побарал подносителот да ги отстрани утврдените недостатоци во даден рок, за да може понатаму да се постапува по иницијативата.
Недостатоците се отстранети со поднесок испратен преку препорачана пратка на 30.04.2016 (примена во Судот на 03.05.2016 година). По повод наведениот поднесок формиран е предметот У.бр.103/2016.
Во иницијативата се наведува дека според оспорената одредба Управата за ветеринарство би требало да ја води прекршочната постапка, но овој орган, како правен субјект престанал да постои сметано од 01.01.2011 година имајќи ја предвид содржината на член 141 ставови 1, 2 и 3 и член 145 од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010).
Во наведените одредби од Законот за безбедност на храната, според подносителот на иницијативата, е предвидено дека Агенцијата започнува со работа на 01.01.2011 година; дека со отпочнување со работа Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна; како и тоа дека Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.
Со членот 144 став 2 од Законот било предвидено дека со отпочнувањето со работа на Агенцијата престануваат да важат член 9, член 10 точки 1, 3, 6, 9, 10, 11, 12 и 13, член 106 и член 107 од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007).
Во оспорениот член 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати било предвидено за прекршоците од членовите 66, 67, 68 и 69 од наведениот закон, прекршочна постапка, како и постапка за порамнување да води и прекршочна санкција да изрекува Управата за ветеринарство на начин утврден со Законот за ветеринарното здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007).
Во членот 106 од Законот за ветеринарното здравство било пропишано дека прекршочната постапка за прекршоците по тој или друг закон ја води Комисијата за одлучување по прекршок формирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 106 во врска со член 3 точка 61 од наведениот закон).
Со влегувањето во сила на Законот за безбедност на храна и отпочнувањето на неговата примена, престанал да важи членот 9 од Законот за ветеринарно здравство во кој бил предвидена Управата за ветеринарство.
Со истиот закон престанал да важи и членот 106 од Законот за ветеринарно здравство, а во кој било предвидено прекршочен орган кој постапува по прекршоците од членовите 101, 102 и 103 од тој закон. Меѓутоа, од оспорената одредба произлегувало дека таа упатува токму на Законот за ветеринарното здравство и примена на одредбите од тој закон во однос на прекршочниот орган, односно упатува на Управата за ветеринарство.
Со влегувањето во сила и отпочнувањето на примената на одредбите од Законот за безбедност на храната и посебно неговиот член 144 став 2 било предвидено, помеѓу другото престанок на важење и на членот 106 од Законот за ветеринарното здравство. Инаку, оваа одредба регулирала постоење на Комисија за одлучување по прекршок формирана од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со престанокот на важење и на членот 106 од Законот за ветеринарното здравство, наведениот закон повеќе не содржел одредби за тоа кој орган постапува во прекршочната постапка по повод прекршоците сторени според тој или друг закон, па според тоа немало и одредби за тоа кој прекршочен орган донесува одлуки по спроведената прекршочна постапка.
Од наведеното произлегувало дека оспорената одредба упатувала на орган, кој сметано од 01.01.2011 година престанал да постои како правен субјект, од каде истата упатувала на пропишување на надлежност на орган кој не постои, што значело повреда на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи ја доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните. Воедно се повредувал и членот 51 од Уставот.
Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа да ја укине оспорената законска одредба.
3. Судот на седницата утврди дека, според член 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати, за прекршоците од членовите 66, 67, 68 и 69 на овој закон прекршочна постапка, како и постапка за порамнување, води и прекршочна санкција изрекува Управата за ветеринарство, на начин утврден согласно со Законот за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Македонија“ број 113/2007).
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Според член 1 од Законот за ветеринарно медицински препарати, со овој закон се уредуваат условите и постапките за одобрување за ставање во промет, производство, увоз, поседување, промет, употреба и контрола на ветеринарно-медицинските препарати.
Во член 2-а став 1 од истиот закон е определено дека, супсидијарна примена на Законот во постапката за издавање на решенија ќе се применува Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. Според ставот 2 од истиот член од Законот, во постапката за вршење на инспекциски надзор ќе се применува Законот за инспекциски надзор и Законот за безбедност на храна, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Во оспорениот член 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати е предвидено дека, за прекршоците од членовите 66, 67, 68 и 69 на овој закон прекршочна постапка, како и постапка за порамнување, води и прекршочна санкција изрекува Управата за ветеринарство, на начин утврден согласно со Законот за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Македонија“ број 113/2007).
Според член 1 од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“, бр. 157/2010, 53/2011, 1/2012, 164/2013, 187/2013, 43/2014, 72/2015, 129/2015, 213/2015 и 39/2016), со овој закон се уредуваат основните начела за безбедност на храна и храна за животни, општите и посебните хигиенски барања за храната, организационите структури на системот на безбедност на храна и официјални контроли на храна и храна за животни.
Во член 15 став 1 од Законот, кој е поместен во поднасловот „Надлежен орган“ е предвидено дека, за вршење на работите од областа на безбедноста на храна и храна за животни, спроведување, контрола, надзор и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните, нивна благосостојба, ветеринарното јавно здравство, како и контрола на национални референтни и овластени лаборатории кои даваат поддршка за потребите на Агенцијата, согласно со овој и друг закон од областа на ветеринарното здравство, се основа Агенција за храна и ветеринарство (во натамошниот текст: Агенцијата), како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.
Полниот назив на Агенцијата е Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија (став 2).
Називот на Агенцијата во меѓународно-правниот промет е Food and Veterinary Agency (став 3).
Во членот 135 став 1 од Законот за безбедност на храна е предвидено дека, за прекршоците од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Агенцијата (во натамошниот текст: Прекршочниот орган).
Прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочната комисија) формирана од страна на директорот (став 2).
Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во Агенцијата, од кои едно е претседател на Прекршочната комисија (став 3).
Директорот на Агенцијата го пропишува начинот на работата на Прекршочната комисија, условите кои треба да ги исполнат членовите на Комисијата и времетраењето на изборот (став 4).
Против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд (став 5).
За прекршоците кои се во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува комисијата за прекршоци согласно со одредбите на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство (став 6).
Според членот 141 став 1 од Законот за безбедност на храна, Агенцијата започнува со работа од 1 јануари 2011 година.
Во ставот 2 од истиот член од Законот е определено дека, со отпочнување со работа, Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.
Според ставот 3 од членот 141 од Законот, Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.
Според член 144 став 2 од Законот, со започнување со работа на Агенцијата престануваат да важат одредбите на членовите 9, 10 точки 1, 3, 6, 9, 10, 11, 12 и 13, 106 и 107 од Законот за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Македонија“ број 113/2007).
Членот 106 од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/2007, 67/2010, 24/2011, 136/2011, 123/2012, 154/2015 и 36/2016) ја уредуваше проблематиката за прекршочниот орган (Прекршочна комисија) надлежен за спроведување прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција во областа на ветеринарното здравство. Оваа одредба престанала да важи, согласно горецитираниот член 141 став 1 и член 144 став 2 од Законот за безбедност на храната сметано од 01.01.2011 година.
Судот, тргнувајќи од анализата на цитираните уставни и законски одредби наспрема наводите во иницијативата дека оспорената одредба упатувала на орган кој не постои како правен субјект во правниот промет оцени дека вака изнесените наводи се неосновани.
Ова од причина што од анализата на Законот за безбедност на храната, Законот за ветеринарно здравство и оспорената одредба од Законот за ветеринарно медицински препарати јасно произлегува дека со отпочнување со работа на Агенцијата, Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна, при што Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.
Воедно, според Судот подносителот ја немал предвид одредбата од членот 135 од Законот за безбедност на храната во кој е уредено прашањето за тоа кој орган е надлежен да води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции, составот на органот како и тоа од каде и кој ги избира членовите на прекршочниот орган.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 70 од Законот за ветеринарно медицински препарати со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.103/2016
12 април 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски