У.бр.77/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 104 од Законот за безбедност на храна на животните („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 53/2011, 1/2012, 33/2015 и 149/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 104 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 104 од Законот за безбедност на храна на животни не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија од причини што оспорената одредба упатувала на постапување на орган кој сметано од 01.01.2011 година престанува да постои како правен субјект во правниот промет, а од содржината на истиот може да се сфати дека на таквиот орган му се дава третман на прекршочен орган кој води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции.

Имено сметано од 01.01.2011 година како датум на отпочнување на примена на Законот за безбедност на храна, Управата за ветеринарство престанува да постои, а престанува да важи и член 106 од Законот за ветеринарно здравство, во кој било предвидено постоењето на прекршочен орган – Комисија за одлучување по прекршок.

Подносителот на иницијативата наведува дека согласно член 141 ставовите 1, 2 и 3 од Законот за безбедност на храна на животните е формирана Агенцијата за храна и ветеринарство која со отпочнување со работа ги презела правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна и е правен наследник на наведените институции.

Согласно член 144 став 2 од наведениот закон, со започнување со работа на Агенцијата (1.01.2011) престануваат да важат одредбите од член 9, член 10 точките 1, 3, 6, 9, 10, 11, 12 и 13, член 106 и член 107 од Законот за ветеринарство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007).

Во членот 106 од Законот за ветеринарно здравство било предвидено дека прекршочната постапка за прекршоците по тој или друг закон ја води Комисијата за одлучување по прекршок формирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со влегување во сила и отпочнување на примена на Законот за безбедност на храна („Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010) со одредбата од член 9 од Законот за ветеринарно здравство, Управата за ветеринарство престанала да важи.

Со истиот закон престанала да важи и одредбата од член 106 од Законот за ветеринарно здравство во кој бил предвиден прекршочниот орган кој постапува по прекршкот од членот 101, член 102 и член 103 од Законот, но од оспорената одредба произлегувало дека оспорениот член 104 од Законот за безбедност на храна на животни, упатува токму на Законот за ветеринарно здравство и примена на одредби од тој закон во однос на прекршочниот орган, а тоа е Управата за ветеринарство.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 104 од Законот е предвидено дека „За прекршоците од членовите 101, 102 и 103 на овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Управата за ветеринарство, на начин утврден согласно Законот за ветеринарно здравство“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

5. Со Законот за безбедност на храната на животни („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 53/2011, 1/2012, 33/2015 и 149/2015), се уредуваат основните и посебните барања за храна за животни, основните принципи и одговорности на операторите со храна за животни, организационите структури за безбедност на храна за животни и официјалните контроли на храна за животни.

Согласно член 2 од Законот, овој закон се применува во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храната за животни, освен на примарното производство наменето за сопствени потреби во домаќинството.

Според член 17 од Законот, надлежен орган за спроведување на стручните и управните работи утврдени со овој закон е Управата за ветеринарство.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна на животните („Службен весник на Република Македонија“ бр.1/2012), членот 17 од Законот за безбедност на храната на животни („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010 и 53/2011),се менува и истиот гласи :

Надлежен орган за спроведување на управните и стручните работи утврдени со овој закон е Агенцијата за храна и ветеринарство (во натамошниот текст: Агенцијата).”

Според член 15 од Законот од 2012 година, во целиот текст на законот зборовите: „Управата за ветеринарство“ се заменуваат со зборот “Агенцијата“.

Во Законот за безбедност на храната за животни (“Службен весник на Република Македонија“ број 145/2010, 53/2011 и 12012) членот 17 се менува и гласи:

Надлежен орган за спроведување на стручните и управните работи утврдени со овој закон е Агенцијата за храна и ветеринарство (во понатамошниот текст: Агенцијата).

6. Според член 1 од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“, бр. 157/2010, 53/2011, 1/2012, 164/2013, 187/2013, 43/2014 и 72/2015), со овој закон се уредуваат основните начела за безбедност на храна и храна за животни, општите и посебните хигиенски барања за храната, организационите структури на системот на безбедност на храна и официјални контроли на храна и храна за животни.

Според член 2 од наведениот закон, целта на овој закон е да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и интересите на потрошувачите во однос на храната, особено земајќи ја предвид разновидноста при снабдување на храна вклучувајќи храна со традиционални карактеристики, обезбедувајќи ефикасно функционирање на внатрешниот пазар, општите начела и одговорности, начинот за обезбедување на цврста научна основа, успешни организациски договори и постапки за поддршка на процесот за донесување одлуки од областа на хигиената на храната и храната за животни.

Во членот 15 од Законот, кој е поместен во поднасловот „Надлежен орган“ е предвидено дека:

(1) За вршење на работите од областа на безбедноста на храна и храна за животни, спроведување, контрола, надзор и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните, нивна благосостојба, ветеринарното јавно здравство, како и контрола на национални референтни и овластени лаборатории кои даваат поддршка за потребите на Агенцијата, согласно со овој и друг закон од областа на ветеринарното здравство, се основа Агенција за храна и ветеринарство (во натамошниот текст: Агенцијата), како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.

(2) Полниот назив на Агенцијата е Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

(3) Називот на Агенцијата во меѓународно-правниот промет е Food and Veterinary Agency.

Во членот 135 од Законот поднасловот „Прекршочен орган“ е предвидено дека:

(1) За прекршоците од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Агенцијата (во натамошниот текст: Прекршочниот орган).
(2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочната комисија) формирана од страна на директорот.
(3) Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во Агенцијата, од кои едно е претседател на Прекршочната комисија.
(4) Директорот на Агенцијата го пропишува начинот на работата на Прекршочната комисија, условите кои треба да ги исполнат членовите на Комисијата и времетраењето на изборот.
(5) Против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.
(6) За прекршоците кои се во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува комисијата за прекршоци согласно со одредбите на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство.

Според членот 141 став 1 од Законот, Агенцијата започнува со работа од 1 јануари 2011 година.

(2) Со отпочнување со работа, Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.
(3) Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.

Според член 144 став 2 од Законот, со започнување со работа на Агенцијата престануваат да важат одредбите на членовите 9, 10 точки 1, 3, 6, 9, 10, 11, 12 и 13, 106 и 107 од Законот за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Македонија“ број 113/2007).

7. Во членот 106 од Законот за ветеринарно здравство „Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2006) кој престанал да важи согласно наведениот член 144 став 2 од Законот за безбедност на храна било предвидено дека:

1) За прекршоците од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот орган (во натамошниот текст: Прекршочниот орган).
2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочната комисија) формирана од страна на министерот.
3) Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во надлежниот орган, од кои едно е претседател на Прекршочната комисија.
4) Прекршочната комисија е составена од три члена од кои: – двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област и – еден член со висока стручна подготовка од областа на ветеринарната медицина со пет години работно искуство во својата област.
5) Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години.
6) За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник.
7) Прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон и друг закон од областа на ветеринарното здравство.
8) Покрај членовите на Прекршочната комисија министерот може да определи секретар на Прекршочната комисија кој врши административни работи за Комисијата и заменици членови, кои по исклучок, учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите.
9) Прекршочната комисија донесува деловник за својата работа.
10) Против решенијата на Прекршочната комисија, со кој се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Во членот 2а од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) е предвидено дека:
(1) Во постапката за издавање на решенија ќе се применува Законот за општа управна постапка доколку со овој закон поинаку не е уредено.
(2) Во постапката за вршење на инспекциски надзор ќе се применува Законот за инспекциски надзор и Законот за безбедност на храна, доколку со овој закон поинаку не е уредено.“

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и наводите изнесени во поднесокот дека оспорената одредба упатувала на орган кој не постои како правен субјект во правниот промет, Судот оцени дека се неосновани.

Ова од причина што од анализата на Законот за безбедност на храна на животните, („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 53/2011, 1/2012, 33/2015 и 149/2015), Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“, бр.157/2010, 53/2011, 1/2012, 164/2013, 187/2013, 43/2014 и 72/2015), како и Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007, 24/2011, 136/2011,123/2012 и 154/2015) недвосмислено и јасно произлегува дека со отпочнување со работа на Агенцијата, Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна, при што Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.

Понатаму согласно членот 2а од Законот за ветеринарно здравство, овој закон има супсидијарна примена наспрема Законот на безбедност на храната и Законот за инспекциски надзор. Воедно, според мислењето на Судот подносителот ја немал предвид одредбата од членот 135 од Законот за безбедност на храната во кој е уредено прашањето за тоа кој орган е надлежен да води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции, составот на органот како и тоа од каде и кој ги избира членовите на прекршочниот орган.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 104 од Законот за безбедност на храна на животните наспрема уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

8. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2016
16 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски