Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 5 април 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 3 од Деловникот за работа на Комисијата за одлучување по прекршок, бр.01-440/1, донесен од Комисијата за заштита на конкуренцијата на 29 декември 2010 година.
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Деловникот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Деловникот овозможувала Комисијата за одлучување по прекршоци да не биде врзана со предлозите и оцената во однос на правната квалификација на прекршокот, а тоа не било во согласност со член 121 став 3 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) според кој само суд не бил врзан за предлозите и оцената во однос на правната квалификација на прекршокот а прекршочниот орган бил врзан за нив. Оттука произлегувало дека член 6 став 3 од Деловникот ја дерогирал одредбата од член 121 став 3 на Законот за прекршоците, поради што оспорената одредба не била во согласност со наведената законска одредба, како и со член 51 став 1 од Уставот според кој прописите мора да бидат во согласност со Уставот и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека во член 6 став 3 од Деловникот се определува дека „Комисијата за одлучување по прекршок не е врзана со предлозите и оцената во однос на правната квалификација на прекршокот.“
4. Со членот 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се определува дека со овој закон „се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи.“
Од цитираната законска одредба произлегува дека Законот за прекршоците ги уредува (1) општите услови според кои се пропишуваат прекршоците и прекршочните санкции, (2) општите услови според кои се утврдува постоење на прекршочна одговорност и се изрекуваат и извршуваат прекршочните санкции и (3) видовите на прекршочните постапки: забрзаните прекршочни постапки, прекршочната постапка што ја водат судовите и прекршочната постапка што ја водат прекршочните органи.
Во врска со наведените три основни вида на прекршочни постапки, во членовите 47-53 од Законот за прекршоците се уредуваат правилата на забрзаните постапки (забрзаните постапки за порамнување: мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог; забрзаните постапки за спогодување: постапка на спогодување со физички и правни лица и постапка на спогодување со деца). Во врска со прекршочната постапка што ја води прекршочен орган, најнапред во член 55 став 1 од Законот за прекршоците се определува дека „прекршочен орган води прекршочна постапка кога со закон е пропишана исклучива надлежност за негово постапување“, потоа во член 60 став 1 од Законот се утврдува дека „постапката пред прекршочниот орган ја води Комисијата за одлучување по прекршок утврдена со закон или друг пропис“, па во членовите 61-76 од Законот се уредуваат правилата на таа постапка (поведувањето на постапката, скратена постапка, постапка пред прекршочниот орган, усна расправа, решение за утврдување на одговорност и изрекување на прекршочна санкција или решение за запирање и прекин на постапката, опомена, трошоци на постапката, жалба против решението на прекршочниот орган, право на управен спор). Прекршочната постапка, пак, што ја водат судовите е уредена со членовите 77-151 од Законот (застапување на обвинетото физичко или правно лице и застапување на оштетениот или жртвата, отповикување и откажување на полномошното од страна на бранителот, доставување на писмената, барање за поведување на прекршочната постапка, поведување на постапката, мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот, докажување, прекин и запирање на прекршочната постапка пред суд, привремено одземање на предмети, привремени мерки и привремена забрана, скратена постапка, устен претрес и неговиот тек, пресуда со која се утврдува одговорност и изрекува санкција или со која обвинетиот се ослободува од одговорност, решение за запирање на постапката, трошоци на постапката, жалба до второстепен суд, барање за повторување на прекршочна постапка и барање за заштита на законитоста, посебна постапка спрема деца, посебни постапки за конфискација на имот или имотна корист и за одземање на предмети, надоместок на штета на казнетите лица, извршување и евидентирање на одлуките).
Имајќи предвид дека член 6 став 3 од Деловникот се однесува на постапката пред Комисијата за одлучување по прекршок во Комисијата за заштита на конкуренцијата, а не за постапка пред суд на што се однесува членот 121 став 3 од Законот за прекршоците, Судот оцени дека тие две одредби уредуваат постапки пред два различни органи, односно уредуваат различна материја, па оспорената одредба не може да се подведе под наведената законска одредба, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.34/2016
5 април 2017 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски