У.бр.155/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 15 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 73 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015 и 72/2015, 129/2015, 27/2016).

2. Орде Ѓоргиоски, од Прилеп до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот во иницијативата наведува дека во оспорената одредба од Законот за работните односи, на неумешен начин биле помешани двете причини за отказ на договорите за вработување, што создавало конфузија во практичната примена на законската одредба. Цитирајќи ги одредбите од членот 76 и 80 од Законот, подносителот наведува дека постои т.н. лична причина за отказ и причина за отказ поради вина на работникот. Личната причина била поврзана со однесувањето на работникот, недостатокот на знаења или можности за извршување на работите на работното место односно неговите способности за извршување на договорните обврски од работниот однос. Причината за вина била поврзана со кршење на договорните обврски, работниот ред и дисциплина.

За подносителот на иницијативата е нејасно како законодавецот ги поврзал овие две причини, бидејќи ја навел причината на вина, а всушност мислел на личните причини за отказ. Поради ова лошо номотехничко решение се создавале големи проблеми во постапувањето на судовите во работните спорови, во смисла на нееднаква примена на одредбата во практиката. Барањето за писмено предупредување на работникот пред отказот, според подносителот на иницијативата, требало да се однесува само на личните причини за отказ, но не и за отказ поради вина на работникот (пр. оддавање на деловна, службена или државна тајна, предизвикување на неред и насилничко однесување итн.).

Од содржината на членовите 73 и 80 од Законот, имплицитно произлегувало дека законодавецот сакал писменото предупредување да го поврзе со отказот од лични причини (недостаток на знаења или неспособност за извршување на работните обврски). Но, таквата цел не била постигната, поради што одредбата различно се применувала од страна на судовите. Тоа било лошо решение од аспект на правната сигурност и извесноста кои требало да бидат гарантирани со прописите во еден компактен правен систем. Како за работникот, така и за работодавачот, било важно постапката за отказ на договорот за вработување за секоја законска причина да биде точно утврдена.

Во иницијативата подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 32, член 50 и член 51 од Уставот и од аспект на наведените членови, предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 73 од Законот за работните односи, а потоа истиот и да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 73 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016), пред откажување на договорот за вработување од причина поради вина на работникот под условите од членот 80 на овој закон, работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста на отказ во случај на натамошни кршења на истите.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, ги утврдил економските, социјалните и културни права. Во членот 32 став 1 од Уставот е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Со ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во членот 51 е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Работните односи се уредени со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015 и 72/2015, 129/2015, 27/2016).

Според членот 3 став 2 од Законот за работните односи, работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Според членот 62 од Законот, отказот претставува еден од начините за престанок на договорот за вработување кој е регулиран во посебна глава од Законот за работните односи со наслов „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“.

Во членот 71 став 2 од Законот е утврдено дека работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина).

Согласно членот 72 од Законот, ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

Во оспорениот член 73 од Законот за работните односи, со наслов „Постапка пред отказот поради вина на страната на работникот“ е утврдено дека пред откажување на договорот за вработување од причина поради вина на работникот под условите од членот 80 од овој закон, работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста на отказ во случај на натамошни кршења на истите.

Според член 74 од Законот, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма.

Основаните причини за отказ од член 71 од Законот поблиску се утврдени во членот 76 од Законот за работните односи, според кој работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако:

1) работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или
2) работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и
3) престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

Личните причини за откажување на договорот за вработување се прецизирани во членовите 79 и 80 од Законот. Во членот 79 е уредено дека работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување. Според член 80, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот од лични причини на страна на работникот, ако на работникот му се обезбедени потребните услови за работа и му се дадени соодветни упатства, насоки или писмено предупредување од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и ако по даденото предупредување во рокот утврден од работодавачот, работникот не го подобри своето работење, во случаите утврдени со колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач.

Случаите на откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски се утврдени во членовите 81 и 82 од Законот, при што во членот 81 откажувањето е со отказен рок, а во членот 82 отказот е без отказен рок.

Според членот 81 од Законот за работните односи, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако:

1) не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите што важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на работното време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести работодавачот за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести работодавачот;
9) не ги почитува прописите за заштита при работа или не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата и
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на работодавачот.

Во членот 82 е пропишано дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот:

1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и
6) оддаде деловна, службена или државна тајна.

5. Од наведените одредби од Законот за работните односи произлегува дека работодавачот може да го откаже договорот за работа поради основани причини кои Законот ги групира во три групи и тоа лични причини на страна на работникот, причини на вина и деловни причини.

Личните причини секогаш се поврзани со однесувањето на работникот, неговите знаења и способности односно неговата неспособност за вршење на обврските од работниот однос и се состои во неизвршување на работните обврски (член 79) или пак незадоволително извршување на работните обврски од страна на работникот, иако му се обезбедени потребните услови за работа, му се дадени соодветни упатства и насоки и е предупреден од работодавачот за тоа (член 80 од Законот).

Кршењето на работниот ред и дисциплина исто така се причини за отказ на договорот за вработување кои законот ги групира во т.н. причини по вина на работникот, при што во членовите 81 и 82 точно се утврдени кои случаи се сметаат за кршење на работниот ред и дисциплина и во кој случај откажувањето на договорот за вработување е со отказен рок, а во кои случаи до откажување доаѓа без отказен рок.

За Судот се неосновани наводите во иницијативата дека во оспорената одредба од членот 73 од Законот, според која работодавачот писмено мора да го предупреди работникот за неисполнување на обврските и за можноста од отказ во случај на натамошни кршења на истите, биле измешани причините за отказ по вина на работникот и поради лични причини на страна на работникот. Иако во одредбата законодавецот го употребил терминот „вина“ Судот оцени дека од формулацијата на оваа одредба, анализирана во контекст на останатите одредби од Законот во кои личните причини поврзани со однесувањето на работникот се попрецизно утврдени, (член 71 став 2, член 76, член 79 и член 80) јасно произлегува дека предупредувањето се однесува само на т.н. лични причини и условите утврдени во членот 80 од Законот, а не и на случаите на кршење на работниот ред и дисциплина од членовите 81 и 82 од Законот за работните односи. Според Судот, самата оспорена одредба од членот 73 јасно упатува на членот 80 според кој условите се: на работникот да му се обезбедени потребните услови за работа и да му се дадени соодветни упатства, насоки или писмено предупредување од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски. Оттука произлегува дека обврската на работодавачот за писмено предупредување се однесува на случаите на незадоволително извршување на работните обврски од страна на работникот, така што и воспоставувањето на обврската за писмено предупредување на работникот за можноста за отказ, има за цел да му се даде можност на работникот да го поправи своето работење, со што би бил избегнат отказот. Со тоа всушност законодавецот на работникот му дава дополнителна заштита пред добивањето на отказ.

Поради наведеното Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од членот 73 од Законот за работните односи со уставното начело на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.155/2016
15.03.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски