Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 153 став 6 во делот: „во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветно правно дејство пропишани со Нотарската тарифа“ и членот 182 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016 и 142/2016).
2. Зоран Стојановски, адвокат од Тетово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за нотаријатот, означени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорените одредби биле во спротивност со членот 53 од Уставот. Ова од причина што ваквата уставна норма подразбирала дека адвокатурата, како служба, има целосна самостојност и независност, вклучувајќи ја и самостојноста и независноста на донесување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, како што било означено во членот 266 став 5 од Законот за извршување.
Оспорените одредби биле во директна спротивност со членот 32 од Уставот, бидејќи оваа уставна одредба подразбирала гаранција и за секој вработен во адвокатурата да има право на соодветна заработувачка, а согласно Адвокатската тарифа. Законодавецот не можел да влијае на вредноста на секое поединечно преземено дејство при давање на правна помош, на начин што ја задолжувал Адвокатската комора да ја усогласи Адвокатската тарифа според свое наоѓање и од случај до случај.
Исто така, одредбите биле во спротивност и со членот 51 од Уставот, бидејќи уставно гарантираната самостојност и независност на адвокатурата, како служба, морала да биде загарантирана во било кој законски текст, вклучувајќи го и Законот за нотаријатот.
Поради наведените причини подносителот на иницијативата смета дека Судот треба да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите да ги поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека, според член 153 став 6 од Законот за нотаријатот, доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците.
Одредбата се оспорува во делот: „во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа“.
Според член 182 став 2 од Законот, Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно со одредбите од овој закон во рок од два месеца од денот на влегување во сила на овој закон.
4. Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во членот 53 од Уставот е определено дека, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според член 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015), со овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.
Во член 2 став 1 од истиот закон е определено дека, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно со овој и друг закон, а според ставот 2 од истиот член од Законот, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
Во членот 5 од Законот е определено дека, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Според членот 19 од Законот, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Адвокатската комора на Република Македонија, согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата, меѓу другото, донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.
Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).
Во глава XIV од истиот закон е уредена материјата по однос на положбата на нотарите како повереници на судовите и другите органи. Во наведената смисла во членот 147 став 1 од Законот е определено дека овластувањата на нотарите во постапката за расправање на оставина се уредуваат со Законот за вонпарнична постапка. Во член 147 став 2 од Законот за нотаријатот е определено дека при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците.
Главата XV „Награда за работа и надомест на трошоците“ ги содржи членовите 153 до 158.
Според член 153 став 1 од Законот, нотарот има право на награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија и доверените работи во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува министерот по претходно прибавено мислење од Комората и согласност од Владата на Република Македонија.
Според член 153 став 6 од Законот за нотаријатот, доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците.
Во член 153 став 7 од Законот е определено дека, нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од овој закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите утврдени со овој закон.
Од анализата на наведените уставни и законските одредби, произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатурата. Вршењето на јавните овластувања на адвокатите можат да бидат уредени и со други закони (член 2 од Законот за адвокатурата), како што е во случајов Законот за нотаријатот. Таква е ситуацијата и со член 147 став 2 од Законот за нотаријатот кој предвидел дека при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците. Оставинската постапка пак ја спроведува нотарот.
Нотаријатот, пак, е јавна служба, а нотарите во определени постапки, односно во оставинските постапки настапуваат во улога на повереници на судовите.
При состојба кога нотарот, како повереник на судовите спроведува оставинска постапка, а адвокатот во таа постапка учествува како полномошник на учесниците во оставинската постапка, законодавецот во член 153 став 6 од Законот за нотаријатот го определил начинот на поделба на трошоците и наградите и за нотарот и за адвокатот во сооднос 50% спрема 50%, а оставил висината на трошоците да се допрецизира во Нотарската тарифа. Оттаму, спроведувањето на дејствија, во една иста оставинска постапка, од страна на нотарот, кој ја спроведува постапката и адвокатот, кој е присутен во оваа постапка е уредено на единствен начин со наведената законска одредба. Следствено на ваквата поставеност на оставинската постапка, во оспорената одредба е уреден и основот за надоместување на трошоците и наградата, како на нотарот, така и на адвокатот, при што е оставено законски дадениот сооднос од 50% наспрема 50% да се допрецизира со Нотарската тарифа.
Имајќи ја предвид ваквата состојба кога соодносот во поделбата на трошоците и наградата е определен со закон, а нивната висина се прецизира со Нотарската тарифа, Судот оцени дека не се повредува самостојноста и независноста на адвокатурата гарантирана во членот 53 од Уставот.
Ова и од причина што висината на наградата кај оставинските постапки опфаќа трошоци и за нотарите и за адвокатите кои се определуваат со Нотарската тарифа, акт кој го донесува Министерството за правда со претходно прибавено мислење на Нотарската комора и согласност на Владата на Република Македонија (член 153 став 1 од Законот за нотаријатот).
Тоа што, согласно членот 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата Адвокатската тарифа ја донесува Адвокатската комора не значи дека со оспорениот дел од член 153 став 6 од Законот за нотаријатот се повредува членот 53 од Уставот и гарантираната самостојност и независност.
Судот оцени дека со наведеното решение законодавецот определил дека нотарот и адвокатот треба да си ги поделат наградата и трошоците во еднакви делови, од каде основот за определување на висината на наградата и трошоците треба да биде единствен (член 153 став 6 од Законот за нотаријатот). Ова уште повеќе што постапката за расправање на оставината ја води нотарот, а адвокатот во неа учествува само како полномошник на учесниците во оставинската постапка.
Впрочем во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите е креиран оспорениот член 182 став 2 од Законот за нотаријатот, според кој Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно одредбите од овој закон во рок од два месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
Во таа смисла, Адвокатската комора на Република Македонија има донесено Одлука за измена на тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 122/2016). Во членот 8 став 1 точка 5 (став 2) од целината на Одлуката е предвидено дека: „Во оставинска постапка пред нотар каде со закон е предвидено задолжително учество на адвокат, наградата и трошоците за соодветно правно дејствие за адвокатите кои учествуваат во тоа правно дејствие без оглед на нивниот број изнесува 50% од наградата и трошоците на нотарот.“
Од сето наведено произлегува дека со оспорените одредби и делови од одредби не се повредува членот 53 од Уставот.
Судот имајќи предвид дека оспорените одредби предвидуваат учество на адвокатот во оставинската постапка, која е неспорна постапка, со утврден соодветен надомест на трошоците и награда за преземените дејствија од страна на адвокатот оцени дека со оспорените одредби не се повредува и загарантираното право на награда и право на соодветна заработувачка согласно членот 32 од Уставот.
Оттука, уредувањето на одредени прашања во врска со адвокатската дејност и со Законот за нотаријатот е во согласност со членот 53 од Уставот.
Судот оцени дека со задолжително учество на адвокат во постапката пред нотар, се обезбедува поголема правна сигурност на учесниците во оставинската постапка при давањето на соодветна правна помош од нивните адвокати, а законската определба за поделба на трошоците во сооднос 50% наспрема 50% помеѓу нотарот и адвокатот нема да се одрази неповолно на целокупниот издаток, бидејќи се плаќа единствена награда и трошок. Заради правната сигурност на адвокатот, пак, дека ќе дојде до наплата на наградата и трошоците, во член 153 став 7 од Законот за нотаријатот е предвиден заштитен механизам, според кој нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од овој закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите утврдени со овој закон.
Врз основа на направената анализа на уставните и законски одредби Судот оцени дека оспорениот дел од членот 153 став 6 и членот 182 став 2 од Законот за нотаријатот, разгледувани од аспектите на иницијативата се во согласност со член 32, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.94/2016
5 април 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски