У.бр.65/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 102 став 2 точка 4 и член 104 став 2 точка 5 во делот: „други докази и документи пропишани со овој закон“ од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ број 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/ 2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби содржат во себе непрецизност од причини што во Законот за игрите на среќа и за забавните игри не било дефинирано што се подразбирало односно кои се тие „други докази и документи пропишани со овој закон“ поради што се оставало простор за арбитрарност во примената на тие одредби, а и на одредбите на Законот во целина.

Во иницијативата, од содржината на точките 1 до 3 на ставот 2 од членот 102 на напред наведениот закон произлегувало дека, со истите се пропишало кои докази ги доставува барателот кој бара да му се издаде лиценца за производител, а од ставот 3 од членот 102 од истиот закон, се пропишувало кои докази се прибавуваат по службена должност од страна на Министерството за финансии кога постапува по барањето на лицето кое бара да му се издаде лиценца за производител.

Според подносителот на иницијативата, од содржината на точките 1 до 4 на ставот 2 од членот 104 на напред наведениот закон произлегувало дека се пропишува кои докази ги доставувал барателот кој барал да му се издаде лиценца за приредување на интернет игри на среќа, а од ставот 3 на членот 104 од истиот закон се пропишува кои докази се прибавуваат по службена должност од страна на Министерството за финансии кога постапува по барањето на лицето кое бара да му се издаде лиценца за производител.

Во иницијативата се наведува дека одредбите од членовите 102 и 104 биле поместени во делот VI од Законот со наслов „Интернет игри на среќа“. Оспорените одредби биле преопшто определени и непрецизни.

Подносителот на иницијативата изнесува дека во делот VI од Законот како и од Законот во целина, не биле пропишани кои се тие „други докази и документи пропишани со овој закон„ а кои би требало кон барањето да ги достави барателот на лиценца за производите односно барателот на лиценца за приредувач на интернет игри.

Поради напред наведените причини, со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да бидат укинати.

3. Судот на седницата утврди дека според член 102 од Законот:
(1) Барателот на лиценца за производител покрај општите услови, треба да ги исполнува и следниве услови:
1) да има компјутерска и друга опрема, односно хардвер, според стандардите и условите пропишани од страна на министерот за финансии, а потврдени од страна на овластено правно лице;
2) да е сопственик, односно носител на правата на компјутерска програма, односно програми или софтвер кој има намера да го продава, односно изнајмува, а кој софтвер претставува програмска основа за интернет игрите на среќа и
3) компјутерската програма, односно програми кои служат за приредување на интернет игрите на среќа мора да бидат одобрени од страна на овластено правно лице дека ги исполнуваат условите и стандардите за функционалност пропишани од страна на министерот за финансии за овој вид на компјутерски програми.

(2) Лиценца за производител се издава од страна на Владата на Република Македонија врз основа на поднесено барање на пропишан образец до Министерството за финансии во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето до Министерството за финансии, кон кое барателот доставува:
1) акт за основање на трговското друштво;
2) доказ за правото на сопственост или правото на користење на просторот во кој се наоѓа седиштето на приредувачот на интернет игрите на среќа;
3) елаборат за кадровската опременост на барателот и
4) други докази и документи пропишани со овој закон. (оспорен дел)

(3) Министерството за финансии по службена должност прибавува:
1) документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Македонија;
2) доказ дека основната главнина на трговското друштво во целост е уплатена и
3) информација за економско-финансиската состојба на субјектот, издадена од Централниот регистар на Република Македонија врз основа на годишната сметка за последната деловна година со која се потврдува економско-финансиската состојба во работењето на субјектот.

(4) Овластеното службено лице од Министерството за финансии кое ја води постапката за издавање на лиценца за приредување игри на среќа е должно доказите од ставот (3) на овој член да ги побара од надлежниот јавен орган во рок од три дена од денот на приeмот на барањето.

(5) Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите од став (4) на овој член е должно истите да ги достави до Министерството за финансии во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот (4) на овој член.

(6) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.“

Во членот 104 од Законот се предвидува дека:

(1) Барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа покрај општите услови, треба да ги исполнува и следниве услови:
1) да поседува компјутерска и друга опрема, односно хардвер според стандардите и условите пропишани од страна на министерот за финансии, а потврдени од страна на овластено правно лице;
2) да има право да користи компјутерска програма, односно програми за приредување на интернет игри на среќа-софтвер, преку која учесниците во игрите на среќа учествуваат во игрите на среќа по пат на глобалната интернет мрежа, која програма е стекната од носител на лиценца за производител и
3) да обезбеди функционална компјутерска опрема (хардвер и софтвер) која овозможува поврзување со информацискиот систем на Управата за јавни приходи поради надзор и контрола над работењето.

(2) Барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа поднесува барање до Министерството за финансии на пропишан образец, кон кое доставува:
1) акт за основање на трговското друштво;
2) доказ за правото на сопственост или правото на користење на просторот во кој се наоѓа седиштето на приредувачот на интернет игрите на среќа;
3) елаборат за кадровска опременост на барателот;
4) правила на игра, за секој поединечен вид на интернет игра на среќа и
5) други докази и документи пропишани со овој закон. (оспорен дел)

(3) Министерството за финансии по службена должност прибавува:
1) документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Македонија;
2) доказ дека основната главнина на трговското друштво во целост е уплатена и
3) информација за економско-финансиската состојба на субјектот, издадена од Централниот регистар на Република Македонија врз основа на годишната сметка за последната деловна година со која се потврдува економско-финансиската состојба во работењето на субјектот.

(4) Овластеното службено лице од Министерството за финансии кое ја води постапката за издавање на лиценца за приредување игри на среќа е должно доказите од ставот (3) на овој член да ги побара од надлежниот јавен орган во рок од три дена од денот на приeмот на барањето.

(5) Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите од став (4) на овој член е должен истите да ги достави до Министерството за финансии во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот (4) на овој член.

(6) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ брoj 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016) се наведува дека со овој закон се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри.

Во членот 98 став 1 од овој закон се наведува дека интернет игрите на среќа се приредуваат врз основа на лиценца која ја издава Владата на Република Македонија врз основа на поднесено барање до Министерството за финансии. Со ставот 2 од истиот член, лиценците се издаваат за период од четири години. Според ставот 3 од овој член, барање за добивање на лиценца за приредување на интернет игри на среќа може да поднесе трговско друштво, кое е регистрирано во Република Македонија, кое има основна главнина од најмалку 40.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата и кое ги исполнува посебните услови пропишани со овој закон за оној вид на лиценца за интернет игри на среќа за кој се поднесува барањето.

Според член 102 став 1 од овој Закон се наведува дека барателот на лиценца за производител покрај општите услови, треба да ги исполнува и следниве услови: 1) да има компјутерска и друга опрема, односно хардвер, според стандардите и условите пропишани од страна на министерот за финансии, а потврдени од страна на овластено правно лице; 2) да е сопственик, односно носител на правата на компјутерска програма, односно програми или софтвер кој има намера да го продава, односно изнајмува, а кој софтвер претставува програмска основа за интернет игрите на среќа и 3) компјутерската програма, односно програми кои служат за приредување на интернет игрите на среќа мора да бидат одобрени од страна на овластено правно лице дека ги исполнуваат условите и стандардите за функционалност пропишани од страна на министерот за финансии за овој вид на компјутерски програми.

Согласно ставот 2 од истиот член, лиценца за производител се издава од страна на Владата на Република Македонија врз основа на поднесено барање на пропишан образец до Министерството за финансии во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето до Министерството за финансии, кон кое барателот доставува: 1) акт за основање на трговското друштво; 2) доказ за правото на сопственост или правото на користење на просторот во кој се наоѓа седиштето на приредувачот на интернет игрите на среќа; 3) елаборат за кадровската опременост на барателот и 4) други докази и документи пропишани со овој закон (оспорен дел).

Според ставот 3 од овој член, Министерството за финансии по службена должност прибавува: 1) документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Македонија; 2) доказ дека основната главнина на трговското друштво во целост е уплатена и 3) информација за економско-финансиската состојба на субјектот, издадена од Централниот регистар на Република Македонија врз основа на годишната сметка за последната деловна година со која се потврдува економско-финансиската состојба во работењето на субјектот.

Во ставот 4 од овој член, овластеното службено лице од Министерството за финансии кое ја води постапката за издавање на лиценца за приредување игри на среќа е должно доказите од ставот (3) на овој член да ги побара од надлежниот јавен орган во рок од три дена од денот на приeмот на барањето.

Согласно ставот 5 од овој член, овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите од став (4) на овој член е должно истите да ги достави до Министерството за финансии во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот (4) на овој член.

Во последниот став од овој член, формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

Според членот 104 став 1 од овој закон, барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа покрај општите услови, треба да ги исполнува и следниве услови: 1) да поседува компјутерска и друга опрема, односно хардвер според стандардите и условите пропишани од страна на министерот за финансии, а потврдени од страна на овластено правно лице; 2) да има право да користи компјутерска програма, односно програми за приредување на интернет игри на среќа-софтвер, преку која учесниците во игрите на среќа учествуваат во игрите на среќа по пат на глобалната интернет мрежа, која програма е стекната од носител на лиценца за производител и 3) да обезбеди функционална компјутерска опрема (хардвер и софтвер) која овозможува поврзување со информацискиот систем на Управата за јавни приходи поради надзор и контрола над работењето.

Согласно ставот 2 од истиот член, барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа поднесува барање до Министерството за финансии на пропишан образец, кон кое доставува: 1) акт за основање на трговското друштво; 2) доказ за правото на сопственост или правото на користење на просторот во кој се наоѓа седиштето на приредувачот на интернет игрите на среќа; 3) елаборат за кадровска опременост на барателот; 4) правила на игра, за секој поединечен вид на интернет игра на среќа и 5) други докази и документи пропишани со овој закон.

Според ставот 3 од овој член, Министерството за финансии по службена должност прибавува: 1) документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Македонија; 2) доказ дека основната главнина на трговското друштво во целост е уплатена и 3) информација за економско-финансиската состојба на субјектот, издадена од Централниот регистар на Република Македонија врз основа на годишната сметка за последната деловна година со која се потврдува економско-финансиската состојба во работењето на субјектот.

Во ставот 4 од овој член, овластеното службено лице од Министерството за финансии кое ја води постапката за издавање на лиценца за приредување игри на среќа е должно доказите од ставот (3) на овој член да ги побара од надлежниот јавен орган во рок од три дена од денот на приeмот на барањето.

Согласно ставот 5 од овој член, овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите од став (4) на овој член е должен истите да ги достави до Министерството за финансии во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот (4) на овој член.

Во последниот став од овој член, формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

Во образложението на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри од декември 2010 година се наведува дека Законот за игрите на среќа и за забавните игри е донесен со цел спречување на сивата економија во областа на игрите на среќа, стекнување на сигурност и доверба кај учесниците во игрите на среќа и нивната заштита, сигурност и заштита на приредувачите особено од нелојалната конкуренција, легализација и контрола на паричните текови во оваа област.

Понатаму, во истото образложение, се наведува дека донесувањето на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се заснова врз следните начела: Ексклузивитет во приредувањето на игрите на среќа и начело на лиценцирање на правото на приредување на игрите на среќа и забавните игри; економичност и ефикасност на управната постапка при издавање, одземање, прекин и откажување на лиценците и дозволите пропишани со овој закон и правна сигурност и заштита на приредувачите и учесниците во игрите на среќа и забавните игри.

Подносителот на иницијативата оспорува одредби од Законот за игрите на среќа и забавните игри кои се нормирани во VI-та глава насловена „Интернет игри на среќа“. Имено, овој вид на игри на среќа за прв пат се воведува во законодавството на Република Македонија со основниот текст на Законот од 2011 година. Во овој дел од Законот се пропишуваат општите услови за приредување на овие игри, видовите на лиценци и сертификатот на хардверската и софтверската платформа која носителите на лиценца за приредување на интернет игри на среќа ја користат за регистрирање на сите финансиски трансакции и други видови на податоци, се регулира лиценцата за производител на софтвер за приредување на интернет игри на среќа, лиценца за приредувач на интернет игри на среќа, обврската за доставување на финансиски информации, контролниот систем, односно задолжителното поднесување до Министерството за финансии, процедури и протоколи за начинот на работа на носителот на лиценца, регистрацијата на учесниците во игрите на среќа, сметките на учесниците во игрите на среќа, интернет-страницата на приредувачот и други работи кои се однесуваат на интернет игрите на среќа. Меѓу другото, оспорените одредби од Законот содржеле во себе непрецизност од причини што во Законот не било дефинирано што се подразбира, односно кои се тие „други докази и документи пропишани со овој закон“ поради што се оставало простор за арбитрарност во примената на тие одредби, а и на одредбите на Законот во целина. Според Судот, наводите на подносителот на иницијативата се основани и истите можат да претставуваат основ за оценување на нивната уставност, од причина што во Законот не се наведени и други обврски за доставување на документи кои барателот треба да ги приложи кон своето барање се наведува дека оспорените одредби се непрецизни и со истите не се подразбирало кои други документи субјектите треба да ги достават.

Поради наведеното, Судот оцени дека со ваквата формулација постојат уставни противречности и не се работи само за политика на законодавецот во делот на документацијата која што субјектот треба да ја достави при поднесување на барањето за добивање на лиценца за приредување на интернет игри на среќа туку и нејаснотија и конфузност која следи од нејасната одредба.

Законот за игрите на среќа и за забавните игри претставува закон со кој lex specialis се уредува материјата од областа на игрите на среќа и истовремено исклучиво со овој закон се уредуваат правата и обврските на субјектите кои сакаат да стекнат права согласно одредбите од овој закон.

Со оспорените одредби се врши повикување на неодредени докази и документи кои барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа треба да ги исполни условите пропишани со овој закон. Оспорените одредби не оставаат дискреција во одлучувањето, но истите претставуваат упатна правна норма со која се укажува на субјектите дека покрај посебните услови пропишани со членовите 102 и 104 истите ќе треба да исполнат и некој друг услов исклучиво пропишан со овој закон. Меѓутоа, тие посебни услови не се предвидени со никој друг член од овој закон.

Од овие причини, Судот оцени дека оспорените одредби се нејасни и непрецизни, а со тоа и неприменливи, со што се доведува во прашање една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Анализирајќи ги оспорените одредби од Законот, произлегува дека одредбите даваат право на Владата на Република Македонија, односно Министерството за финансии, да цени какви услови се потребни за стекнување на лиценца на производител и приредувач, со оглед на тоа, а имајќи предвид дека оспорената одредба е непрецизна, недоволно дефинирана и недоволно определена се создава простор за арбитрарност и различно и неконзистентно постапување кон другите видови на игри на среќа, а со тоа приредувачите или производителите да добиваат или да не добиваат лиценци врз основа на тоа да доставаат и други докази и документи предвидени со овој закон кои се сметале за неопходни од страна на Министерството за финансии.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот не се во согласност со наведените уставни одредби поради што основано се тврди во иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со што се повредува начелото на владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Ова од причина што создадената норма не треба да биде лесно разбирлива само за оној што ја креирал, туку и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа се приредувачи и производители предвидени во Законот за игрите на среќа и забавните игри.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.65/2016
29 март 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски