Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27декември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 231 ставови 3, 4, 6 и 7 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005, 25/2007, 7/2008, 57/2010, 135/2011, 13/2013, 188/2013, 43/2014, 15/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Како причина за оспорување во иницијативата се наведува неусогласеноста на ставовите 3, 4, 6 и 7 од членот 231 од Законот за хартии од вредност со одредби од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, па поради тоа било повредено владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека членот 231 од Законот за хартии од вредност има два става со следнава содржина:
(1) Против решението што го донесува Комисијата може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(2) Против конечните одлуки на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежен суд.
Имено, со иницијативата се оспоруваат ставови во членот 231 од Законот, кои не постојат, односно овој член имал седум става во време на донесување на Законот во 2005 година, но со измените и дополнувањата на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.57/2010 и 188/2013), наведениот член од Законот ја има погореизнесената содржина во двата става.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што со иницијативата се оспоруваат ставовите 3, 4, 6 и 7 од членот 231 од Законот за хартии од вредност, кои не се во правниот поредок со оглед на тоа што овој член од Законот има два става со содржина која е погоре изнесена, и која не е предмет на оспорување со иницијативата, Судот оцени дека се настапени услови за отфрлање на иницијативата.
5. Поради погореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски, и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.115/2016
27.12.2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски