У.бр.86/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 8 став 7 од Законот за заклучување на стечајните постапки остварени согласно со Законот за присилно порамнување,стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба била нејасна кое што ја доведувало во прашање операционализацијата на самата одредба, а со тоа и целината на законот во правниот промет, што било спротивно на начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3, кој предвидува дека во правниот промет мора да егзистираат јасни, прецизни и концизни норми.

Имено, оспорената одредба во себе содржи дел од Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.79/2013), во кој е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај и се однесува на измени и дополнувања на Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/2011), а не Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.79/2013).

Според подносителот на иницијативата од содржината на наведените измени од 2013 година произлегува дека оваа измена и дополнување на Законот содржи 85 члена со кои се дополнува Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/2011).

Во понатамошниот дел од иницијативата подносителот сумарно врши анализа на поодделна група на членови и заклучува дека гледано самостојно Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.79/2013) не содржи фази од постапката за продажба на имотот на стечајниот должник, како што е определено во оспорената одредба.

Од наведените причини подносителот оценува дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 8 став 7 од Законот за заклучување на стечајните постапки остварени согласно со Законот за присилно порамнување,стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на РМ“ бр.12/2014) е предвидено дека: за останатите фази од постапката за продажба на имотот на стечајниот должник соодветно се применуваат одредбите за впаричување на имотот на стечајниот должник од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2013).

4. Според член 8 став 1 алинеја од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 1 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација со овој закон се уредуваат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/1989), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/1997, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/2011).

Според член 2 став 1 од Законот, предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка претставува недвижниот имот кој го презел стечајниот управник по отворањето на стечајната постапка, а кој не е впишан во јавните книги во кои се врши запишување на правата на недвижностите.

Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник претставува недвижниот имот сопственост на стечајниот должник, подвижниот имот, правата и побарувањата на стечајниот должник ( став 2 ).

Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник е и правото на градење за неизграден објект за кој е издадено одобрение за градење, кое се предбележува во јавната книга во која се запишуваат правата на недвижностите со решение на стечајниот судија (став 3).

Корисничките права на градежно изградено и неизградено земјиште и на земјоделско земјиште без оглед на времето на траење на правото на користење не се предмет на впаричување на имотот на стечајниот должник и врз основа на решение на судот се бришат од јавната книга во која се запишуваат правата на недвижности.(став 4).

Членот 8 од Законот е поместен во глава II. „ВПАРИЧУВАЊЕ НА ИМОТ КОЈ ВЛЕГУВА ВО СТЕЧАЈНА МАСА“ поднаслов „Начин, постапка и рокови за продажба на имотот од стечајната маса“ и во истиот е предвидено:

(1) Претворање на имотот, имотните права и побарувањата на должникот кои влегуваат во стечајна маса во пари, започнува во рок од три дена од уписот на сопственоста во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите.

(2) Продажбата на имотот од стечајната маса се врши по пат на електронска продажба со јавно наддавање без утврдена почетна цена. Право на учество во продажбата имаат учесниците кои ќе уплатат депозит или ќе достават банкарска гаранција во висина од 10% од проценетата вредност на имотот кој е предмет на продажбата.

(3) Овластениот проценувач е должен процената на имотот на стечајниот должник да ја изготви и достави до судот и до стечајниот управник во рок не подолг од 30 дена од денот на добивањето на известување за потребата за вршење на процената.

(4) Првата продажба на имотот од стечајната маса, стечајниот управник ја објавува во два најтиражни дневни весници кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија во формат на половина страница во рок од три дена од денот на извршената процена согласно со ставот (3) на овој член. Огласот трае најмногу 15 дена. Во случај на неуспешна продажба истиот се повторува најмногу уште еднаш со тоа што целата продажба треба да заврши во рок од 70 дена од рокот определен во ставот (1) на овој член.

(5) Во содржината на огласот за продажба во случај кога предмет на впаричување е правото на градба, освен основните податоци за предметот на продажба, особено треба да се наведе дали имотот е вклопен во урбанистичките планови на соодветната општина. Во случај на продажба на правото на градба, во огласот се наведува и дека купувачот ги презема сите права и обврски утврдени согласно со договорот за заедничка градба или соинвеститорство кој го склучил стечајниот должник со сопствениците на градежното земјиште.

(6) Решението на стечајниот судија со кое е избран најповолен купувач на имотот во стечајната постапка е основ за упис во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижности, како и на сите промени во целокупната градежно-техничка и друга документација која гласeла на име на стечајниот должник пред отворањето на стечајната постапка.

(7) За останатите фази од постапката за продажба на имотот на стечајниот должник соодветно се применуваат одредбите за впаричување на имотот на стечајниот должник од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2013).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои го оспорува член 8 став 7 од наведениот закон, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка на начин што во оспорениот член се повикал само на последните измени на Законот за стечај, а не на основниот текст на Законот со сите негови измени и дополнувања.

Во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, како што наведува и Владата на Република Македонија, која грешка според мислењето на Судот не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2016
9 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски