У.бр.25/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 61-в став 1, во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2014).

3. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Со иницијативата поднесена на 15 февруари 2016 година се оспорува член 61-в став 1 во наведениот дел од Законот. Во иницијативата најнапред се изнесува содржината на тој член определена во Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015, како и содржината на тој член определена во Законот за изменување на Законот за акцизите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015, а потоа се изнесува содржината на членовите 47, 48 и 50 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), па од сите наведени законски одредби се изнесува мислење дека Законот за прекршоците бил генерален закон во врска со прекршоците, дека со него се определувале два вида на забрзани постапки со кои се избегнувало водење на прекршочни постапки пред надлежен суд или прекршочен орган-мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог, дека Законот за прекршоците не дозволувал, покрај глоба, со посебен закон да се воведе и посебна прекршочна мерка-одземање на предметите на прекршокот, а не дозволувал ни со посебен закон да се предвиди изземање на определени прекршоци од забрзаната постапка-мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог. Со тоа членот 61-в став 1 од Законот за акцизите спречувал да се оствари една од целите на генералниот закон-Законот за прекршоците, да не се водат прекршочни постапки пред надлежен суд или прекршочен орган во ситуации во кои можат да се водат мандатни постапки со издавање на мандатен платен налог, а тоа не било во согласност со член 51 став 1 од Уставот според кој законите морале да бидат во согласност со Уставот од што произлегувало и дека законите требало да бидат усогласени еден со друг, во конкретниот случај оспорената одредба од Законот за акцизите со одредбите од Законот за прекршоците. Покрај тоа, со оспорената законска одредба лицата кои сториле прекршок за кој не можело да се води мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог биле ставени во понеповолна состојба од други лица, при што од целината на Законот за акцизите како и од Законот за прекршоците не произлегувала оправданост за исклучување на мандатна постапка за определените прекршоци, па оспорената законска одредба не била во согласност ни со член 9 став 2 од Уставот. Со иницијативата се предлага изрекување на привремена мерка до донесување на конечна одлука на Судот.

Со поднесок доставен на 2 март 2016 година, подносителот на иницијативата укажува дека по поднесувањето на иницијативата од 15 февруари 2016 година била извршена промена на дел од оспорената законска одредба, со член 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2016, па предлага да се има предвид и тој дел од оспорениот член 61-в став 1 на Законот за акцизите при оценување на неговата уставност.

На истиот ден, 2 март 2016 година, подносителот на иницијативата достави и друга иницијатива, сега за оценување на уставноста и законитоста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2014). Во оваа иницијатива најнапред се наведува дека со членот 6 од наведениот закон била извршена замена на износот „1.500“ со друг износ, „4.000“ во член 61-в став 1 од Законот за акцизите, а после таа промена биле извршени една целосна и две делумни измени во истиот став и член од Законот, со измените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015, потоа со измените објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015 и со измените објавени во „Службен весник на Република Македонија“бр.26/2016. Понатаму во иницијативата се наведува дека наведените три промени на член 61-в став 1 од Законот не определиле бришење на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2014), па таквата одредба се уште била во правниот промет и имала правна сила, од што произлегувало дека во правниот промет паралелно постоеле две норми кои меѓусебно се поврзани, но кои не биле конзистентни една со друга, а тоа доведувало до тоа една од тие одредби да не може да се операционализира и ефектуира. Со оглед дека во правниот промет мора да постојат прецизни, јасни и концизни норми, кои ако упатуваат едни на други мора да се во хармoнија и согласност, а тоа не било обезбедено со оспорениот член 6, таа законска одредба била во спротивност со уставното начело на владеење на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4.а/ Судот на седницата утврди дека член 61-в став 1 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2001, 50/2001, 52/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) гласи:

„Мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог

(1) За сторените прекршоци од овој закон, освен за прекршоците од членовите 61 став (1) точки 2), 3), 5) и 6), 61-а став (1) точки 11, 13 и 14 од овој закон, царинскиот службеник на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог за глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност на правното лице, 500 евра во денарска противвредност на трговец поединец, односно 250 евра во денарска противвредност на физичко лице.“

Од цитираната законска одредба произлегува дека за прекршоците определени во член 61 став 1 точките 2, 3, 5 и 6 и во член 61-а став 1 точките 11, 13 и 14 од Законот за акцизите не се води мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог. За другите прекршоци определени во Законот за акцизите може да се води мандатна постапка и тоа се врши така што царински службеник ќе му врачи мандатен платен налог на сторителот на прекршокот со износ од 250 до 750 евра во денарска противвредност во зависност од тоа дали сторителот е правно лице, трговец поединец или физичко лице.

б/ Судот исто така утврди дека членот 61 став 1 точките 2, 3, 5 и 6 од Законот за акцизите определува дека: „Глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец ако:

-точка 2: не ја пресмета зголемената акциза на вкупната затечена залиха на меѓупроизводи и етил алкохол од ставовите 1 и 2 на членот 36-а од овој закон и ако не достави барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки (член 36-а став 3).
-точка 3: не достави барање за доплата на акциза заедно со пресметката и записниците од ставовите 1 и 2 на членот 36-а од овој закон до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис за меѓупроизводи и етил алкохол (член 36-а став 4).
-точка 5: не ја пресмета зголемената акциза на вкупната затечена залиха на тутунски добра од ставовите 1 и 2 од членот 42-г од овој закон и ако не достави барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки (член 42-г став 3) и
-точка 6: не достави барање за доплата на акциза заедно со пресметката и записниците од ставовите 1 и 2 на членот 42-г од овој закон до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис за тутунски добра (член 42-г став 4).“

Од цитираните законски одредби произлегува дека (1) прекршоците поврзани со алкохол, и тоа: непресметување на зголемената акциза на затечената залиха на алкохолот и недоставување на барање за доплата на акцизата (член 36-а ставовите 1-4) и (2) прекршоците поврзани со тутунски производи, и тоа: непресметување на зголемената акциза на затечената залиха на тутунските производи и недоставување на барање за доплата на акцизата (член 42-г ставовите 1-4), сторени од даночен обврзник-правно лице или трговец поединец, се санкционираат со 15.000 евра во денарска противвредност.

в/ Судот понатаму утврди дека член 61-а став 1 точките 11, 13 и 14 од Законот за акцизите определува дека: „Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец, ако:
-точка 11: постапува спротивно на членовите 31 став 1 и 31-а од овој закон;
-точка 13: на минералните масла кои содржат материи за обележување се отстрани средството за обележување, се намали неговата концентрација или се додадат состојки кои ќе оневозможат утврдување на обележувањето (член 31 став 2);
-точка 14: во резервоарот на моторното возило како погонско гориво користи минерални масла кои содржат материи за обележување (член 31 став 3);“

Од цитираните законски одредби произлегува дека прекршоците поврзани со минерални масла (погонско гориво), и тоа: користење или точење на минерални масла кои содржат средство за обележување или отстранување на средството за обележување од минералните масла (член 31 ставовите 1-3 и член 31-а), сторени од даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец, се санкционира со 5.000 евра во денарска противвредност.

Според тоа, од напред изнесените законски одредби Судот утврди дека со нив се определуваат дејствијата поврзани со алкохол, тутунски производи и минерални масла кои се сметаат за прекршоци, глобата за сторителите на тие прекршоци и изземањето на тие прекршоци од мандатната постапка во која се издава мандатен платен налог.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот се определува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 2 од Уставот се определува дека „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“

Според Амандман XX точка 1 став 1 на Уставот, со кој се дополнува членот 13 од Уставот, „за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.“

Според член 14 став 1 од Уставот, „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.“

Со Амандман XXI точка 1 став 2 на Уставот се определува дека „правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.“

Во член 50 став 2 од Уставот се определува дека се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е основна вредност на правниот поредок на Република Македонија, дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со законите, дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законот и дека секој е должен тие правни акти да ги почитува. Исто така произлегува дека со закон се утврдуваат делата кои се сметаат за казниви и се определува казна за нив, дека за прекршоците определени со закон санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, дека против првостепен поединечен правен акт донесен од наведените органи е гарантирано право на жалба или друг вид на правна заштита, а гарантирана е и заштита на законитоста пред суд. Со други зборови, Уставот определува дека во уставно определените рамки законодавецот со закон ги определува видовите на прекршоци, санкциите за нив и прекршочната постапка.

Со член 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се определува дека со него се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и санкциите за нив, потоа општите услови за утврдување на прекршочната одговорност и за изрекување и извршување на прекршочните санкции, како и правилата за забрзаните прекршочни постапки и прекршочната постапка пред прекршочен орган и суд.

Во член 5 од наведениот закон се определува поимот прекршок така што се пропишува дека „прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.“

Според член 7 став 1 од Законот, пак, „правното лице може да одговара за прекршок само ако тоа е посебно определено со законот со кој е пропишан прекршокот.“

Со член 48 од Законот се определуваат видови на забрзани постапки, при што во ставот 1 се утврдуваат забрзани постапки за порамнување и тоа се: мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Во членовите 50 и 51 од Законот се определуваат дејствијата кои се преземаат во мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог и во постапката за издавање на прекршочен платен налог.

Членовите 60-76 од Законот за прекршоците ја уредуваат прекршочната постапка пред прекршочен орган, а членовите 77-151 од Законот се однесуваат на правилата на прекршочна постапка што се води пред суд.

Според тоа, од наведените законски одредби произлегува дека Законот за прекршоците ги уредува општите услови за пропишување на прекршоците и санкциите за нив, потоа општите услови за утврдување на постоење прекршок и изрекување и извршување на прекршочна санкција, како и ги уредува прекршочните постапки. Во врска со општите услови за определување на прекршоците, Законот ја утврдува дефиницијата за прекршокот, а во врска со сторител на прекршок определува дека таков субјект може да биде и правно лице ако со посебен закон е предвиден прекршок за тоа лице. Во врска со постапките, пак, Законот предвидува два вида на забрзани постапки, меѓу кои и мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог, и ги определува дејствијата кои се преземаат во таа постапка, како и прекршочна постапка што се води пред прекршочен орган и прекршочна постапка што се води пред суд.

Во конкретниот случај, членот 61-в став 1 од Законот за акцизите ги определува дејствијата кои царинскиот службеник ги презема во забрзаната мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог за сторени прекршоци утврдени во Законот за акцизите, а од која постапка се изземени прекршоците поврзани со затечените залихи на алкохол, тутунски производи и минерални масла при зголемување на акцизите за тие стоки и за што се води друга прекршочна постапка. Таквото уредување на прекршочната постапка од страна на законодавецот, според оценката на Судот, не е во несогласност со наведените уставни одредби со оглед дека Уставот определува со закон да се уреди, покрај другото, прекршочната постапка, ниту излегува надвор од општите правила на прекршочната постапка уредени со Законот за прекршоците со оглед дека со нив се овозможува пропишување на различни прекршочни постапки за прекршоците предвидени во посебните закони.

Оттука Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека Законот за прекршоците не дозволувал со посебен закон да се предвиди изземање на определени прекршоци од забрзаната мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и дека членот 61-в став 1 од Законот за акцизите спречувал да се оствари една од целите на генералниот закон-Законот за прекршоците, да не се водат прекршочни постапки пред надлежен суд или прекршочен орган во ситуации во кои можат да се водат мандатни постапки со издавање на мандатен платен налог. Судот исто така оцени дека е неоснован и наводот во иницијативата дека со оспорената законска одредба лицата кои сториле прекршок за кој не можело да се води мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог биле ставени во понеповолна положба од други лица со оглед дека еднаквоста подразбира еднакво постапување во еднакви ситуации и различно постапување во различни ситуации, а не еднакво постапување во различни ситуации како што се наведува во конкретната иницијатива.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 61-в став 1 на Законот за акцизите.

6.а/ Во однос на оспорениот член 6 од Законот означен во точката 2 од ова решение, Судот на седницата утврди дека таа одредба гласеше: „Во членот 61-в во ставот (1) износот „1.500“ се заменува со износот „4.000“.“

б/ Судот понатаму утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31.07.2015 година), во член 4 определи дека: „Членот 61-в се менува и гласи:

Член 61-в
Мандатна постапка со издавање
на мадатен платен налог

(1) За сторените прекршоци од овој закон, освен за прекршоците од членовите 61 став (1) точка 2, 61-а став (1) точки 11, 13 и 14 од овој закон, царинскиот службеник на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог за глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност на правното лице, 1.000 евра во денарска противвредност на трговец поединец, односно 500 евра во денарска противвредност на физичко лице.“

в/ Судот исто така утврди дека Законот за изменување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015 од 5.11.2015 година), во член 1 определи дека: „… во членот 61-в став (1) бројот „1.500“ се заменува со бројот „750“, бројот „1.000“ се заменува со бројот „500“, а бројот „500“ се заменува со бројот „250“.“

г/ Судот утврди и тоа дека Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2016 од 10.02.2016 година) определува дека: „Во членот 61-в став (1) зборовите: „точка 2)“ се заменуваат со зборовите: „точки 2), 3), 5) и 6).“

Според тоа, од изнесените законски одредби Судот утврди дека оспорениот член 6 изврши промена во содржината на претходно донесениот член 61-в став 1 од Законот за акцизите и дека оспорениот член 6 не е автономна норма која не е поврзана со претходна одредба од Законот, потоа дека е извршена промена на целината на член 61-в став 1 од Законот во која беше вклучена и содржината од член 6 на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2014) и од тоа произлегува дека таа одредба не е повеќе во позитивниот правен поредок.

7. Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2014 од 14.11.2014 година) престана да важи со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31.07.2015 година), од што произлегува дека таа одредба не е повеќе во позитивниот правен поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.25/2016
9 ноември 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски