У.бр.45/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 75-ѓ став 7 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/2006, 136/2008, 44/2011, 51/2012, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/ 2016).

2. Драган Здравески од Скопјe до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со Законикот оспорениот член од Изборниот законик, на радиодифузерите, печатените медиуми и на електронските медиуми им се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото – една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Имено, со оспорената одредба на Законикот, на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми со Закон им се определувало највисоко ниво на цените, со што законодавецот директно се мешал во деловната политика на медиумите со неговото регулирање на ценовниците на платеното политичко рекламирање. Радиодифузната дејност, издавањето на печатени медиуми и интернет порталите била дејност која правните лица ја вршеле со цел остварување на добивка во работењето во услови на пазарно стопанство. Меѓутоа, со оспорената одредба тоа право им се ограничувало, поради што според иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи со истиот не се обезбедува рамноправна положба на сите субјекти на пазарот.

Подносителот на иницијативата наведува дека платеното политичко рекламирање како посебен вид на медиумска презентација која се јавува повремено и било со кратко времетраење кое се емитува во ударните термини на радиодифузерите не можело да има ист третман како и другото комерцијално рекламирање кое се засновало на годишни договори. Од наведените причини се предлага Уставниот суд да го укине оспорениот член од Изборниот законик.

3. Судот на седницата утврди дека според член 75-ѓ став 7 од Изборниот законик, радиодифузерите, печатените медиуми (интернет порталите) се должни постојните ценовници за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа цената по секунда за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.

Во членот 55 од Уставот се предвидува дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништво. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оспорениот член 75-ѓ од Изборниот законик е поместен во глава VI, со наслов: „Изборна кампања“ и точка 2, со поднаслов: „Медиумско претставување“.

Според член 75-ѓ од Изборниот законик:

(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат една минута.
(2) При распределба на дополнителното време за рекламирање во еден реален час емитувана програма за платено политичко рекламирање, а кога постои интерес за спојување на блоковите на една политичка партија во два последователни реални часа, медиумот е должен да обезбеди гаранција дека спојувањето на блокови во два последователни часа два пати по ред нема да биде од иста политичка партија и ќе обезбеди гаранција за наизменична застапеност на политичките партии од власт и опозиција.
(3) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес.
(4) Во периодот од утврдување на ценовниците до започнување на изборната кампања, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни најмалку два пати јавно да ги објават ценовниците од ставот (2) на овој член на своите програми, односно во своите изданија.
(5) Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни ценовниците од ставот (2) на овој член да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите.
(6) Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања.
(7) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни постојните ценовници за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа цената по секунда за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите. (оспорен став)
(8) Радиодифузерите и печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во Република Македонија се должни на сите учесници на изборниот процес да им обезбедат рамномерен пристап за платено политичко рекламирање.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека основните принципи слободата на пазарот и претприемништвото и правната еднаквост на сите субјекти на пазарот создаваат забрана за државата во процесот на остварувањето на нејзината улога на регулатор на односите како во економската, така и во политичката сфера за создавање било какви ограничувања во одвивањето на општествените токови, освен во случаите и под условите што се непосредно утврдени во Уставот, а во вршењето на нејзината заштитна функција овие принципи ја обврзуваат државата на еднаков третман на сите субјекти на пазарот. Меѓутоа, имајќи ги предвид и другите уставни вредности во општествената сфера, чие остварување често се носи или сосема се исклучува со апсолутното остварување на слободата на пазарот и претприемништво, регулативната функција на државата во овие односи значи не само обврска со закон да обезбеди остварување на овие принципи туку и забрана при создавање на нормативните претпоставки за уредување на општествениот систем, да пропишува и други основи и услови за ограничување на слободата на пазарот без оглед на нивната економска оправданост. Суштината на ваквото овластување претставува спречување на несакани состојби што можат да бидат создадени со слободното дејствување на општествените законитости.

Во рамките на овие мерки, како и во рамките на уставните принципи за ограничување на пазарот и претприемништвото,според Судот, законодавецот може да ги пропишува условите и начинот за вршење на медиумската изборна кампања.

Според Судот, уставниот принцип според кој сите субјекти на пазарот се рамноправни во вршењето на својата дејност и според кој нивната различна положба може да произлегува единствено од законитостите на пазарот (во случајов медиумскиот) создава уставна обврска за Републиката, при законското уредување на условите за вршење определени дејности да обезбеди еднаква положба на сите субјекти што ја вршат соодветната дејност. Во рамките на уредувањето на условите за вршење на определени дејности, во зависност од нивните специфичности, со закон можат да се утврдат и специфични услови, но притоа мора да се обезбеди тие еднакво да се однесуваат на сите субјекти кои ја вршат соодветната дејност.Токму во таа насока и е законското решение содржано во член 75- ѓ од Изборниот законик, со кое децидно се определува дека при распределбата на дополнителното време за рекламирање медиумот има обврска, односно е должен да обезбеди гаранција за наизменична застапеност на политичките партии, партиите на власт и од опозицијата, што значи дека со оспорениот член се реализира уставната обврска на Републиката да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Изборниот законик определувајќи ги условите за медиумското претставување на политичките партии за време на изборната кампања од страна на радиодифузерите, односно јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што одлучиле да ги покриваат изборите, утврдува обврска тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма.

Ваквата обврска во Република Македонија произлегува од фактот што со донесувањето на највисокиот правен акт во државата, изборниот систем на Република Македонија доби и конкретна уставна основа.Иако изборниот систем всушност е законски регулирана материја, Уставот од 1991 година, во неколку свои одредби ги постави темелите на неговиот концепт. Така, според член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Од тој аспект, логичен е заклучокот дека граѓанинот е носечки столб на државата. Неговата улога и функција, согласно уставот е да “произведува” конкретни политички институции и државни органи кои ќе ги почитуваат темелните вредности на уставниот поредок како нивен дом. Оттука, се јавува и потребата за медиумско претставување на сите учесници во изборниот процес за негово целосно запознавање со нивните програми.

Во контекст на изборниот систем, најзначајна темелна вредност секако е политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори. Моќта да создава и менува, доколку тоа се најде за потребно, во политичка смисла, граѓанинот ја “црпи” токму преку уставно загарантираното избирачко право сфатено во неговата еднаквост, општост, непосредност и тајност.

Основните принципи врз кои што се темели избирачкото право се регулирани со Уставот, додека конкретните односи кои произлегуваат од неговото (не)остварување се уредуваат со закон.

Со оспорениот член 75-ѓ став 7 од Изборниот законик точно и прецизно се утврдува обврската на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) за време на изборната кампања да ги применуваат постојните ценовници за платено политичко рекламирање, со задолжување цената по секунда за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишувањето. Во смисла на ставот 3 од членот 75-ѓ од Изборниот законик, според Судот, стои законската обврска на сите правни субјекти инволвирани во процесот на изборната кампања и медиумското претставување во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес кои се должни јавно да се објавуваат најмалку два пати на нивните програми. Исто така, постои и нивна обврска утврдените ценовници да се достават до институциите децидно наведени во ставот 5 од членот 75-ѓ од Изборниот законик и истите во текот на изборната кампања не смеат да се менуваат.

Изборниот законик определувајќи ги условите за реализирање на изборната кампања и медиумското претставување на политичките партии кои учествуваат во изборниот процес, со оспорената одредба ги пропишува и посебните услови за вршење на оваа дејност. Во таа смисла не е ни можно апсолутна еднаквост и со тоа не се повредува принципот на еднаква правна положба на субјектите, учесници во изборен процес, бидејќи на сите им е овозможено нивно медиумско претставување на начин и услови кои ги пропишува законодавецот, така што определбата определено политичко рекламирање да има посебна цена произлегува од специфичностите и начинот и условите за медиумско претставување, кое се однесува на сите субјекти-учесници во изборната кампања.

Според Судот со оспореното законско решение не се повредува уставниот принцип за слободата на пазарот, од причина што од анализата на содржината на наведените уставни одредби, како и содржината на оспорената одредба од Изборниот законик, Судот оцени дека со неа не се востановува монополска положба и монополско однесување на пазарот и на тој начин не се ограничува слободата на пазарот, поради што не се постави прашањето за согласноста на членот 75-ѓ став 7 од Изборниот законик со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот. Ова, дотолку повеќе што со оспорената одредба се врши дополнително зајакнување на нормативно правните услови за реализација на подеднаквото медиумското претставување на сите учесници во изборниот процес со што би се постигнала основната цел на законот, а тоа е обезбедување на правото на секој граѓанин да избира и да биде избран, како и остварувањето на суштинскиот елемент на изборниот процес- подеднаквото значење на секој глас.

Оттука, изборите се збир на процесни дејствија, како што е и медиумското претставување, преку кои се конкретизира институционалната поставеност на државата. Токму овие процесни дејствија имаат за цел да го стабилизираат системот во целина на начин што при изборот на владејачката структура ќе бидат задоволени интересите на мнозинството граѓани и општествени групи. Ова може да се реализира преку системот на медиумско претставување на сите учесници во изборната кампања на начин како што е утврден во оспорената законска одредба. Според Судот, ваквиот начин на уредување не може да се доведе под сомнение по однос на уставните норми, од причина што утврдените услови важат за сите учесници во изборниот процес со право на законодавецот за определување одредени посебни услови и утврдување на ценовници кои ќе важат и ќе се применуваат за време на изборната кампања така што цената по секунда за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите. Имено, вкупноста на политичките процеси кои се одвиваат во пред и постизборниот период всушност ја чинат нормативната рамка во која законодавецот децидно ги прецизира одделните фази, постапки и услови за спроведување на изборите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2016
15.02.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски