Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеа 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 23 ноември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 9 алинеи 2 и 3 од Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010, 47/2011 и 41/2014).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Подносителот во иницијативата најпрвин ги цитира одредбите од членовите 9, 10 и 11 од Законот за основање на Македонска истражувачка мрежа и наведува дека било нејасно зошто член на Управниот одбор на МАРнет, би бил разрешен по основите од оспорениот член 9 алинеи 2 и 3 од Законот, ако според член 10 алинеи 2, 3, 4 и 5 од Законот, Управниот одбор како колективно тело составено од седум члена, го избира и разрешува директорот, ја донесува годишната програма за работа на МАРнет, го донесува финансискиот план и завршната сметка на МАРнет и го донесува годишниот извештај за работењето на МАРнет. Подносителот наведува дека за да овие одредби бидат конзистентни една со друга и да формираат правно-функционална и логична целина, меѓу себе и во однос на целината на Законот, било потребно тие да бидат во хармонија една со друга, што не било случај.
Подносителот смета дека основите за разрешување од должност на поединец кој е член на колективно тело, можеле да се пропишат со закон или со подзаконски акт, кога тоа законот го дозволува и тоа било право на законодавецот. Но, основите за таквото разрешување би требало да бидат во врска со дејствијата кои ги презема или ги презел во врска со извршувањето на својата дејност лично како поединец, односно како член на колективно тело.
Подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби како спротивни на Уставот, а потоа да ги укине.
3. Судот на седницата утврди дека според член 9 алинеи 2 и 3 од Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010, 47/2011 и 41/2014), член на Управниот одбор може да биде разрешен пред истекот на мандатот, ако: избере или разреши директор спротивно на одредбите на овој закон и не ги донесе годишната програма за работа на МАРнет, финансискиот план и завршната сметка на МАРнет и годишниот извештај за работењето на МАРнет.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во иницијативата подносителот го цитира член 10 алинеи 2,3,4 и 5 од Законот, според кои Управниот одбор: го избира и разрешува директорот, – ја донесува годишната програма за работа на МАРнет, – го донесува финансискиот план и завршната сметка на МАРнет, – го донесува годишниот извештај за работењето на МАРнет, како и член 11 став 2 од истиот закон, според кој Директорот го избира и разрешува Управниот одбор.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби не биле конзистентни и не биле во хармонија едни со други, бидејќи основите поради кои можело да дојде до разрешување од вршење на должност на поединец кој е член на колективно тело, би требало да бидат во врска со дејствијата што ги презема или ги презел во врска со извршувањето на својата дејност, лично како поединец односно член на колективното тело. Иако во иницијативата се цитираат одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, во иницијативата подносителот не наведува од кои причини смета дека оспорените одредби се спротивни на наведените одредби од Уставот. Според оценката на Судот, вака како што се формулирани, наводите во иницијативата се сведуваат на барање за оценување на меѓусебната согласност на одредбите од еден ист закон, што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.108/2016
23.11.2016 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски