Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на
– Уставноста на членот 196-б ставови 1 и 4 од Изборниот Законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011-исправка, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014-исправка, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016);
– Уставноста и законитоста на:
Одлуката за отварање канцеларии на Државната изборна комисија во седиштата на единиците на локалната самоуправа каде ќе се спроведува пријавувањето, донесена од Државната изборна комисија на 25.07.2016 година и
Јавниот повик за пријавување на граѓани чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список усвоен од Државната изборна комисија на 25.07.2016 година.
2. Политичката партија Движење БЕСА-Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање оценување на уставноста на членот 196-б ставови 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и Јавниот повик означени во истата точка од Решението.
Подносителот на иницијативата ги оспорува означените акти водејќи се од принципот дека секој полнолетен граѓанин на Република Македонија стекнува избирачко право со наполнети 18 години живот (член 22 од Уставот), дека избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, а имајќи го предвид и членот 51 од Уставот.
Во продолжение на иницијативата се цитира членот 196-б од Изборниот законик и се наведува дека преку оваа законска одредба, како и преку актите кои произлегле од неа на 39.502 граѓани на Република Македонија им се ограничувало избирачкото право, согласно објавениот рок за пријавување. И не само тоа, туку ова право им се забранувало со што се нарушувала правната сигурност на граѓаните. Тоа не било во согласност со начелото на владеење на правото и претставувало директно кршење на основните и темелни права загарантирани во Уставот.
Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти.
3. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 196-б став 1 од Изборниот законик, заради организација на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година, Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, граѓаните за кои при административните и теренските проверки спроведени согласно Правилникот за методологијата за водење и ажурирање на избирачкиот список заснована на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверки, утврдила спорни записи, односно несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверка во Избирачкиот список, во бројка од 39.502 лица, ќе ги стави на јавен увид на веб страницата на Државната изборна комисија, ќе спроведе медиумска кампања и ќе објави јавен повик за пријавување.
Во ставот 2 на членот 196-б од Изборниот законик е предвидено дека, во јавниот повик се наведуваат потребните документи за пријавување на лицата чии податоци се објавени согласно со Изборниот законик.
Државната изборна комисија, според членот 196-б став 3 од Изборниот законик, ќе достави до Министерството за надворешни работи известување за објавување на јавен повик за пријавување на граѓаните од ставот 1 на овој член. Министерството за надворешни работи го објавува јавниот повик на својата веб страница. Министерството за надворешни работи веднаш е должно да го достави до ДКП, односно конзуларните канцеларии заради објавување на нивната веб страница.
Во ставот 4 од членот 196-б од Изборниот законик е предвидено дека, рокот за пријавување согласно со објавениот јавен повик од ставот 1 на овој член е 25 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
Според ставот 5 од членот 196-б од Изборниот законик, во периодот утврден во ставот 4 на овој член, најголемите четири политички партии можат да определат свои набљудувачи во подрачните единици на Државната изборна комисија.
Во ставот 6 од членот 196-б од Изборниот законик е предвидено дека, пријавувањето може да биде лично до Државната изборна комисија или подрачните единици на Државната изборна комисија или електронски согласно со членот 48 до 51 од Изборниот законик до Државната изборна комисија.
Според ставот 7 од членот 196-б од Изборниот законик, три или повеќе члена од Државната изборна комисија, во рок од 10 дена по истекот на рокот од ставот 4 на овој член, можат да побараат дополнителна проверка за кое било од лицата кои се пријавиле во текот на увидот, при што можат да побараат лицето да се пријави лично, ако има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија или преку видео-конференциска врска ако се на привремена работа или престој во странство.
Доколку по истекот на рокот од ставот 4 на овој член, лицата чии податоци се ставени на јавен увид не постапат согласно со ставот 6 на овој член, истите не се запишуваат во Избирачкиот список (став 8).
Доколку лицата од ставот 7 на овој член не се појават лично или преку видео-конференциска врска согласно со ставот 7 или Државната изборна комисија утврди дека дадените податоци се невистинити, истите не се запишуваат во Избирачкиот список (став 9).
Според ставот 10 од членот 196-б од Изборниот законик, лицата кои нема да бидат запишани во Избирачкиот список ќе имаат дополнителна можност да се појават при Државната изборна комисија во текот на јавниот увид пред изборите.
Одредбата се оспорува по однос на ставовите 1 и 4.
-Врз основа на член 196-б од Изборниот законик и член 5 од Упатството за постапување по поднесени пријави на граѓаните чии записи во Избирачкиот список по спроведените административни и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, Државната изборна комисија на 48-та седница одржана на 25.07.2016 година донела Одлука за отварање канцеларии на Државната изборна комисија во седиштата на единиците на локалната самоуправа каде ќе се спроведува пријавувањето.
Според членот 1 од Одлуката, заради пријавување на граѓаните чии записи во Избирачкиот список по спроведените административни и теренски проверки се утврдени како спорни односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, Државната изборна комисија ќе отвори дополнителни канцеларии во седиштата на единиците на локалната самоуправа каде ќе се спроведува пријавувањето.
Според членот 2 од Одлуката, во функција на спроведување на активностите за пријавување на граѓаните, Државната изборна комисија одлучи да се отворат дополнителни канцеларии во општинските згради во 18 поименично определени општини.
Во членот 3 од Одлуката е определено дека, Државната изборна комисија ќе испрати допис до општините од член 2 од оваа одлука со кој ќе побара општината да обезбеди просторни и технички услови за спроведување на процесот на пријавување кој ќе започне на 26.07.2016 година и ќе трае до 19.08.2016 година.
Во членот 4 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на усвојувањето.
-Врз основа на член 31 став 2 точка 44 и член 196-б од Изборниот законик Државната изборна комисија на седницата одржана на 25-ти јули 2016 година, усвоила Јавен повик за пријавување на граѓани чии што записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список.
Во Јавниот повик се повикуваат сите граѓани чии што записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се утврдени како спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, во периодот од 26 јули до 19 август 2016 година да се пријават во Државната изборна комисија за да може да се запишат во Избирачкиот список.
Списокот на граѓани чии што записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список е објавен:
– на официјалната веб страница на Државната изборна комисија www.sec.mk;
– во подрачните одделенија на Државната изборна комисија и
– во месните канцеларии на Министерството за правда-Управа за водење на матични книги.
Според Јавниот повик, пријавувањето може да се изврши на два начина и тоа:
Лично во Државната изборна комисија или во Подрачното одделение или канцеларија на Државната изборна комисија, секој ден од 08:30 до 19:00 часот на поименично означени адреси на Комисијата и нејзините подрачни одделенија; лично во дополнителните канцеларии на Државната изборна комисија во седишта на поименично определените 18 единици на локалната самоуправа. При личното пријавување граѓаните е потребно со себе да носат документ за идентификација (важечка лична карта или патна исправа).
Електронско пријавување преку посебна електронска апликација, поставена на веб страната на Државната изборна комисија www.sec.mk. При пополнувањето на бараните податоци граѓаните задолжително треба да прикачат скениран-фотографиран личен документ (важечка лична карта или патна исправа) на начин да може јасно да се прочитаат нивните лични податоци, адреса на живеење и важноста на личниот документ.
Според Јавниот повик, списокот на адреси на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, како и други подетални информации може да се најдат на официјална веб страна www.sec.mk.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 196-б став 1 од Изборниот законик произлегува дека во оваа одредба за Државната изборна комисија е предвидена обврска за ставање на јавен увид на веб страната на Комисијата, спроведување на медиумска кампања и објавување на јавен повик по однос на податоците за 39.502 лица предмет на проверка во Избирачкиот список, сметано во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на Законот за дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2016) или сметано од 26 јули 2016 година. Според членот 2 од наведениот законик, истиот влегол во сила со денот на објавувањето, односно на 23 јули 2016 година).
Во оспорениот став 4 од членот 196-б од Изборниот законик, предвиден е рок од 25 дена за пријавување сметано од денот на објавување на јавниот повик. Јавниот повик е објавен на 26 јули 2016 година, а пријавувањето траело се до 19 август 2016 година, што произлегува и од содржината на оспорениот јавен повик. Оттаму, оспорените ставови 1 и 4 од членот 196-б од Изборниот законик се исцрпеле во примената на 19 август 2016 година.
Според ставот 7 од членот 196-б од Изборниот законик, три или повеќе членови на Државната изборна комисија во рок од 10 дена по истекот на рокот од ставот 4 од истиот член од Законот или сметано до 29 август 2016 година можеле да побараат дополнителна проверка за било кое лице. По истекот на наведените рокови лицата за кои ќе се утврдат невистинити податоци, нема да се јават лично или преку видео-конференциска врска нема да бидат запишани во Избирачкиот список.
За овие лица останува дополнителната можност да се пријават при Државната изборна комисија во тек на јавниот увид на Избирачкиот список пред изборите, според ставот 10 од членот 196-б од Изборниот законик.
Од вака направената анализа произлегува дека целината на член 196-б од Изборниот законик, освен ставот 10 имал своја примена во периодот 23 јули 2016 година (денот кога е објавено дополнувањето на Изборниот законик во „Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2016), па се до истекот на десет дена за дополнителна проверка од ставот 7 на членот 196-б од Изборниот законик, односно до 29 август 2016 година. По истекот на овој датум Државната изборна комисија повеќе не можела, врз основа на оваа одредба, да презема било какви дејствија во насока на јавно повикување со цел прочистување на Избирачкиот список, а по однос на овој вид на спорни записи.
Оттаму, сметано после 29 август 2016 година членот 196-б од Изборниот законик, во кој се содржани и оспорените ставови 1 и 4, освен ставот 10, се исцрпел во примената. Според тоа во иницијативата се оспорува одредба од темпорален карактер со што се доаѓа до заклучок дека сите дејствија кои се преземале врз основа на истата се исцрпени. Воедно од значење е и фактот што оваа одредба по нејзиното востановување не била предмет на натамошно изменување или пак дополнување.
Вака утврдената фактичка и правна состојба упатува на постоење на процесна пречка за постапување по овој дел од иницијативата од каде Судот оцени дека се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот.
– Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со овој акт Државната изборна комисија отворила дополнителни канцеларии во поименично утврдени општини (18 на број) во кои граѓаните со спорни избирачки записи можеле да се пријават и тоа во периодот 26 јули 2016 до 19 август 2016 година. Од анализата на оспорениот јавен повик произлегува дека списокот на граѓани со спорни записи е објавен на официјалната веб страна на Комисијата, во подрачните одделенија на Комисијата и во месните канцеларии на Министерството за правда. Притоа граѓаните со спорни записи можеле да се пријават за проверка на спорните податоци лично или електронски на точно определени адреси секој ден од 8:30 до 19:00 во горенаведениот период.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи за неограничен број на субјекти во правото и да утврдува права и обврски за неопределен број на субјекти, произлегува дека оспорената одлука и оспорениот јавен повик, не се акти подобни за уставно-судска оцена. Имено, според Судот истите претставуваат дејствија кои Државната изборна комисија ги презела за операционализација на законската обврска од членот 196-б од Изборниот законик.
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот произлегува дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот, а како Уставниот суд не е надлежен да оценува уставност и законитост на преземените дејствија.
Во иницијативата се бара оцена и по однос на законитоста на оспорените акти, но од анализата на наводите во иницијативата произлегува дека отсуствуваат наводи во оваа насока.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.140/2016
9 ноември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски