У.бр.12/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 113 став 4 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015).

2. Дарко Јаневски од Скопje до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта, оспорената одредба на член 113 став 4 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/ 2015) била нејасна бидејки во ставот 4 не се споменувале никакви заверки на управни акти и од тие причини не била во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Во иницијативата е наведено дека од содржината на оспорената одредба не било јасно на што точно законодавецот упатувал и се создавало правна несигурност со дадената аргументација дека управните акти заверени на начин утврден во ставот 4 на членот 113 од Законот, биле конечни и извршни, а требало да стои ставот 3 и предлага истата да биде укината или поништена.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 113 став 1 органот што ја решил работата во втор степен го испраќа своето решение, со списите на предметот во електронска форма до првостепениот орган, кој е должен решението да го достави до странките во рок од осум дена од денот на приемот на решението со списите. Доколку странката побарала управниот акт да се издаде во електронска форма, второстепениот орган го доставува управниот акт непосредно до странката (став 2). Доколку странката побарала управниот акт да и се достави во писмена форма, првостепениот орган е должен управниот акт добиен од второстепениот орган да го завери дека е верен на оригиналот (став 3). Управните акти заверени на начин утврден во ставот 4 на овој член се конечни и извршни (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Сoгласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес, по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.

Според член 4 од Законот, одделни поими во овој закон го имаат следново значење:… – „Управен акт“ е поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други;

Согласно член 15 став 1 од Законот, конечен управен акт е оној против кој може да се поведе управен спор. Конечен управен акт може да се поништи, укине или измени само во случаите утврдени со закон (став 2). Конечниот управен акт е извршен, освен ако со закон поинаку не е определено (став 3).

Според член 61 став 1 од Законот за општа управна постапка, јавниот орган може да ги завери како верни копиите на исправите кои самиот ги издал. Тука се вклучуваат фотокопии, микрофилмски копии, печатени верзии на електронски исправи, скенирани верзии на исправи во хартиена форма и електронски исправи во технички формат поинаков од оригиналната електронска исправа која била поврзана со електронски потпис. Копиите можат да се заверат како верни само кога исправата не ја изгубила доказната вредност (став 2). Копијата се заверува како верна со помош на забелешка за заверка која се става на крајот од копијата. Забелешката мора да содржи: – точен опис на исправата чија копија се заверува; – изјава дека заверената копија е идентична на поднесената оригинална исправа; – местото и датумот на заверката; – називот на јавниот орган кој ја врши заверката и неговиот службен печат; – името на службеното лице овластено за заверката и неговиот потпис (став 3).

Во однос на членот 85 став 1 од овој закон, доставувањето на електронски документ може да се изврши со преземање на документот од сервер што го одредил јавниот орган само ако на примачот му е овозможен пристап преку автентизирани електронски средства и ако претходно е известен за датумот или периодот во кој документот ќе биде поставен на серверот. Доставувањето во согласност со ставот 1 од овој член се смета дека е извршено во моментот на преземање (став 2). Ако документот не се преземе во одредениот рок или период, јавниот орган го повторува известувањето (став 3). Ако документот не се преземе во одредениот рок или период утврден во второто известување, јавниот орган треба да ја достави одлуката преку други соодветни средства (став 4).

Според одредбата на член 113 став 1 од Законот, органот што ја решил работата во втор степен го испраќа своето решение, со списите на предметот во електронска форма до првостепениот орган, кој е должен решението да го достави до странките во рок од осум дена од денот на приемот на решението со списите. Доколку странката побарала управниот акт да се издаде во електронска форма, второстепениот орган го доставува управниот акт непосредно до странката (став 2). Доколку странката побарала управниот акт да и се достави во писмена форма, првостепениот орган е должен управниот акт добиен од второстепениот орган да го завери дека е верен на оригиналот (став 3). Управните акти заверени на начин утврден во ставот 4 на овој член се конечни и извршни (став 4).

Според наводите од иницијативата, Судот утврди дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на ставот 4 од членот 113 од Законот за општа управна постапка.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои го оспорува член 113 став 4 од наведениот закон, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка на начин што во оспорениот член се повикал на ставот 4, а не на ставот 3, во членот 113 став 4.

Во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, како што наведува и Владата на Република Македонија, која грешка според Судот не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.12/2016
01.02.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски