Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 28 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 188/2013, 27/2014, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 43/2016 и 190/2016).
2. Борјанка Ѓоргиевска од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорениот член 28 став 2 од Законот, бил спротивен на член 30 и член 55 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со неговото уредување сметководителите се ставале како граѓани од втор ред кои не смееле да имаат сопственост и не можеле да имаат слобода на претприемништво. Пред подносителката се поставува прашањето што станувало со некои затечени права кога по сила на закон, конкретно согласно Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал (т.н. Законот на Анте Марковиќ) каде сите вработени кои согласно Законот ги исполнувале условите, станувале акционери т.е. содружници. Доколку сметководителот си формирал сопствена фирма за сметководствени работи, тој ќе морал да даде на друга сметководствена фирма да му го води сметководството, бидејќи согласно оспорената законска одредба, тој не можел сам да си го води сметководството, туку ќе се излагал на дополнителен трошок. Оттука сметководителите кои работеле во фирма која имала акции или удели над 2% или требало да дадат отказ или да ги продадат уделите или акциите.
3. Судот, на седницата утврди дека со член 28 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи е уредено дека сметководствени работи не може да врши: 1) сметководител односно овластен сметководител кој е со над 2% од акциите со право на глас односно влоговите кај обврзникот за водење сметководство и 2) трговец поединец-сметководител, трговец поединец-овластен сметководител односно друштво за вршење сметководствени работи кој е акционер или вложувач со над 2% од акциите со право на глас односно влоговите кај обврзникот за водење сметководство.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорениот член 28 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи уредува дека сметководствени работи не може да врши: 1) сметководител односно овластен сметководител кој е со над 2% од акциите со право на глас односно влоговите кај обврзникот за водење сметководство и 2) трговец поединец-сметководител, трговец поединец-овластен сметководител односно друштво за вршење сметководствени работи кој е акционер или вложувач со над 2% од акциите со право на глас односно влоговите кај обврзникот за водење сметководство.
По повод претходно поднесена иницијатива, Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 28 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ број 95/2012), односно со Решение У.бр.141/2012 од 17.04.2013 година, не повел постапка за оценување на неговата уставност. Според ставот на Судот, оспорениот член од Законот, не бил во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот, со образложение дека законодавецот тргнал од правилна и уставно издржана правна логика, лицето кое е основач или член на управување на сметководствен обврзник (според законодавецот со право на глас со над 2% од акциите, односно влоговите) да не може да врши сметководствени работи за обврзникот, бидејќи во спротивно би се довел во состојба сам за себе да ги направи сметководствените услуги, со ризик за појава на пристрасност во работењето и голема веројатност за влијание врз управувањето.
5. Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 28 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.178/2016
18 јануари 2017 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски