У.бр.110/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 став 1 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки (“Службен весник на Република Македонија” број 180/2014).

3. Ристо Ташев од Скопје и Оливер Алексовски од Крива Паланка, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата поднесена од Ристо Ташев, оспорениот член 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија” број 180/2014), бил спротивен на член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, бидејќи преку членот 7 од Законот, налагал обврска за исполнување на услов-положен стручен испит за добивање на лиценца и за лица кои веќе се стекнале со лиценца врз основа на услови кои претходно биле уредени со член 6 став 7 точка 2. потточка б) од Царинскиот закон, а со кои не се предвидувало полагање на стручен испит за лицата кои поседувале уверение за завршено високо образование од специјализиран факултет од областа на царинското работење. За неисполнување на обврската пропишана со оспорениот член 51 од Законот, се предвидувало престанување на важноста на издадената лиценца и враќање на легитимацијата на лиценциран застапник, со што се суспендирало правото на поседување на лиценца за застапување, кое претходно им било дадено со Царинскиот закон.

Според наводите од подносителот на втората иницијатива Оливер Алексовски, преку оспорениот дел: „(2)” од став 1 на членот 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, 154/2015, 192/2015 и 23/2016), се воведувал дополнителен услов-положен стручен испит и за лицата кои веќе се стекнале со лиценца според условите кои пред тоа биле пропишани со Царинскиот закон.

Пред стапувањето во сила на членот 51 од Законот, Царинската управа веќе издала лиценци за застапување на лица како и легитимации на лиценциран застапник, без временско ограничување согласно условите кои за таа цел биле предвидени со член 6 став 7 точка 2. од Царинскиот закон и член 7 од Правилникот за поблиските критериуми за застапување во царинската постапка и лиценци за вршење на застапување.

Согласно Царинскиот закон, три категории на лица можеле да се стекнат со лиценца за застапување, за кои законодавецот уредил посебни услови. Според пропишаните услови со Царинскиот закон во член 6 став 7 точка 2. потточки б) и в), а и со Правилникот, стручен испит како услов за вршење на застапување во царинските постапки, не бил предвиден за категоријата на лица кои имале високо образование од специјализиран факултет на царинското работење и најмалку две години работно искуство од областа на царинското работење и за лица кои имале најмалку средно образование и најмалку 3 години работно искуство на работни места во Царинската управа од областа на царинското работење. Меѓутоа, иако овие лица согласно тогаш предвидените услови со Царинскиот закон, се стекнале со лиценци, можеле истите да ги изгубат, доколку не постапат според оспорениот дел од членот 51 став 1 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, конкретно доколку не го исполнат условот-положен стручен испит.

Со наведеното уредување се вршело повратно дејство на Законот и на правни ситуации и односи кои настанале пред влегувањето во сила на оспорениот член од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки и ја нарушувало правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, спротивно на начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Според подносителот, не постоела оправданост за воведување на условот-положен стручен испит за веќе лиценцираните застапници, а посебно за оние лица кои се стекнале со лиценца врз основа на исполнување на условот работно искуство од различни места во Царинската управа, од причини што овие лица пред да се стекнат со лиценца биле во работен однос како царински службеници во Царинската управа и полагале стручен испит кој е услов за вршење на надлежностите во царинската постапка. Дотолку повеќе што овие лица врз основа на стекнатата лиценца, веќе остварувале права и обврски од работен однос како лиценцирани застапници.

Исто така, ако се имало во предвид дека лицата со работно искуство од областа на царинското работење и кои извршувале различни работи со директна примена на прописите кои се предмет на стручниот испит, а за кои лица законодавецот со Царинскиот закон (член 6 став 7 точка 2. потточка в)) не предвидел полагање на стручен испит, токму поради огромната вредност и значење на работното искуство во вршењето на работата како лиценциран застапник, со воведувањето на дополнителниот услов-положен стручен испит, законодавецот ги ставал во нееднаква правна положба овие лица со лицата кои немале работно искуство како царински службеници во Царинската управа по однос на стекнувањето на правото на лиценца, со што се повредувало и уставното начело на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија според кое граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

4. Судот на седницата утврди дека членот 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки (“Службен весник на Република Македонија” број 180/2014), оспорен со првата иницијатива, уредува дека лицата кои се стекнале со лиценца за вршење на застапување во царинските постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон се должни во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат условите од член 7 на овој закон и да поднесат барање до Царинската управа за издавање на лиценца согласно овој закон (став 1). На лицата кои нема да постапат согласно став 1 на овој член ќе им престане важноста на издадената лиценца и ќе треба во рок од осум дена од истекот на рокот од став 1 на овој член да ја врати издадената идентификациска картичка (легитимација на лиценциран застапник) (став 2).

Судот, утврди и дека членот 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки (“Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, 154/2015, 192/2015 и 23/2016), оспорен со втората иницијатива во дел од ставот 1 на членот од Законот, уредува дека лицата кои се стекнале со лиценца за вршење на застапување во царинските постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон се должни во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат условите од член 7 ставови (2) и (3) точка а) на овој закон и да поднесат барање до Царинската управа за издавање на лиценца согласно овој закон, а условите од член 7 став (3) точка б) се должни да ги исполнат во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија (став 1). На лицата кои нема да постапат согласно став 1 на овој член ќе им престане важноста на издадената лиценца и ќе треба во рок од осум дена од истекот на рокот од став 1 на овој член да ја врати издадената идентификациска картичка (легитимација на лиценциран застапник) (став 2).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 52 став 4 од Уставот е утврдена забрана на повратно дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) се уредуваат начинот и условите за издавање и одземање на одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, составот и мандатот на Комисијата за полагање на стручен испит, видот на надоместоците кои се плаќаат и видот на евиденциите кои се водат согласно овој закон, и начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници (член 1).

Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки е објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, на ден 05.12.2014 година, а влезен во сила по осум дена од неговото објавување, односно на 13.12.2014 година.

По неговото донесување наведениот закон претрпува измени и дополнувања, објавени во „Службен весник на Република Македонија” со број 154/2015, број 192/2015 и број 23/2016.

Со првата иницијатива поднесена на 03.06.2016 година, подносителот не ги земал во предвид и измените на членот од Законот, така што со иницијативата ја оспорува првата содржина на членот 51 од Законот вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија” број 180/2014) што е процесна пречка за одлучување по иницијативата, односно причина за отфрлање на истата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Со втората иницијатива се оспорува делот: „(2)” содржан во став 1 на членот 51 од интегралниот текст на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, 154/2015, 192/2015 и 23/2016).

Според член 51 став 1 од интегралниот текст на Законот, лицата кои се стекнале со лиценца за вршење на застапување во царинските постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон се должни во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат условите од член 7 ставови (2) и (3) точка а) на овој закон и да поднесат барање до Царинската управа за издавање на лиценца согласно овој закон, а условите од член 7 став (3) точка б) се должни да ги исполнат во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

Со став 2 на членот 51 од Законот, е определено дека на лицата кои нема да постапат согласно став 1 на овој член ќе им престане важноста на издадената лиценца и ќе треба во рок од осум дена од истекот на рокот од став 1 на овој член да ја врати издадената идентификациска картичка (легитимација на лиценциран застапник).

Оспорениот дел на членот 51 став 1 од Законот упатува на исполнување на услови содржани во член 7 став 2 точка а) од Законот кои се однесуваат на услови за добивање на лиценца и тоа:

а) има најмалку средно образование, најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и положен стручен испит за лиценциран застапник.

Ако се има во предвид претходниот пристап на законодавецот во уредувањето на условите за стекнување со лиценца, претходно содржано во Царинскиот закон и сега со Законот за вршење на работи на застапување во царинските постапки, се согледува дека законодавецот уредувал повеќе можности како услови под кои лицата можеле да се стекнат со лиценца за застапување во царинските постапки, односно дека условот-положен стручен испит, законодавецот го уредувал во комбинација со други услови за стекнување со лиценца.

Имено, со Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2005, 4/2008 и 48/2010), условите за добивање на лиценца за застапување биле регулирани со член 6 став 3 од Законот, според кој со царинска лиценца за вршење на застапување може да се здобие физичко лице кое ги исполнува следниве услови:

-да има најмалку една година работно искуство од областа на царинското работење доколку лицето има висока стручна подготовка од специјализиран факултет од областа на царинското работење,

-да има најмалку средна стручна подготовка и најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и

-да има положен посебен стручен испит за вршење на застапување во царинските постапки.

Со измени и дополнувања на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 158/2010), членот 6 се изменил, така што конкретните услови се уредени со став 7 точка 2. потточки а), б) и в) од Царинскиот закон и тие биле следните:

а) има најмалку средно образование, најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и положен посебен стручен испит за вршење на застапување во царинските постапки или

б) има високо образование од специјализиран факултет од областа на царинското работење и најмалку две години работно искуство од областа на царинското работење или

в) има најмалку средно образование и најмалку три години работно искуство на работни места во Царинската управа од областа на царинското работење.

Со погоре наведените измени на Царинскиот закон, условот положен стручен испит останува како уредување за лицата со најмалку средно образование и со најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење, но, законодавецот оценил дека тој услов не треба да го исполнуваат лицата доколку имаат високо образование од специјализиран факултет од областа на царинското работење и најмалку две години работно искуство од областа на царинското работење, како и лицата со најмалку средно образование и три години работно искуство од областа на царинското работење.

Подоцна кога материјата од оваа област се уредува со посебниот Закон за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија“ број 180/2014), условите за добивање на лиценца со овој закон се уредени со член 7, а конкретно условите кои се однесуваат на потребното образование, работното искуство и положен посебен стручен испит, се уредени со ставот 2 точките а) и б) на членот 7 од Законот.

Така според член 7 став 2 точките а) и б) од основниот текст на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки („Службен весник на Република Македонија“ број 180/2014), лиценца за вршење на застапување во царинските постапки се издава на лице кое ги исполнува следните услови:

а) има најмалку средно образование, најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и положен стручен испит за лиценциран застапник или

б) има најмалку средно образование, најмалку пет години работно искуство на работни места во Царинската управа од областа на царинското работење и положено стручен испит за царински службеник, а не му престанал работниот однос во Царинската управа поради изречена дисциплинска мерка отказ за сторена повреда на царинските и други прописи кои ги применува Царинската управа.

Од содржината на погоре цитираниот член од Законот произлегува дека условот-положен стручен испит, законодавецот оценил дека не мора да го исполнат лицата со определено образование и работно искуство во Царинската управа и кои го исполнуваат условот-положен стручен испит за царински службеник.

Овој испит според член 63 став 9 од Законот за царинската управа (“Службен весник на Република Македонија” број 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016), го полага вработен во Царинската управа кој не е царински службеник, а согласно со Законот за административни службеници е распореден на соодветно работно место на царински службеник.

Со донесувањето на Законот за вршење на работи на застапување во царинските постапки и уредувањето на условите за стекнување со лиценца, законодавецот го уредил и членот 51, како преодна и завршна одредба во Законот.

Според членот 51 од Законот, лицата кои се стекнале со лиценца за вршење на застапување во царинските постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон се должни во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат условите од член 7 на овој закон и да поднесат барање до Царинската управа за издавање на лиценца согласно овој закон (став 1). На лицата кои нема да постапат согласно став 1 на овој член ќе им престане важноста на издадената лиценца и ќе треба во рок од осум дена од истекот на рокот од став 1 на овој член да ја врати издадената идентификациска картичка (легитимација на лиценциран застапник) (став 2).

Преку овој член од Законот, законодавецот воспоставил обврска за исполнување на условите за стекнување со лиценца во даден рок и од страна на лицата кои веќе се стекнале со лиценца според условите кои за таа цел законодавецот ги пропишал во Царинскиот закон. Оваа обврска е услов за задржување на претходно стекнатата лиценца.

Имајќи предвид дека станува збор за лица кои веќе поседуваат лиценца за вршење на работи на застапување во царинските постапки, неисполнувањето на новите услови во определениот рок во Законот, односно во рок од една година од денот на влегувањето во сила на Законот, по сила на закон, престанува важноста на лиценцата, а издадената идентификациска картичка (легитимација на лиценциран застапник), лицата ќе треба да ја вратат.

Законодавецот со Закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки (“Службен весник на Република Македонија” број 154/2015), објавен на 04.09.2015 година, а влезен во сила истиот ден, повторно врши измена на условите под кои едно лице може да се стекне со лиценца.

Како што произлегува од уредувањето со членот 7 став 2 од основниот текст на Законот, лицата можеле да се стекнат со лиценца според еден од условите предвидени во точките а) и б) на членот 7 став 2 од Законот, но со погоре наведените законски измени, законодавецот ја отстранува можноста за стекнување со лиценца според условите предвидени во точката б) на членот 7 став 2 од Законот, со бришење на овој дел на членот од Законот, така што лицата можат да се стекнат со лиценца само според условите предвидени со точката а) на членот 7 став 2 од Законот.

Следствено на овие измени, законодавецот го изменил и уредувањето во став 1 на претходно уредениот член 51 од преодните и завршни одредби на Законот, така што истиот уредува дека лицата кои се стекнале со лиценца за вршење на застапување во царинските постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон се должни во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат условите од член 7 ставови (2) и (3) точка а) на овој закон и да поднесат барање до Царинската управа за издавање на лиценца согласно овој закон, а условите од член 7 став (3) точка б) се должни да ги исполнат во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија. Ставот 2 на членот 51 од Законот, во кој се предвидени последиците од непостапувањето согласно ставот 1 на членот 51 од Законот, останува непроменет.

Од анализата на членот 51 став 1 од Законот во делот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека на лицата на кои им била издадена лиценца до влегување во сила на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, им се определува рок од една година од влегување во сила на Законот, да ги исполнат условите од член 7 став 2 од Законот и да поднесат барање за издавање на лиценца согласно овој закон.

Наведеното значи дека најново воспоставените услови за добивање на лиценца се обврзувачки за лиценцираните застапници, кои лиценцата ја стекнале според условите од Царинскиот закон. Овие лица, иако до влегување во сила на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, веќе се стекнале со лиценца за вршење на работи за застапување во царинските постапки според условите кои за таа цел биле предвидени со Царинскиот закон и ги вршеле тие работи, се ставени во ситуација да ги изгубат стекнатите лиценци, што значи и да го изгубат правото на вршење на работи на застапување во царинските постапки, доколку во предвидениот рок од членот 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, не ги исполнат најново воспоставените услови за таа цел со овој закон.

Овие лица, до влегување во сила на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, лиценците за вршење на работи на застапување во царинските постапки, ги стекнале според условите од погоре цитираниот член 6 став 7 точка 2. потточки а), б) и в) од Царинскиот закон.

Со оглед дека условите од потточка а) на членот 6 став 7 точка 2. од Царинскиот закон, се истите услови кои и сега се уредени во интегралниот текст на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки (членот 7 став 2 точка а)), произлегува дека во обврска за исполнување на најново воспоставените услови од посебниот закон, се лицата кои претходно се стекнале со лиценца според условите од потточките б) и в) на членот 6 став 7 точка 2. од Царинскиот закон. Од содржината на условите наведени во овие потточки на членот 6 став 7 точка 2. од Царинскиот закон, произлегува дека законодавецот не предвидел полагање на стручен испит, односно лиценците можеле да се стекнат без овој услов, но, со исполнување на останатите предвидени услови за вршење на работи на застапување.

Иако станува збор за лица кои веќе поседуваат лиценци за застапување, за што претходно исполниле услови кои законодавецот ги пропишал за таа цел со Царинскиот закон, од содржината на одредбите на членот 51 став 1 од Законот за вршење на работи на застапување во царинските постапки, кој се оспорува во дел, произлегува дека задржувањето на претходно стекнатото право за застапување во царинските постапки, се условува со исполнување на новите услови, а во спротивност, неисполнувањето на тие услови, за последица има губење на стекнатото право, иако било стекнато на законит начин со исполнување на услови, кои законодавецот претходно ги пропишал со Царинскиот закон, а во кои не било предвидено исполнување на условот-положен стручен испит.

Во врска со ваквото уредување се поставува прашањето:

-Дали упатувањето за исполнување на условите за стекнување со лиценца од оспорениот дел на членот 51 од Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, значи ретроактивно важење на Законот, односно на негово дејствување и на односи во правото, настанати пред неговото влегување во сила, конкретно дали тоа дејство, значи негирање на право на поседување на лиценца, стекнато на законит начин, според тогаш предвидени услови за стекнување на тоа право?

Во одговор на ова прашање, според мислењето од предлагачот на Законот, во никој случај не се поставувало прашањето за ретроактивна примена на законската одредба, бидејќи со влегувањето во сила на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, престанале да важат одредбите од Царинскиот закон, кои претходно ги пропишувале условите и начинот на стекнување со лиценца за застапување во царинските постапки. Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки влегол во сила осмиот ден од неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”, односно на ден 13.12.2014 година, што било во согласност со член 52 ставови 1, 2 и 3 од Уставот.

Според Судот, иако Законот начелно влегол во сила по неговото објавување, што значи делува во иднина, самиот факт дека оспорената одредба од член 51 став 1 од Законот, конкретно во делот што се оспорува со иницијативата и со кој се наметнува обврска за лиценцирани застапници за исполнување на условите од член 7 став 2 од Законот, кои во минатото веќе се стекнале со лиценца пред влегувањето во сила на Законот, значи дека Законот преку обврската уредена со оспорениот дел од законската одредба, имплицира дејствување на Законот и пред неговото влегување во сила.

Имајќи предвид дека за неисполнувањето на законската обврска, законодавецот предвидел престанок на важење на издадената лиценца стекната на законит начин, а со тоа и неможност за вршење на работи на застапување во царинските постапки, кои лицата претходно ги вршеле, значи дека повратното важење на Законот не е поповолно за граѓаните, што според Судот, не е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законодавецот има право да уредува нови посебни услови за работа во одделна област, истите да ги менува или дополнува, а како што е и во конкретниот случај во областа на царинското застапување, меѓутоа треба да се има во предвид дека преминот од стариот во новиот режим на уредување на односите во правото, треба да се обезбеди на начин кој не ги доведува во прашање, или во поголем обем да не ја загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Во конкретниов случај, Судот утврди дека спротивно на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок, е пропишано уредување со членот од Законот, кое води кон правна несигурност на граѓаните, дека правата кои ги стекнале на законит начин, во иднина нема да ги изгубат, поради идно пропишување на други услови за стекнување на истото право, во случајов право на поседување на лиценца за вршење на застапување во царинските постапки.

Во врска со наведеното оспорено уредување на членот од Законот, предлагачот на Законот во доставеното мислење наведува и дека обврската за усогласување со новите услови на лиценцираните царински застапници, било со цел да се постигне конзистентност во правниот систем и да им се овозможат еднакви услови за стекнување на лиценца на идните како и на постојните застапници во царинските постапки што било во согласност со уставно загарантираното право од член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија во кој е пропишано дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Со оспорената законска одредба се воспоставувал унифициран пристап и еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, се гарантирала правната сигурност на граѓаните, како и владеењето на правото како темелни вредности на уставниот поредок.

Интенцијата на законодавецот за менување на условите за царинско застапување во насока на најефикасно обезбедување на принципот на еднаквост, неспорно е од значење во остварувањето на уставно загарантираните права на граѓаните.

Меѓутоа, во конкретниот случај, треба да се има во предвид дека не се оспоруваат условите за стекнување со лиценца кои важат во иднина, туку се оспорува уредувањето во членот од Законот кое налага важење на тие услови пред влегување во сила на Законот и од кое уредување произлегува губење на веќе стекнато право на законит начин преку исполнување на услови уредени со закон, така што наведеното образложение за уставната издржаност на оспореното уредување во членот од Законот од аспект на принципот на еднаквост, според Судот, не наоѓа смисла во предметниот случај.

Најпрво, ова од причини што новите услови подеднакво се воспоставуваат за лица кои во минатото веќе исполниле услови за стекнување со лиценца и со истите се стекнале, како и за лица кои во иднина ќе се стекнуваат со лиценци, што значи новите услови се воспоставуваат за две категории на лица, иако тие се со различен статус и не се во иста правна ситуација на односи во правото, едните се со статус на лиценцирани застапници, а другите се со статус на идни лиценцирани застапници. Оттука, еднаквото постапување со лица кои се во различна правна ситуација, според Судот, исто така доведува до повреда на принципот на еднаквост кој наложува еднакво постапување со еднаквите, односно со субјекти кои се во иста правна ситуација да се постапува на ист начин, а со субјекти кои се во различна правна ситуација, на различен начин. Од наведените причини Судот смета дека оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, не кореспондира со уставниот принцип на еднакво постапување со граѓаните.

Исто така, имајќи го предвид изнесеното мислење од предлагачот на Законот, во кое оспореното законско уредување се оправдува од аспект на постигнување на конзистентност во правниот систем, односно со цел да се овозможат еднакви услови за стекнување на лиценца, како на идните така и на постојните застапници во царинските постапки, а наспрема содржината на членот 51 од Законот, произлегува недоследност на законодавецот во погоре наведената смисла за оправданоста на причините од таквото уредување на членот од Законот од аспект на членот 9 од Уставот.

Ова од причини што воспоставената обврска за исполнување на новите законски услови, законодавецот ја уредил само за постојните лиценцирани застапници, кои лиценцата ја стекнале според Царинскиот закон, но, не произлегува дека актуелните услови, а заради конзистентност во правниот систем се обврзувачки и за лицата кои со лиценца се стекнале според условите од Законот за вршење на работи во царинските постапки, кои не предвидуваа исполнување на условот-положен стручен испит за одредени лица со определени стручни квалификации и работно искуство, конкретно тоа се условите од членот 7 став 2 точка б) од основниот текст на Законот, пред неговото изменување.

Имено, со изменување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” број 154/2015), законодавецот ја избриша точката б) на членот 7 став 2 од Законот, а како услови останаа во важност само условите под точка а) на членот 7 став 2 од Законот, кои помеѓу другото, задолжително го предвидуваат условот-положен стручен испит.

Поконкретно, пред изменувањето на Законот, законодавецот предвидуваше дека лице со лиценца може да се стекне со исполнување на условите од член 7 став 2 и тоа:

а) има најмалку средно образование, најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и положен стручен испит за лиценциран застапник или

б) има најмалку средно образование, најмалку пет години работно искуство на работни места во Царинската управа од областа на царинското работење и положено стручен испит за царински службеник, а не му престанал работниот однос во Царинската управа поради изречена дисциплинска мерка отказ за сторена повреда на царинските и други прописи кои ги применува Царинската управа.

Во периодот од 13.12.2014 година (влегување во сила на основниот закон) до 04.09.2015 година (влегување во сила на измените на тој закон), со исполнување на кои и да било услови од двете предвидени групи на услови во членот 7 став 2 точките а) и б) од Законот, лицата можеа да се стекнат со лиценца, при што доколку лицето ги исполнува условите од точката б) на членот 7 став 2 од Законот, не беше во обврска да го исполни и условот-положен стручен испит за лиценциран застапник, која можност со измените на Законот, е избришана.

Тоа значи дека со лицата кои во наведениот период се стекнале со лиценца според условите пропишани во сега избришаната точка б) на членот 7 став 2 од Законот, во кои услови не беше предвиден условот-положен стручен испит, законодавецот постапил на начин што ги имал во предвид нивните стекнати права, со што законодавецот на овие лица им овозможил и понатаму да ги вршат работите на застапување во царинските постапки со самиот факт што не ги обврзал со членот 51 од Законот и тие да ги исполнат најново предвидените услови, за разлика од лицата кои лиценците ги стекнале според условите од Царинскиот закон, за кои се предвидува престанок на важење на лиценците и одземање на легитимациските картички, доколку не ги исполнат условите на кои упатува оспорениот дел на членот од Законот. Поконкретно тоа се однесува на исполнување на условот-положен стручен испит, од каде се гледа нерамноправниот приод и третман на законодавецот спрема овие лица и ставање во привилегирана положба на лицата кои се стекнале со лиценца според избришаните услови од точката б) на членот 7 став 2 од Законот, кои не предвидуваа исполнување на условот-положен стручен испит, спротивно на член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Тука, потребно е да се нагласи дека предвидениот услов лицето да има положено стручен испит за царински службеник од бришаната точка б) на членот 7 став 2 од Законот, според Судот не може да се поистовети со условот – положен стручен испит за лиценциран застапник, кој е предвиден во точката а) на членот 7 став 2 од Законот, бидејќи, како што погоре е наведено овој испит според член 63 став 9 од Законот за царинската управа, го полага вработен во Царинската управа кој не е царински службеник, а согласно со Законот за административни службеници е распореден на соодветно работно место на царински службеник.

Од изнесените причини, Судот смета дека членот 51 од Законот во делот кој се оспорува со иницијативата, имплицира и повреда на членот 9 од Уставот.

Од содржината на ставот 2 на членот 51 од Законот, произлегува дека тој ги предвидува последиците за лиценцираните застапници од непостапувањето по ставот 1 на членот од Законот, меѓутоа Судот не се впушти во негова елаборација, од причини што ставот 2 на членот 51 од Законот, се однесува и за неоспорениот дел од содржината во ставот 1 на членот 51 од Законот.

6. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на членот 51 став 1 во делот: “2” од Законот за вршење на работи на застапување во царинските постапки (“Службен весник на Република Македонија” број 180/2014, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 52 став 4 од Уставот, а во однос на првоподнесената иницијатива, Судот одлучи истата да ја отфрли, бидејќи со истата се бара оценување на уставност на содржина од законска одредба која уште пред поднесувањето на иницијативата е изменета, а согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, тоа е процесна пречка за одлучување по иницијативата и причина за отфрлање на истата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Решението.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.110/2016
8 февруари 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски